за

Овие компактни СУВ-модели имаат најмалку дефекти според ТУВ

Suzuki Vitara terensko vozenje
Suzuki Vitara terensko vozenje

СУВ-моделите од градската и компакт класата моментно уживаат висока популарност. Купувачите ги ценат компактните димензии, високото седење и добрата прегледност. Но, на пазарот на користени возила, некои модели се посигурен избор од останатите.

Овие популарни модели од СУВ-сегментот се снаоѓаат лесно во градското секојдневие со компактните димензии, нудат и порелаксирано возење поради подобрата прегледност од седењето на повисоко и практични се кога треба нешто да се превезе. Но, колку што имаат заеднички својства, толку овие модели се и различни. На пример, Mazda CX-3 става повеќе нагласок на стилот и сака да убеди како автомобил од премиум марка. Моделот е во продажба петта година и на пазарот на користени возила веќе има и ценовно достапни понуди.

Од друга страна, Renault Captur долги години беше меѓу бестселерите во сегментот и општо на пазарот. Францускиот градски СУВ е на пазарот од 2013 година и нуди практичност, просторност и комоција. Овие два модела имаат различни концепти, но во едно се слични. Тоа е нивната издржливост, според оцените на познатата и релевантна организација ТУВ во Германија.

Според техничарите на ТУВ, Renault Captur е над просекот во својата класа во поглед на издржливоста на пружините, амортизерите, но и на сопирачките. Кај постарите модели, сепак треба да се внимава на компонентите од водењето на тркалата, односно на водилките, зглобовите и лежиштата. Во овие подрачја, кај моделот на Renault се појавуваат проблеми почесто отколку во просекот. Кај малечкиот СУВ на Mazda нема забелешки од страна на ТУВ. Допрво ќе се покажува колку навистина е издржлив CX-3. Ако се суди според искуствата од поголемиот CX-5, сопствениците нема од што да стравуваат.

Дали се исплатуваат поскапите СУВ-модели од премиум марките?

Една класа погоре, меѓу компактите СУВ-модели, долго се присутни премиум марките со модели како Audi Q3 или BMW X1. Може да се смета дека парите се инвестирани добро во нив, затоа што двата модели минуваат добро кај ТУВ. Примероците од BMW X1 (од типот E84, претстсавен во 2009 година) што се стари меѓу четири и пет години, може да покажат недостатоци во работата на сопирачките. Во другите подрачја, нема проблеми ниту меѓу примероците што се постари од девет години.

Слично е кај Audi A3, братот на Volkswagen Tiguan, кој постојано добива одлични оцени кај ТУВ. Тоа важи и за подвозјето, коешто честопати е слабост кај СУВ-моделите. Меѓутоа и Q3 има една слаба точка. Кај моделите постари од шест години може да се случи пукање на пружините.

Сите СУВ-модели не завршуваат толку добро при техничкиот преглед кај ТУВ. Кои модели може да се изберат без премногу грижи, а кои модели е подобро да се избегнуваат, следи во продолжението.

Mazda CX-3

Автомобилот изгледа привлечно, но и добро е изработен. Кај примероците што се стари над три години, техничарите на ТУВ немаат поплаки. Бројот на возила што го минуваат техничкиот преглед без откриени недостатоци или дефекти е над просекот. Подрачјето во коешто Mazda се движи во просекот, се пружините и амортизерите. Процент на возила со недостатоци: 2,7% (Ø 5,8 %)

Audi Q3

Постарите примероци од Audi Q3 имаат далеку помал Процент на возила со недостатоци од просекот. Братот на Volkswagen Tiguan секогаш добива одлични оцени од ТУВ. Слаба точка се пружините, а се јавуваат и проблеми со изгребани или кородирани сопирачки дискови. Бројот на возила што немаат ниту еден посериозен дефект сепак е далеку над просекот и тоа важи за сите годишта на овој модел. Процент на возила со недостатоци: 2,9% (Ø 5,8 %)

