Кај овие теренци е неважно моделот да биде од најновите: Toyota Land Cruiser

Toyota Land Cruiser
Toyota Land Cruiser

На сцената постојано се појавуваат нови СУВ-модели, во овој сегмент што расте рапидно повеќе од две децении. Во меѓувреме пристигаат и нови генерации на култните имиња на вистинските теренци, оние што на СУВ-моделите им служат како пример, но повеќе како пример за стилот, отколку за способностите. Некои легенди успеваат одлично, особено новото издание на неговото височество Mercedes G-Class, а не заостанува и најпријатното изненадување на сцената во минативе неколку години, Suzuki Jimny. Моментно е актуелен Land Rover Defender, носител на едно од најценетите имиња во теренското возење, на чијшто техно-мехно стил, сопствениците на моделот и воопшто на марката гледаат, најблаго кажано, со потсмев. 

Некои марки сепак остануваат доследни на оригиналниот концепт. Toyota Land Cruiser, на пример. Податоците за моќноста на моторот или за аглите на пристап и излез на оваа легенда со близу седум децении историја се добро познати. Набројувањето на диодните светилки и мерењето на пречникот на дисплеите во кабината уште помалку се интересни кај возилата од овој ков. Што тогаш прави Toyota Land Cruiser да биде посебна и ценета по своите теренски својства, сé до актуелнава генерација што опстојува покрај бројната СУВ-конфекција?

Тоа што прво се наведува во кругот на познавачите е конструкцијата со носечка рамка, врз којашто лежи каросеријата. Предностите се најразновидни, од отпорност на свивање и долготрајност, до лесно и евтино одржување и поправање. Покрај тоа, кога човек ќе се најде во „небрано“ среде пустелија, кадешто најблиската механичарска помош е оддалечена веројатно стотици километри, важно е поправката да биде едноставна. Профитира и комфорот, секако.

Од друга страна, важно е техниката да биде во духот на времето. Land Cruiser напред користи независно водење со триаголни водилки, додека задната крута оска се „мести“ со четири водилки и со т.н. панардов лост. Инженерите не пропуштија да си поиграаат со новите технологии кај актуелниот модел. Станува збор за динамична контрола на подвозјето KDSS (Kinetic Dynamic Suspension System). Негова задача е да го оптимира дејството на предните и задните стабилизатори, со цел да се постигне повисока динамика и на асфалт и по земја.

https://photos.app.goo.gl/QHTqScKiJ8jVrCDU8

Во повисоките нивоа на опрема се вградуваат и активни амортизери AVS, за чијашто работа може да се избира меѓу нормална, комформа и спортска програма. Електронската контрола на задната пневматска амортизација е поврзана со активниот систем за амортизација и самата поседува уште пет модуси на регулација, вклучувајќи можност за висината од подлогата да се зголеми со притискање на копче. Техничарите на Toyota се погрижија задната оска да амортизира оптимално, независно од бројот на патници или натовареноста на возилото.

Спомнатата контрола KDSS буквално ги откачува предните и задните стабилизатори, со цел да се постигне што е можно поголемо вкрстување на оските при наидување на екстремни услови на теренот. Тоа се постигнува со помош на хидраулика. Во такви ситуации помагаат и AVS и приспособливата пневматска амортизација назад.

Три варијанти на задниот диференцијал, топ-изведбата стандардно со Torsen LSD

Постојаниот погон на сите тркала на Land Cruiser со два сервомотори во средниот диференцијал се нуди во три верзии. Во секоја верзија пости едноставен диференцијал напред и автоматски средишен торсен-диференцијал со улога на разделен преносник. Тој ја менува распределбата на вртежниот момент до оските во сооднос од 30:70 до 50:50, зависно од ситуацијата. Разликата е назад. Клиентите можат да избираат меѓу едноставен диференцијал без блокада, потоа диференцијал со мануелно вклучување на блокада и нов заден торсен-диференцијал.

https://photos.app.goo.gl/pvESpRbmxpaTqRNd8

Последниов има две важни функции. Прво, при забавување во свијоци, тој го пренесува притоа содадениот момент од внатрешното кон надворешното тркало во свијокот. На тој начин се подобрува стабилоста. Од друга страна, кога задното тркало што е од внатрешната страна во свијок ќе изгуби контакт при забрзување, торсен-диференцијалот префрлува дел од вртежниот момент кон надворешното тркало. Ова, пак, придонесува за подобра тракција на растресита и на лизгава подлога.

