Филтерот за полен, за некои познат и како филтер за кабина или микрофилтер, претставува главна компонента во системот за проветрување на кабината. Кога филтерот ќе се засити, последиците се непријатни. Затоа е важно тој да се менува редовно.
Филтерот за кабина, познат и како филтер за полен, се грижи воздухот во кабината да биде чист. Тој ги пречистува ситните честички прашина и нечистотија од воздухот, спречувајќи тие да навлезат во кабината. Поленот исто така се задржува на филтерот, а тоа е особено важно за алергичарите. Меѓутоа, филтерот се заситува со текот на времето, што влијае врз квалитетот на воздухот во кабината. Покрај тоа, се спречува и размената на воздух. Тоа води до зголемување на влажноста на воздухот во кабината и до постојано замаглување на стаклата. Со текот на времето, ќе почне да се чувствува и непријатна миризба.
Нечист филтер може дури да влијае и врз потрошувачката на гориво. Тоа се јавува поради фактот што клима уредот и греењето мора да работат засилено, а тоа оди на сметка на горивото што моторот ќе го потроши дополнително. Тоа се главните причини, зошто е важно филтерот за полен да се заменува редовно.
Колку често мора да се менува филтерот за кабина?
Замената на филтерот за полен во некои случаи не се пропишува во рамките на редовното сервисирање на возилата, затоа возачите треба сами да водат сметка за интервалот на неговата замена и сами да го побараат тоа кога ќе го однесат возилото во сервис. Препорака е тоа да се врши на секои 15.000 километри или барем еднаш годишно. Тоа треба посебно да го почитуваат алергичарите. Време е за замена и кога ќе се почувствуват првите знаци за негова заситеност, односно влага во кабината, лоша миризба, алергиски симптоми при возењето и др.
Филтерот не е скап. Кој е подготвен сам да го смени филтерот, треба да одвои само неколку минути. Користа е во заштедата. Замената трае околу 20 минути. Секако дека тоа време ќе го наплатат соодветно како трошок за работна рака, кога ќе го однесете возилото во сервис.
Филтерот за полен може да има најразлична форми и да се вградува на различни места, зависно од моделот. Затоа се препорачува прво да се погледне во прирачникот за возилото. Филтерот најчесто се наоѓа зад совозачката преграда или во просторот за нозе. Зафатот се состои во отстранување на капакот на куќиштето на филтерот и на замена на валканиот филтер со нов.
Во обемното упатство што обично следи заедно со новиот филтер е наведено како точно се изведува вградувањето на новиот филтер. Добро е во таа пригода да се проверат и цревата, дали се оштетени или превиткани. Мошне е важно да се внимава на насоката на струење (наведена е на новиот филтер). Во куќиштето не смее да навлезат туѓи тела, како листови или камчиња.
Дали филтерот за полен може само да се исчисти со компримиран воздух?
Обичните филтри се едноставни хартиени филтри. За неколку евра повеќе може да се избере филтер со активен јаглен. Тој ги впива штетните азотни оксиди од воздухот.
Некои возачи практикуваат да го чистат филтерот. Но, тоа не се препорачува. Теоретски, филтерот може да се исчисти со компримиран воздух. Притоа се отстрануваат само грубите и површински нечистотии. Ситната прашина останува во подлабоките слоеви на филтерот, поради што пропустливоста и самиот ефект на чистење на филтерот остануваат исти како и пред чистењето со компримиран воздух.