за

Топ 10 Најдостапни модели во градската класа

Автомобилите од градската класа некогаш ја сочинуваа уличната слика, но нивното место во последниве десетина години често го заменуваа големи лимузини од германските и бугарските автоплацеви за користени автомобили. Возачите повторно избираат рационално, кои 10 модели моментно се најдостапни на македонскиот пазар?

Топ 10 Најдостапни модели во градската класа Mitsubishi Space Star 1.0 Entry

Околу моделите од класата на Polo & Co нема потреба од долги објаснувања. Тоа е класа автомобили што заедно со компакт класата држи најголем удел од пазарот. Повеќето од моделите во градската класа нудат сосем пристојна практичност и функционалност за користење како семејно возило. Не постојат ограничувања во поглед на моќноста, а уште помалку во опременоста. Тркачките варијанти што им го полираа имиџот на овие топчести и симпатични автомобили не се нудат одамна, прво поради тоа што индустријата повеќе не може да си дозволи такви екстра трошоци, а второ поради тоа што ЕУ поставува лимити во поглед на емисијата на СО2.

Во поглед на опременоста, производителите се подготвени да излезат во пресрет на секакви желби на купувачите, било да станува збор за радарски темпомати што запираат сами при побавно возило напред или за комоција под целосно стаклен покрив. Но, тоа што нé интересира во овој преглед, не се празните ветувања на некои автомобилски марки, што на реклами најавуваат дека нивните автомобили имаат заби како лавови или се управуваат компјутерски, за реално да се покаже дека таквите автомобили всушност чинат над 20.000 евра, туку нé интересира тоа што се нуди за купувач со разумни очекувања и со разумен буџет.

Значи, уште од старт ги исклучуваме таквите празни ветувања и ги бараме најдостапните модели на македонскиот пазар, во градската класа, односно тоа што кусо се води како Б-сегмент. Тука има многу изненадувања, почнувајќи од марки на кои возачките и возачите им веруваат одамна, но се нудат и нагласено штедливи модели, конкретно со благ хибриден погон.

1. Mitsubishi Space Star 1.0 Entry · 8.880 евра

Без долги објаснувања, најдостапната понуда пристига од марка чијшто имиџ на македонскиот пазар како да е изграден од челик, па тој уште и рачно е исполиран отпосле. Станува збор за Mitsubishi Space Star, кого што Мак Аутостар го нуди за 8.880 евра. Моделот е за половина стапка покус од тоа што важи како стандард во класата, но во поглед на просторноста, овој наследник на легендарниот Colt не изневерува. Тоа е интелигентно спакуван автомобил, со добар мотор и со комотно подвозје, супер опрема за цената, сосем искористлив и за патување – кусо, „типично“ добар модел од класата.

Space Star го имавме на тест уште пролетоска, по моделското освежување. Со еднолитарски мотор со три цилиндри и моќност од 71 КС, Mitsubishi во својот градски модел стандардно испорачува шест воздушни перници, помош при поаѓање на нагорнина, клима уред, радио, електрика на предни прозорци и на ретровизори, сензори за светла и за дожд. Следното ниво е со 1,2 литарски мотор со 80 КС и со уште повеќе опрема, па и тој е уште со конкурентна цена во овој преглед со 10.380 евра.

2. Dacia Sandero 1.0 SCe Stepway · 9.350 евра

Веднаш по Јапонците е „класичарот“ во секаков вид на преглед во којшто се спомнуваат цени и противвредност. Dacia Sandero чини редовно 9.350 евра во верзија со 1,0-литарски мотор со 75 КС и во основното ниво Essential. Меѓутоа, тука стапува на сцена дилерската умешност. Аутомотив Груп за истата цена го нуди нивото на опрема Stepway, со истиот мотор.

Конкретно за Stepway, повеќе станува збор за кросовер изведба на Sandero, отколку за ниво на опрема. Оваа моделска варијанта се покажа фантастично интересна на пазарот и очигледни се причините за тоа. Sandero Stepway изгледа како малечок СУВ и далеку е од скромниот имиџ на основен модел. Наспроти стандардната изведба, Stepway доаѓа со радио со команди на волан, тркала од 16 инчи, посебни стилски додатоци за каросеријата и во кабината, клима уред, но и зголемено растојание од подлогата, за куси излети надвор од асфалтот. Има уште простор за „игра“: Со помалку од 1.000 евра доплата, се добива посилниот мотор од 0,9 литар, со 90 КС.