При спуштање по стрмна надолнина или искачување по нагорнина, возачот може да избира меѓу пет степени на „ползење“, што се постигнува преку соодветна регулација на моторот и на сопирачките. Оваа функција може да се користи и за ослободување на возило, доколку заглави во кал или снег, без потреба од користење на педалите.

Возачот има избор од пет програми за возење по терен

При последното моделско освежување, Land Cruiser доби уште автоматски режим, за прочуениот Multi-Terrain-Select (MTS). Системот нуди избор меѓу пет режими за теренско возење: Mud & Sand, Loose Rock, Mogul, Rock и Dirt & Rock. Секоја од овие програми има различно дотерување на активниот систем за контрола на тракцијата A-TRC, на електронската педала за гас и на сопирачките. Целта е да се постигне максимална тракција во секакво теренско сценарио.

https://photos.app.goo.gl/JCWJX2aFv8hnFRw56

Дисплеите овозможуваат едноставно ракување со различните системи, но и добар преглед врз позицијата на LC на теренот. Во средината на конзолата се наоѓаат командите за Multi-Terrain-Select и за Crawl-Control. На истиот панел се поставени и копчињата за висинско местење, 2nd Start (со автоматик поаѓа во втор степен), како и прекинувачите за блокадата на диференцијалите.

Од голема корист во екстремни услови е прикажувањето на аголот на наведнување на каросеријата, статусот на контролата на тракцијата и на блокадите на диференцијалите, исто како и аголот на завртување на воланот.

Предната камера го прикажува просторот до три метри пред возилото; Има камери и странично

Кога возачот ќе го активира системот MTS, системот од камери со преглед во 360 степени автоматски ја прикажува сликата од предната камера на дисплејот во средишната конзола. Следен стадиум е можноста возачот да избира различни прикази од предната или задната камера, како и од страничните камери. Екстра-функции се поглед директно под возилото (до три метри пред возилото), стабилизирање на предната камера (се израмнува со хоризонтот), панорамски приказ и широкоаголна камера при возење наназад.

https://photos.app.goo.gl/4XurVDmBEUTHmkay5

Колку Toyota „верува“ во својот Land Cruiser? Верува 200.000 километри или шест години, колку што е гаранцијата. Тоа е веќе врвна понуда. LC 150 моментно е најскапата машина во понудата на Toyota на македонскиот пазар. Во изведбата Luxury Premium, цената изнесува 77.300 евра, вклучувајќи 6-степен автоматик. Основната изведба не заостанува многу – во опременоста. Цената за изведбата Comfort изнесува 52.900 евра, за средното ниво Executive се потребни 61.900 евра.

Неколку ставки од врвното ниво: Покрај сите можни теренски системи, заедно со Torsen LSD диференцијал назад, овој Land Cruiser доаѓа уште со кожен ентериер, електрика за предните и греење за предните и задните седишта, плус електрично соборување на третиот ред седишта, сончев покрив, дисплеј од 9 инчи во таванот, MTM, цел арсенал системи за асистенција, понатаму навигација, JBL-озвучување, активно подвозје итн. Во овој случај и Lexus нема што да додаде. LX целосно го користи Land Cruiser како основа, со вообичаениот екстра-луксузен третман на марката.

Претходна објаваВелосипедите на струја се добри за … лов!
Следна објаваОвие компактни СУВ-модели имаат најмалку дефекти според ТУВ

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here