за

Toyota им останува верна на лимузините на пазарот во САД

Производителите масовно се откажаа од лимузините за пазарот во САД, иако уште има огромна побарувачка. Лидерската позиција на Toyota ѝ дозволува на јапонската марка уште долго да остане во овој сегмент.

Toyota Avalon · Toyota им останува верна на лимузините на пазарот во САД
Toyota Avalon · јапонската марка им останува верна на лимузините на пазарот во САД

Производителите на автомобили во САД им го вртат грбот на традиционалните лимузини. Toyota цени поинаку и не само што не се откажува од класичната каросериска форма, туку работи на збогатување на понудата.

Кросоверите и СУВ-моделите бележат растечка продажба на најголемите светски пазари, и во Европа, и во Кина и САД. Пикапите од типот на Ford F-150, Ram 1500 или Chevrolet Silverado остануваат неприкосновени, како најпродавани возила на пазарот во САД – и се водат како товарни возила. На пазарот на патничките автомобили, пак, најпродавани модели повеќе не се Toyota Camry и Honda Accord, туку на нивното место се најдоа Toyota RAV4 и Honda CR-V

За споредба, традиционалните лимузини во 2010 година учествувале со 39 проценти во вкупната продажба, додека лани нивниот удел се намалил на само 22 проценти. Ford уште во 2018 година реши да се збогува со класичните модели со триделна каросерија и со комбилимузините, за целосно да им се посвети на СУВ-моделите, пикапите, доставните возила – и на Mustang.

Lincoln, луксузната марка на Ford, само уште неколку месеци ќе нуди класична лимузина со четири врати. General Motors, кој некогаш имаше најширока понуда од модели и каросериски изведби, моментно ги нуди единствено „класичарите“ Chevrolets Sonic (лимузинска изведба на Spark), Malibu и Impala. Личи како да е дојден крајот за лимузините, но Toyota цени поинаку.

Понудата од лимузини опадна драстично, иако на пазарот и натаму има голема побарувачка за возилата со класичната каросериска форма

Според американскиот огранок на Toyota, производителот останува посветен на растечкиот сегмент на кросовери, пикапи и СУВ-модели, но во исто време продолжува да вложува во развојот и продажбата на лимузините. Toyota се решава на ваков чекор поради тоа што понудата од лимузини на пазарот во САД е смалена драстично, иако уште постои огромна побарувачка за овој вид возила.

Toyota очекува дека годинава на американскиот пазар ќе се продадат 4 милиони лимузини. Секако дека производителот планира да учествува колку е можно повеќе во тој пазарен колач. Од 2,1 милиони возила што Toyota ги продаде лани на пазарот во САД, близу 770.000 возила беа класични лимузини. Стратегијата на јапонската марка е преку понуда од повеќе лимузински модели, специјални серии и варијанти со погон на сите тркала, да се привлечат уште повеќе купувачи во овој сегмент.

Јапонскиот производител со неколку фабрики во САД не е единствен што им останува верен на лимузините. Азиските марки, всушност, единствени го држат во живот култот и пазарот на автомобилите со триделна каросериска форма. Само во понудата на Toyota се наоѓаат Yaris (Mazda 2 Sedan), Corolla, Camry, Avalon, Mirai и Prius. Корејскиот Hyundai ги продава Accent, Elantra и Sonata, додека сестринската марка Kia ги има во понуда Rio Sedan, Forte, K5, Stinger, Cadenza и K900.

Nissan исто така има широка понуда од лимузини, со Versa, Sentra, Altima и Maxima. Не заостанува ниту Honda со своите Civic Sedan, Insight, Accord и Clarity. Уште поубедливи се луксузните марки, како Lexus, во чијашто понуда уште се наоѓаат бројни лимузински модели. Секако дека во овој сегмент се присутни и германските премиум марки Audi, Mercedes-Benz и BMW, кои своите лимузини ги нудат во најразлични моделски изведби во САД.

Зошто ја возевме Toyota Camry до големите вештачки езера?

Toyota Camry Hybrid
Toyota Camry Hybrid

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Пазарот на користени возила во Британија преполовен поради корона

Пазарот на користени возила во Британија преполовен поради корона

Suzuki Challenge се вози во Италија по 21-ви пат

Suzuki Challenge се вози во Италија по 21-ви пат