за

Toyota доаѓа на Фестивалот во Гудвуд во стил на победник на Леман

toyota gr supra goodwood 2019
toyota gr supra goodwood 2019

Човек прво ќе помисли дека во Toyota сé е околу хибридите. Поставата за прочуениот Фестивал на брзината кај Лорд Марч во Гудвуд ја прикажува Toyota како самурај од тркачките патеки. Меѓу тркачките машини сепак има и еден хибрид, „хроничен“ победник на Леман.

Собирот на брзите и скапи автомобили во „дворот“ на Лорд Марч веќе одамна прерасна во манифестација што е важна исто колку големите автомобилски салони. Фестивалот на Брзината во Гудвуд, ги привлекува производителите на автомобили да ги донесат своите најголеми моделски гордости на југот на Велика Британија.

New item by Automedia MK / Google Photos

Toyota ќе учествува на собирот со најразлични изведби на повторно заживеаното моделско име Supra. По премиерата на салонот во Женева пролетоска, на легендарната ридска патека во Гудвуд првпат во возење ќе се појави GR Supra GT4. Со оваа тркачка изведба на купето се испробува пулсот на приватните тркачи, кои бараат достапен и доверлив влез во светот на мотоспортот, во GT4-класата.

Toyota GR Supra стартува со испорака кон крајот на годината

Вториот примерок за Гудвуд е стандардната GR Supra, којашто публиката првпат ќе ја види без маскирните бои, откако таа лани го доживеа своето динамично светско деби токму во Гудвуд, тогаш уште под камуфлажа. Зад воланот ќе биде главниот инженер Тецуја Тада, генијалец кој раководеше со проектот на новата Supra и кој исто така стои зад развојот на GT86.

Спектакл ќе приреди третата варијанта на спортското купе за Гудвуд, GR Supra Drift, којашто специјалистот HKS ја подготви за настап во живо во „арената“ во Гудвуд. Возач е Ноботеру Танигучи, ѕвезда од јапонската дрифт-сцена. Овој болид со 700 КС поседува сопствено турбонатполнење GTIII-4R на HKS, подвозје HKS Hipermax, тркачки сопирачки од Endless Racing и гуми Yokohama Advan.

Toyota GT Supra Drift, посебно подготвена за дрифт од специјалистот HKS

Главната атракција нема да вози на големиот собир, туку ќе биде изложена на штандот на Toyota. Таа веќе го извозе своето, откако победи на 24 часа Леман годинава: Toyota TS050 Hybrid со стартен број 8, управувана од триото Себастијен Буеми, Казуки Накаџима и Фернандо Алонсо. „Прототипот“ вторпат по ред победи на маратонот, воедно донесувајќи ѝ на Toyota титула во конкуренција на возачи и конструктори.

New item by Automedia MK / Google Photos

Победничката низа не завршува тука. Покрај TS050 ќе се најде посебна верзија на неуништливиот Hilux, којшто постигна победа на годинешното рели Дакар. Секако дека има почесно место и за Yaris WRC, со неговите три победи во рели-шампионатот годинава.

New item by Automedia MK / Google Photos

Во Гудвуд ќе се соберат на едно место сите активности на Toyota во мотоспортот

Уште една позната појава за љубителите на мотоспортот ќе биде GR Supra од 24 часа Нирбургринг, којашто на германскиот маратон ја возеше и лично Акио Тојода, претседателот на керпорацијата. Автомобилот ќе биде изложен со каросериските оштетувања што ги претрпе за време на трката.

New item by Automedia MK / Google Photos

Од сериските модели, покрај GR Supra, ќе се најдат Yaris GRMN и GR Corolla Sport. Пристигаат и тркачки легенди во приватна сопственост, како неколку примероци од Celica за рели-шампионатот во 1980-те и 1990-те, купе AE86 Corolla, па дури и формула 1 болид Toyota TF108 од 2008 година.

Фестивалот на брзината во Гудвуд почнува на 4-ти јули и трае до 7-ми јули.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Шварценегер дилер користени автомобили

Шварценегер како лажен дилер што ги одвраќа купувачите од автомобили на струја

Ники Лауда, капи, Ред Бул Ринг, свијок

Австриската патека доби свијок именуван по Ники Лауда