за

Петтата Toyota Prius станува спортска лимузина со хибриден погон

Главната новина во петтата генерација на Toyota Prius се значително зајакнатите погонски единици, со спринт кус 6,7 секунди. Штедливоста на хибридот е стандардна програма.

Toyota сврте нова страница за новата генерација на Prius, првиот хибрид од големосериско производство во историјата. Prius е синоним за ниски трошоци и мало влиојание врз животната средина. Новата генерација не донесува спектакуларно пониски вредности за потрошувачката, но затоа новиот автомобил е драстично побрз.

На новиот Prius му се познава дека следи сосем различна замисла во споредба со неговите славни претходници. Од оваа каросериска форма зрачат спортски дух и моќ. Платформата е нова и обезбедува пониско тежиште, а со тоа и подинамично однесување во возењето. Клинестата форма што сугерираше лесно пробивање низ воздухот, се замени со дизајн, што дури и личи да се нарече секси.

Директорите на Toyota денес го открија Prius со нов пристап во осмислувањето на возилото, претставувајќи го како „еден тон повеќе моќност и уживање, но со истата скромна потрошувачка на гориво.“

Претседателот на Toyota, Такеши Учијамада, познат и како „таткото на Prius, кој го одушеви светот кога го разви првиот хибриден автомобил во светот, вели дека Prius повеќе не е автомобил што прави компромиси.

„Сакавме да покажеме дека можеме да ја задржиме ефикасноста, а да постигнеме значителен скок во перформансите“, изјави Учијамада за индустрискиот гласник Аутомотив Њуз. „Не мораме да се спогодуваме околу зделката. Можеме да ги постигнеме двете нешта“.

New item by Automedia MK / Google Photos

Изведбата со приклучен хибриден погон, значи со можност за батеријата да се полни надворешно, располага со 77 проценти повисока моќност од досега. Стандардниот хибрид, значи изведбата што е самополнечка, без „штекер“, посилна е за 60 проценти од претходно. Овој раст доаѓа од петтата генерација на хибриден погон на Toyota, којашто донесува посилни мотори, нова батерија и посилни електромотори.

New item by Automedia MK / Google Photos

Toyota не ги објави податоците за потрошувачката, затоа што моделот уште се наоѓа во фаза на хомологација на тие вредности, меѓутоа директорите посочија дека просечната потрошувачка ќе остане иста како досега. Кај изведбата со приклучен хибрид, досегот на возење чисто на струја, сепак е зголемен за 50 проценти.

Учијамада ја претстави првата генерација на Prius под слоганот „Точно на време за 21-от век“. Денес, по четвртина век, новото звучно ветување гласи „Hybrid Reborn“, повторно раѓање на хибридот.

Сосем нов пристап во развојот на Toyota Prius

Инженерите и директорите при претставувањето на моделот, прво во Токио, а потоа на салонот во Лос Анџелес, напоменуваат колку е важно Prius да се задржи во ерата на електричните возила. Големи производители на електрични автомобили, коишто почнаа како стартап-компанија, од ковот на Tesla, денес го преплавуваат пазарот. Во исто време, производителите на автомобили од старата школа, од General Motors до Volkswagen, се тркаат кој побрзо да ги отфрли моторите со внатрешно согорување и да ги замени со батериски електрични системи, што не испуштаат ниту грам штетни материи. Во такво расположение на автомобилската сцена, може да се стекне впечаток дека хибридите нé навраќаат на некои стари времиња. Но, тој впечаток е лажен, очигледно е дека во хибридите има уште многу материјал за иднината, а воедно и пазарот уште е расположен за овој погон.

New item by Automedia MK / Google Photos

Извршниот директор Акио Тојода предложил Prius да прерасне во „масовен“ автомобил, односно во возило за големи возни паркови, што ќе биде со мошне достапна цена, практично да прерасне во возило за такси компании и за други видови услуги на превоз. На тој начин би се искористиле големите заштеди што ги постигна Toyota во усовршувањето на хибридната технологија и би се постигнале уште повисоки бројки во продажбата.

Но, инженерите биле против таа идеја. Тие сакале да го задржат пионерскиот и револуционерен дух на Prius, којшто отсекогаш бил дел од името на моделот. Самиот збор Prius потекнува од латинскиот јазик и се однесува на некој што е прв, пред другите.

Од тимот за развој, предводен од главниот инженер Јасуши Уеда и од шефот за развој Сатоки Оја – кои претходно не учествувале во развојот на Prius – предложиле кај новиот модел да се оди на перформанси и емоции.

Тие не сакале да го жртвуваат имиџот на Prius како заштитник на животната средина. Но, од друга страна, инженерите сакаа да стават крај на долгогодишните критики, дека Prius бил старомоден и здодевен автомобил.