Suzuki SX4 S-Cross

Ненападен изглед, во спој со издржлива техника. Јапонскиот модел во оваа генерација е на пазарот од 2013 година и секогаш се вбројувал меѓу најиздржливите компактни СУВ-модели. На тестот на 100.000 километри на германскиот магазин Ауто Билд, Suzuki доби одлична оцена 5-. При разгледување на користен примерок може единствено да се погледне дали се појавува капење масло од моторот Процент на возила со недостатоци: 3,3 (Ø 5,8 %)

Suzuki Vitara

Suzuki Vitara 1.0 Test

Компактен СУВ, што се снаоѓа одлично и по терен, воедно и еден од ретките модели со погон на сите тркала во класата. Генерацијата LY имаше премиера во 2015 година и се одликува со одлична издржливост. Со исклучок на светлата и можноста повремено да капе масло од моторот, експертите на ТУВ немаат забелешки за Suzuki. Бројот на примероци што минуваат без проблеми на технички преглед е далеку над просекот. Добриот глас и едноставното одржување сепак го прават своето: Vitara не е меѓу најевтините понуди на пазарот на користени возила Процент на возила со недостатоци: 3,8% (Ø 5,8 %)

Opel Mokka X

Производството на оригиналниот модел на Opel заврши лани во јули. Кој планира да се поднови со користен СУВ, нема да погреши и ако го избере овој модел долг 4,30 метри. Контролорите на ТУВ немаат забелешки за подвозјето или за сопирачките. Добриот биланс го нарушува единствено повреметното протекување масло од моторот и менувачотПроцент на возила со недостатоци: 3,9% (Ø 5,8 %)

BMW X1

Компактниот СУВ од премиум марката е присутен на пазарот од 2009 година. Најмалечкиот СУВ на баварците со право ужива висока популарност. Мал е бројот на возила што имаат недостатоци. Покрај тоа, километражата исто така им е под просекот. Не е толку важно за која генерација ќе се реши купувачот, затоа што двете се добри. Не е на одмет добро да се провери функционирањето на сопирачките, кај моделите што се постари од пет години Процент на возила со недостатоци: 4,4% (Ø 5,8 %)

Mitsubishi ASX

Mitsubishi ASX 2020

Тој е како тајна препорака за купувачите на користени возила. СУВ-моделот може да се најави како користен автомобил по релативно достапна цена, а што се однесува до оцените од ТУВ, тој минува подобро од повеќето модели во неговата класа. Подвозјето, коешто е вечна слаба точка на СУВ-моделите, кај ASX е далеку подобро од просекот. Нема проблеми ниту во поглед на протекување масло или во осветлуавњето. Единствено треба да се посвети внимание на дејствувањето на сопирачкитеПроцент на возила со недостатоци: 4,6% (Ø 5,8 %)

Renault Captur

Францускиот СУВ нуди шик-изглед и добри оцени од техничарите на ТУВ. Тој е пример за останатите модели на Renault и добива препорака и како користен автомобил. Повеќе проблеми може да има само во подвозјето, во водењето на тркалата. Постарите примероци имаат повисок процент на дефекти од просекот. Но, нема што друго да се забележи, затоа што пружините, амортизерите, погонските оски, управувањето и сопирачките се сосем во ред Процент на возила со недостатоци: 4,6% (Ø 5,8 %)

Nissan Qashqai

Втората генерација на моделот напредуваше многу. На супертестот на 100.000 километри во Ауто Билд, јапонскиот СУВ доби оцена 4. Qashqai остава добар впечаток и на технички преглед. Првата генерација (2007 – 2013) имаше фантастични продажби, но добиваше слаби оцени од ТУВ. Кај постарите примероци често попуштаат компонентите од водењето на тркалата, како и управувањетоПроцент на возила со недостатоци: 5,4% (Ø 5,8 %)