3. Toyota Yaris 1.0 Terra · 10.490 евра

Веднаш следи и големата сензација. Toyota Yaris по цена од 10.490 евра. Сензацијата е во тоа што Тојота Авто Центар настапува со понуда што е сосем вообичаена за големите европски пазар, кога се случува моделска смена – во смисла на тоа дека не станува збор за козметички попуст, туку за сериозна понуда од којашто може да се искористи. И нормално дека пазарот не проупти да го искористи тоа.

Според списокот на достапни модели на вебсајтот на увозникот, моментно се останати уште седум примероци. Нивото на опрема е Terra, моторот е 1.0 со 72 КС. Опремата вклучува 7 воздушни перници (плус за колена на возач), волан обложен со кожа и со команди за радио, сензор за светла, електрика на предни прозорци и ретровизори (+греење), клима уред со филтер за полен, блутут. Класично за Toyota, на располагање стои и понуда за финансирање, со 2.275 евра учество, со отплата на 84 рати и месечна рата од 120 евра – приближно толку во просек чини одржувањето на користените луксузни лимузини, за кои дилерите за користени возила долго време нé убедуваа дека се „евтини“.

4. Skoda Fabia 1.0 MPI Ambition · 10.600 евра

Порше Македонија прв го пушти својот лагер од возила да биде прегледен и достапен онлајн, како иновативна мерка што беше воведена уште во самиот почеток на мерките за ограничено движење поради пандемијата. Комотно може да се прегледа што има интересно на лагерот на одделните марки на концернот. Skoda Fabia е на четвртото место на најдостапни понуди, со акциска цена од 10.600 евра за изведба со 1.0 MPI со 60 КС и ниво на опрема Ambition.

Skoda Fabia 10 TSI Ambition test

Конкретниот примерок на вебсајтот со лагерските возила е со бела каросерија, дополнително опремен со пакет Sunset и со продолжена гаранција на 4 години, односно 120.000 километри. Редовната цена би изнесувала 12.207 евра. Уште една екстра поволност од Порше е попустот од 1.000 евра при онлајн потпишување договор за финансирање. Fabia во ова ниво поседува клима уред, електрика и греење на ретровизори, радио, електрика на предни прозорци, магленки и диодни дневни светла. Каква е Fabia? Неа исто така ја имавме на тест и до денес трае впечатокот при затворањето на вратата – како Fabia да кажува, „јас сум автомобил од германски концерн“.

5. Kia Rio 1.25 Vision · 11.290 евра

Продолжува да биде интересно. Фасцинантно е колку рамномерно се распоредени понудите на одделните марки и увозници. Следна е Kia со својот Rio, со цена од 11.290 евра за изведбата со 1,2-литарец со 84 КС. Киа Моторс Македонија го пушта моделот во конкурентската битка со вообичаено високото ниво на опременост. Rio Vision доаѓа со 6 воздушни перници, централна брава со аларм, електрика за сите прозорци, клима уред, радио со дисплеј од 7 инчи, со команди на волан и со 6 звучници, но и поддршка за Android Auto и Apple Car Play, блутут, кожа на волан и на рачка на менувач, плус диодни трепкачи во ретровизорите. Сето тоа укажува на одлична, а веројатно и врвна противвредност на Rio во ова друштво.

Kia Rio моделско освежување 20

На моделот на кого што Kia му дава спортска, дури и по малку премиум нишка, во поглед на моќноста од 84 КС и суперопремата, може да му парира само уште еден модел. Тој следи веднаш по Rio.

6. Suzuki Swift 1.2 Mild Hybrid GL· 11.820 евра

Suzuki Swift е во златната средина, но тоа не го прави „просечен“. Автомобилот што и фактички пристига од Јапонија, посебен е од повеќе аспекти. Swift е традиционално име во оваа класа и во секоја генерација досега постигнувал впечатливо пазарно присутво. Сцената го помни како издржлив, добро моторизиран, одлично опремен, лесен за возење, брз, штедлив – сите доблести се на место. Моделот честопати е спомнуван во нашите објави, а постои и причина.

Suzuki Swift се докажува како оригинален модел во класата

Како и сите модели на Suzuki во актуелната понуда на Миркат на македонскиот пазар, Swift користи благ хибриден погон. Суштината е во стартер-генераторот, што ги заменува класичните стартер и алтернатор, поврзан е со ремен со коленастото вратило и се напојува со електрична енергија од малата литиум-јон батерија – што стартер-генераторот претходно ја „произвел“ при забавувањето и сопирањето на Swift. Сето тоа прави возењето да биде многу покомфорно и порелаксирано, затоа што моторот стартува многу потивко и помирно, а при поаѓање и забрзување помага дополнителната асистенција на стартер-генераторот, што во тие моменти дејствува како електромотор. Секако, Swift е единствен со ваков погон во овој Топ 10, а воедно и еден од ретките модели што ја нуди оваа погонска комбинација за заштеда и за уживање.

