
Електричните модели учествуваат со 33 проценти во вкупната продажба и се во предимство пред приклучните хибриди со удел од 27 проценти. Тоа значи дека 60 проценти од продадените возила во Европа во сегментот до април имаат приклучок за полнење.
Новите целосно електрични модели, меѓу кои се Мерцедес-Бенц ГЛЦ и БМВ и-Икс-3, повторно ја качуваат европската продажбата на премиум СУВ од средна класа, по ланското затишје.
За напредокот на целиот сегмент, освен новите електрични модели, придонесоа и моделите со обичен погон, коишто исто така наидуваат на зголемена побарувачка. Лидер меѓу нив е Мерцедес-Бенц ГЛЦ, веднаш по него е БМВ Икс 3.
Растот на пазарот претставува пресветница во споредба со минатата година, кога продажбата се зголеми за само 1 процент. Тоа меѓу другото беше предизвикано од престанокот на производството на некои електрични модели од првите генерации, главно на Мерцедес-Бенц, БМВ и Џагјуар. Дел од купувачите што се загреваа за тие модели, веројатно решија да го одложат купувањето и да ги почекаат новите модели.
Меѓу електричните новодојденци во сегментот спаѓаат Мерцедес-Бенц ГЛЦ, што ја користи новата платформа МБ.ЕА на штутгарскиот производител, како и првиот модел на БМВ од Ное Класе, и-Икс-3. Наскоро започнува продажбата на третиот важен новитет во сегментот, Волво Е Икс 60.
Сите овие модели нудат досег и цени што се споредливи со нивните современици со обичен погон.
„Тоа ќе биде од голема корист за електрификацијата на целиот пазар во Европа, затоа што ќе има силна понуда во овој сегмент, со БМВ, Мерцедес-Бенц и Волво, што ќе се натпреваруваат,“ кажа Хакан Самуелсон, извршниот директор на Волво. „Ценам дека тоа може да поттикне голем број купувачи, што уште се двоумат околу купувањето електричен автомобил, да проверат повторно.”
Продажбата на БМВ и-Икс-3 порасна 171 проценти до април, со 10.299 возила, почнувајќи од март. Во април, баварскиот СУВ беше најпродаван ЕВ во сегментот, престигнувајќи го Ауди Ку 4 Е-трон.
Поранешниот извршен директор на БМВ, Оливер Ципсе, изјави пред инвеститорите во минатиот месец, дека секоја трета нарачка за ЕВ од БМВ се однесува на и-Икс-3, со преку 50.000 добиени нарачки.
„Лансирањето на и-Икс-3 мина исклучително успешно,“ кажа Ципсе, кого што на 14-ти мај го замени Милан Недељковиќ, дотогашен директор на производство.
БМВ ги доведе технологијата и електричните пеформанси на ново рамниште, ветувајќи досег до 628, односно до дури 805 километри со најголемата батерија. Основниот модел во Германија се продава поевтино од изведбата со приклучен хибриден погон, со цена од 63.400 евра, наспроти 66.900 евра.
Волво, во меѓувреме, најавува досег меѓу 611 и 810 километри за својот Е Икс 60 којшто во Германија стартува под и-Икс-3, со цена од 62.990 евра, а тоа пак е поевтино од моделот со приклучен хибриден погон Икс Ц 60 ПХЕВ, што чини 67.990 евра.

Испораката на Е Икс 60 штотуку започна. Производителот што е дел од кинеската групација Џили, очекува силна побарувачка и производство од 40.000 возила за светскиот пазар до завршетокот на годинава.
Електричниот Мерцедес-Бенц ГЛЦ штотуку ќе почне да става вистински печат на продажбата, по мартовскиот почеток на испораките. Извршниот директор на Мерцедес-Бенц, Ола Калениус, во април изјави дека книгите со нарачки за ГЛЦ се полни до завршетокот на годинава. Мерцедес-Бенц го произведува електричниот СУВ во три смени, во својата фабрика во Бремен, Германија. Додадена е дополнителна смена во саботите, за да се покрие побарувачката.
Ценовникот на ГЛЦ во Германија почнува од 67.716 евра, со досег до 673 километри, што е под цената на моделот со приклучен хибриден погон, од 68.889 евра.
Полстар 4 исто така учествуваше во зголемувањето на продажбата во премиум средната класа за 19 проценти, со 54.242 возила до април, што на ЕВ им донесе удел од 28,5 проценти во вкупната продажба.
Мерцедес-Бенц ГЛЦ, БМВ и-Икс-3 и Волво Е Икс 60 го предизвикуваат Ауди Ку 6 Е-трон, којшто се соочи со пад од 23 проценти во продажбата, со 12.536 возила во првите четири месеци, иако додавањето на изведбата со купеовски опаш Ку 6 Е-трон Спортбек го зголеми можниот круг на купувачи за моделот.
Електричниот Порше Макан, што ја дели техниката со Ку 6 Е-трон, исто така имаше пад во продажбата, со 30 проценти во минус и 1.682 возила.
Побарувачката за новите електрични модели во сегментот, меѓу кои Полстар 4, придонесе уделот на електричните модели да достигне 33 проценти во првите четири месеци, престигнувајќи ги приклучните хибриди со нивниот удел од 27 проценти.
Повеќе од половината од моделите што се продадени во сегментот до април поседуваат приклучок за полнење.
Кај приклучните хибриди предводи Волво Икс Ц 60, и покрај падот од 17 проценти во продажбата.
Побарувачката за поновите ПХЕВ-верзии на ГЛЦ и Икс 3, исто така порасна, за 70, односно 73 проценти соодветно, на второто и третото место.
Волво ќе го реши заостатокот на Икс Ц 60 во електричниот досег со нова верзија на моделот што се очекува кон завршетокот на следната година.
За дизелот и натаму владее пристојна побарувачка во сегментот, со удел од 21 прпценти во првите четири месеци. Најпродаван модел во сегментот со дизел мотор е Мерцедес-Бенц ГЛЦ.
Бројни марки се борат да постигнат позабележлив пробив во сегментот. Ауди, Мерцедес-Бенц, БМВ и Волво, заедно покриваат 81 проценти од продажбата во првите четири месеци. Најблиску до нив е Лексус, со удел од 5,2 проценти. Полстар постигна најголем пробив од новодојдените марки, со удел од 4,7 проценти до април, на сметка на Порше и Ланд Ровер, што го загубија својот удел.
Новите електирчни модели од Ланд Ровер, што се очекуваат до завршетокот на годинава, треба да го вратат уделот на марката во сегментот, откако заедничката продажба на Дискавери Спорт и Рејнџ Ровер Велас се намали за 11 проценти во првите четири месеци.
Марките на Стелантис и натаму наидуваат на пречки, со пад од 34 проценти во продажбаа на Алфа Ромео Стелвио, со 1.711 возила и Масерати Грекале, со продадени 853 возила и пад од 19 проценти. Џенезис постигна раст од 15 проценти, но продажбата од 770 возила пак е незабележлива.















