за

Toyota Land Cruiser, еден од малкуте што се теренци

Land Cruiser има постигнато толку многу за планетата како дел од безбројни спасувачки и истражувачки мисии, што Toyota го остава да вози без хибрид. Дури и дизел е.

Toyota Land Cruiser 2020

Како што е општа практика во браншата деновиве, така и големиот теренец на Toyota се подготви за новите ЕУ-норми за СО2. Под хаубата на Land Cruiser работи 2,8-литарски дизел со моќност зголемена на 204 КС, но и со оптимиран издув. Нова е мултимедијата, се вградуваат и системите за асистенција што се вообичаени во лимузинската понуда на Toyota.

Седумдесет години искуство во возење во најисклучителни услови стојат зад секој дел што е вграден во оваа Toyota. Исто како за G-Class или за Golf, нема потреба да се спомнува марката. Land Cruiser самиот е „марка“. Светот одлично го познава и го обожува овој теренец. Според производителот, Land Cruiser останува единствен во сегментот што соединува квалитет, истрајност и издржливост, заедно со беспрекорни теренски својства и високо ниво на луксуз, комфор и престиж.

Не постои друг модел на Toyota што се продава во толку голем број земји – над 190, конкретно. Додека фановите на другите големи имиња на сцената на теренците жалат кога новите генерации се претвораат во играчки за тинејџери – на пример, LR Defender – теренскиот крстосувач на Toyota ги задржува до денес своите теренски способности, врз коишто се темели неговиот имиџ како еднo од најиздржливите и најдоверливи 4х4 возила. Тоа овозможува LC да остане лидер во својот сегмент во голем број држави во Европа.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Промените за новото моделско годиште носат зголемена моќност на 2,8-литарскиот дизел, воведување старт-стоп систем, освежена мултимедија и вградување богат пакет од системи за асистенција, што Јапонците го водат како Toyota Safety Sense. Има и стил: На избор стои и специјална изведба Black Pack, со посебен финиш на каросериските додатоци и во кабината.

Еден цилиндар на Toyota Land Cruiser има зафатнина од 700 сантиметри кубни

Моќноста на 2,8-литарскиот четирицилиндарец (!), со две брегасти вратила, 16 вентили, впрскување со заеднички вод, порасна за 27 КС, на сегашни 204 КС при 3000-3400 вртежи. За 50 њутнметри порасна и вртежниот момент, на 500 Nm од 1.600 до 2800 вртежи. Со 6-степен класичен автоматик, Land Cruiser постигнува 175 km/h и забрзува до темпо сто за 9,9 секунди. Тоа е за три секунди подобро од претходно.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Со воведувањето на систем старт-стоп, потрошувачката се намали на 7,0 литри (-10%), а соодветно се намали и емисијата на СО2, на 192 g/km (-18 g).

Внатре е новина мултимедискиот систем, со побрз софтвер и побрза реакција, со дисплеј на допир и секако со поврзување преку Apple CarPlay или Android Auto. Мапите се обновуваат онлајн, што во првите три години е бесплатно. Меѓу новите можности се добивање извештаи за сообраќај, пребарување на гугл и информации за радари, паркиралишта, цени на горива и временска прогноза.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Во пакетот системи за безбедност влегува самостојно запирање при опасност од судир, заедно со камера за препознавање пешак на пат, ноќе и дење, заедно со приспособлив темпомат.

Верзијата Black Pack се разликува по темната хромирана маска и по стилските елементи назад со истиот финиш, а првпат кај Land Cruiser, магленките се поставени на црна основа. Истото важи и за ретровизорите и задните светла. Внатре, конзолата и централниот тунел се обложени со посебна црна површина.

Сето тоа може и многу кусо: Каде и да посакаш да отидеш, Land Cruiser ќе те однесе. И, ќе те врати.

New photo by Automedia MK / Google Photos

>>> Гените од Land Cruiser и Toyota дејствуваат и во RAV4: Нашите планински тури низ Македонија

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Kia Niro најпродаван модел во Холандија во август

Kia Niro најпродаван модел во Холандија во август

Audi Q2 2020

Audi Q2 како фино избрусен камен