>>> Тест: Suzuki Swift 1.2 DualJet SHVS GLX

Сето тоа прави Swift да е мулти-специјалист во класата. Прво моделот е создаден со повисока спецификација, односно не настапува со цел да биде најевтин на пазарот. Второ, со 1,2-литарец со 83 КС е само една КС под Rio, додека со опременоста во сооднос со цената, Suzuki поставува репер. Со акциска цена од 11.820 евра, „брзиот“ (од Swift) уште во нивото GL стандардно вклучува самостојно запирање при опасност од судир, радарски темпомат (!), радио со дисплеј од 4,2 инчи и команди на волан, автоматски светла, кожа на волан, вообичаениот комплет електрика за комфор, клима уред со филтер за полен, диодни предни и задни светла – во целина, тоа е една од најкомплетните понуди во основно ниво на опрема во целата класа.

7. Renault Clio 1.0 SCe Zen · 12.077 евра

Renault Clio V најпродаван модел Франција

Веднаш со цената се надоврзува Renault Clio, кој е меѓу генерациски најсвежите модели во овој Топ 10. Аутомотив Груп моментно има акциска понуда за Clio 1.0 SCe со 75 КС и ниво на опрема Zen. Од редовната цена од 14.640 евра, францускиот модел со акциајта е достапен за 12.077 евра. Главниот печат тука го поставува изобилството од системи за асистенција, меѓу другото со задржување на возилото во лента, камера за знаци и самостојно запирање при опасност од судир. Покрај тоа, Renault уште нуди сензор за светла, алуминиумски тркала од 16 инчи, металик лак, комплетно диодни предни и задни светла, заедно со дневни светла во форма на потковица, хромирани надворешни детали и радио.

8. Ford Fiesta 1.1 Trend Business · 12.850 евра

Ford Focus и Fiesta наскоро со благиот хибриден погон од Puma
Ford Focus и Fiesta наскоро со благиот хибриден погон од Puma

Ми-Да Гранд Моторс моментно го комуницира попустот за Ford Fiesta единствено преку својата онлајн продавница на фејсбук. Тоа секако е уште едно големо име во класата, со цена од 12.850 евра, во комбинација со 1,1-литарец со 70 КС. Опремата вклучува темпомат, задни паркинг сензори, систем за задржување во лента, клима уред, заден спојлер, кожен волан, радио со дисплеј од 8 инчи, магленки, хромирана маска, електрично собирање на ретровизори – редовната цена на вака опремна Ford Fiesta изнесува 14.740 евра.

9. Seat Ibiza 1.0 TSI Style · 14.000 евра

Шпанскиот автомобил е уште едно големо име во овој преглед, со долга традиција и со солидно изграден имиџ. Понудата почнува со еднолитарски TSI со 95 КС и со ниво Style, кои се далеку од „основно ниво“, но тоа е воедно и правецот во којшто се развива марката Seat. Темперамент и напредна технологија, под покривот на голем концерн.

Kumho избран за добавувач на еко-гуми за Seat Ibiza

Соодветно на тоа и опремата вклучува клима уред, радио со дисплеј од 6,5 инчи, темпомат, паркинг сензори назад, комплетно диодни предни и задни светла, кожа на воланот и на менувачот, мултифункциски волан, хромирани детали во кабината, комплет комфорна електрика, магленки и алуминиумски тркала од 15 инчи.

10. Volkswagen Polo 1.0 TSI Comforltine · 14.200 евра

Секако дека во овој преглед не смее да недостига Volkswagen Polo, кој во градската класа е исто толку неизоставен колку што Golf е меѓу компактите. Порше Македонија има посебен пакет за повеќе модели во својата понуда, вклучувајќи го Polo, во пакет за финансирање што се води како Volkswagen Mobility. Во изведба со 1,0-литарски TSI со 95 КС и со средното ниво на опрема Comfortline, Polo во оваа понуда чини 14.200 евра. Условите на финансирањето предвидуваат 3 месеци грејс период (вкупно 69 месеци), 10% учество (1.420 евра), 500 евра попуст на вредноста на лизингот и камата од 4,75 проценти. Сето тоа дава месечна рата на Порше Лизинг во висина од 217 евра.

На тоа што Polo го поседува стандардно во Comfortline, Порше додава уште клима, мултифункциски кожен волан, потпирач за рака напред, резервно тркало со нормална големина и магленки.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ако не е Vespa, тогаш мора да биде Lambretta

Ако не е Vespa, тогаш мора да биде Lambretta

ford nugget plus

Ford Nugget Plus има спална соба на покривот