Mini Countryman

Култното Mini има најширок круг на обожуватели. Кој цени дека класичниот модел е недоволно голем, ќе најде многу повеќе простор во варијантата Countryman. Механиката е солидна во секој поглед, проблем е единствено протекувањето масло од моторот и менувачот. Техничарите забележуваат што проблемот се појавува релативно рано. Кај постарите модели може почесто да прегоруваат некои од светилките. Но, Countryman пак заслужува препораки Процент на возила со недостатоци: 5,5% (Ø 5,8 %)

Renault Kadjar

Компактниот модел се појави дури во 2015 година, во сегментот во којшто постои остра конкуренција. Под каросеријата на францускиот СУВ долг 4,49 метри се крие техника од Nissan Qashqai. Моделот минува добро кај техничарите на ТУВ. Со исклучок на сопирачките дискови, кои често добиваат критики кај Renault, нема други забелешки. Бројот на возила што минуваат без проблеми на првиот технички преглед (по три години) е далеку над просекотПроцент на возила со недостатоци: 5,5% (Ø 5,8 %)

Skoda Yeti

Одлична потврда за издржливоста и квалитетот на овој модел ни пристига „од дома“, од возниот парк на македонската полиција. Skoda во меѓувреме го замени практичниот и многустран Yeti со наследникот Karoq. Во поглед на варијабилноста и безбедноста, чешкиот компактен СУВ се вбројува меѓу најдобрите во класата. Одговара и издржливоста. Меѓу чувствителните зони се протекувањето масло и сопирачките дискови Процент на возила со недостатоци: 5,8% (Ø 5,8 %)

Ford EcoSport

Test Ford Ecosport 15 Ecoblue

Моделот е присутен на европскиот пазар уште од 2014 година. Малечкиот СУВ се покажува во добро светло во статистиката на дефекти на ТУВ. Бројот на примероци што немале дефект при техничкиот преглед сепак е под просекот. Критиките од ТУВ се однесуваат на осветлувањето и на протекувањето масло. Додека насоченоста на предните светла се решава брзо, губењето масло може да доведе до скапа поправка Процент на возила со недостатоци: 6,0% (Ø 5,8 %)

Nissan Juke

Околу впечатливиот Nissan Juke постојат спротивставени мислења. Според издржливоста на техниката, малечкиот СУВ се движи во просекот на класата. Протекувањето масло е честа појава, а меѓу слабите точки се вбројува и работата на сопирачките. По пет години може да почнат и проблеми со водењето на тркалата. Затоа, пак, пофалби има за издржливоста на компонентите од системот за сопирање Процент на возила со недостатоци: 6,0% (Ø 5,8 %)

Peugeot 2008

Станува збор за солиден автомобил и за една од ретките светли ѕвезди во понудата на француската марка во поглед на издржливоста. Речиси девет од секој десет примероци од овој модел минале на технички преглед без дефекти. Но, добриот биланс го уништуваат примероците што имаат сериозни дефекти. Peugeot 2008 тука заостанува зад просекот. Најлошото поглавје е протекувањето масло, а често има проблеми и со издувниот систем Процент на возила со недостатоци: 6,1% (Ø 5,8 %)

Dacia Duster

Тој е неспоредлив, кога станува збор за цената при купување на ново. Ситуацијата е различна на пазарот на користени возила, затоа што Duster губи само малку од вредноста со текот на годините. Постојат неколку слаби точки. Дел од нив може да се резултат од недоволното одржување, но дел се резултат од тоа што техниката е чувствителна. Duster има проблеми со управувањето, светлата и со дејството на сопирачките, а чест случај е протекување масло од моторот. Во овој случај е повеќе препорачливо да се избере нов автомобил, вклучувајќи ја гаранцијата за негоПроцент на возила со недостатоци: 11,7% (Ø 5,8 %)

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Toyota Land Cruiser

Кај овие теренци е неважно моделот да биде од најновите: Toyota Land Cruiser

opel алергија полен

Зошто е важно филтерот за полен да се менува редовно