за

Volkswagen го испорача XL1 на првиот купувач

Кој е најскапиот модел на Volkswagen? Веројатно Phaeton или можеби Touareg? Погрешно. Тоа е еден малечок автомобил со моторче од 800 сантиметри кубни и потрошувачка под еден литар.

По малку е изненадувачка веста што денес ја објави Volkswagen за испораката на првиот примерок од XL1. Гигантот од Волфсбург уште лани бомбардираше со вести за XL1, прикажа фотографии од производството, пушти неколку примероци на тест кај јавни личности. Но, сериското производство на моделот стартуваше дури пролетоста. Покрај тоа, XL1 не е обичен и евтин малечок автомобил, туку е најскапиот модел од Volkswagenшто во моментов може да се најде на пазарот. Неговата цена изнесува 111.000 евра во германскиот ценовник на VW. За толку пари се купува Porsche 911 или класата Sна Mercedes со осумцилиндарец и со продолжена каросерија. Тој што планира да го купи овој автомобил мора да е многу сигурен во изборот и да одолее на побрзите, покомфорните или попрактичните автомобили што се нудат во салоните.

Првиот купувач е Кристијан Малорни од Берлин, кој почестен како прв купувач изјави „XL1 ме одушеви уште од почетокот и ме радува што сега можам да го возам како сопствен автомобил. Со визионерскиот дизајн и со впечатокот за висока технологија, Volkswagenуспеа да направи нешто ново и иновативно.“ По оваа изјава што многу потсеќа на жаргонот на маркетиншкото одделение на Volkswagen, господин Малорни го презеде возилото во „Стаклената мануфактура“, како што се нарекува напредната фабрика на коцнернот во Дрезден.

Со фабрички декларирана потрошувачка од 0,9 литар на сто километри, XL1 е најштедливиот сериски автомобил на светот – со исклучок на електричните автомобили. За погон служи дизел од 800 сантиметри кубни, со 48 КС, во комбинација со електромотор од 20 киловати. Двоседот може да мине до 50 километри со енергијата во батериите, а вкупниот досег е десетпати поголем од тоа. Во штедењето помагаат и ниската тежина од помалку од 800 килограми, како и совршената аеродинамична форма со коефициент 0,189. При возење на струја, електричниот Volkswagen троши помалку од 0,1 киловатчас за повеќе од еден километар пат.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Овие автомобили задржуваат најмногу од вредноста по 4 години

Колку автомобили произведуваат европските земји?