Сопствениците на Prius забележувале за хипер-ефикасното „CVT-чувство“ (познатото завивање поради начинот на работа на безстепениот менувач при посилно притискање врз гасот), открива Масахико Маеда, директорот за технологија и претседател на развојниот центар на Toyota.

„Сакавме да постигнеме многу подобри перформанси“, изјави Маеда во интервјуто за Аутомотив Њуз. „Посебно во САД, луѓето сакаат автомобили што забрзуваат посилно“.

Дебатата се водела во периодот меѓу 2018 и јануари 2021 година, кога претседателот Тојода конечно дал зелено светло, за новиот Prius да се развива во насока на повеќе емоции. Шефот тогаш уште не бил сосем убеден дека тоа е вистинската насока.

Маеда цени дека преоѓањето на посилни мотори со воздбудливи перформанси ќе привлече нов круг купувачи. Тоа ќе води кон освојување нов пазар за хибридната технологија на Toyota, но во исто време ќе има придобивки и за животната средина и намалувањето на штетната емисија, затоа што поширок круг купувачи ќе се префрлува на хибриден погон.

New item by Automedia MK / Google Photos

Најдобрата година за Prius беше 2010 година, кога ширум светот беа продадени вкупно 509.380 возила. Лани, тој број спадна на само 85.970 возила. Од сите генерации од 1997 година досега, произведени се вкупно 4,7 милиони примероци од Prius.

Петтата генерација на Prius ќе стартува со производство во декември, во фабриката Цуцуми, во Тојота Сити. Таму се произведува и постоечкиот модел. Продажбата во Јапонија ќе стартува во јануари. Во почетокот на следната година, Prius ќе почне да се испорачува и во Европа и во САД. Моделот нема да се продава во Кина, каде што Prius не се испорачува уште од 2016 година.

Традиционалната изведба на Prius и изведбата со приклучен хибриден погон користат дволитарски мотор, во комбинација со литиум-јон батерија од 4-та генерација. Тоа е скалило погоре од сегашниот модел, којшто се нудеше само со 1,8-литарец, со никел-метал хидридна батерија. Во гамата на новиот Prius ќе се нуди и подостапна изведба со 1,8-литарски мотор. Новина е изведбата со погон на сите тркала, со електромотор за задната оска.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by TOYOTA (@toyota)

Хибридниот погон од 5-та генерација го доживува своето деби во европската Toyota Corolla Cross хибрид, којашто имаше и македонска премиера пред само неколку денови. Prius првпат ќе добие дволитарец, во комбинација со можност за надворешно полнење на батеријата.

Во сегашниот Prius, двете изведби, со и без штекер, располагаат со 90 киловати, односно 122 КС комбинирана моќност. Новиот хибрид со дволитарски мотор постигнува 144 kW (196 КС), додека верзијата со приклучен хибриден погон доаѓа до 164 kW, односно 223 КС. Посилниот модел постигнува спринт до темпо сто за 6,7 секунди, што е веќе друга категорија во споредба со 11,1 секунди кај сегашниот модел. Стандардниот модел спринтува за 7,5 секунди, наспроти 10,4 секунди претходно.

Toyota посочува дека моделот со приклучен хибриден погон ќе постигнува за 50% подолг досег во споредба со постоечкиот Prius PHEV.

Сменета е поставеноста на батеријата. Додека кај постоечкиот модел, таа беше под подот на багажникот, нејзиното место сега е под седиштата. Со тоа се отвори повеќе простор во багажникот.

Друга разлика е начинот на којшто Toyota ќе прави разлика меѓу стандардниот модел и изведбата со приклучен хибриден погон. Претходно, верзијата со штекер се разликуваше со неколку преправки во стилот, вклучувајќи ја брановидната форма на задниот поклопец и мотивот во задните светла. Сега речиси и нема видни разлики меѓу двете изведби. Toyota вели дека тоа е пристап „One Prius“.

Сменетиот стил донесува многу посимпатичен лик, со црти коишто се пренесени од електричниот кросовер bZ4X. Каросеријата ја задржува комбилимузинската форма, но таа сега е пониска и поширока (+22 mm). Малку е додадено во должината (+46 mm), а има и подолго меѓуоскино растојание (+50 mm). Покривот е поместен наназад, за на тој начин да се постигне поспортски изглед. Рачките во задните врати се сокриени во рамката на прозорецот, по пример на стилскиот кросовер C-HR.

Впечатливи се буквите од името Prius што се поставени на растојание во задниот поклопец. За да се нагласи спортската нота, тркалата имаат поголем пречник, од 17 до 19 инчи. Нови се и двете бои, Ash и Mustard.

Toyota Corolla Cross или СУВ-изведбата од најпродаваниот автомобил во светот

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Хакерите барале 50 милиони долари за украдените податоци од Continental

Fiat Nuova 500 со месеци е најпродаван електричен автомобил во Германија