за

Тест · Citroen C5 Aircross SUV · Кога го асфалтирале патот?

Тоа е вистинска случка при тестот на овој Citroen C5 Aircross. На еден често возен пат се доби впечаток како асфалтот да бил обновен преку ноќ. Асфалтот беше истиот, автомобилот ја прави промената.

Citroen го има кодот на Андре Ситроен. Во тајна фиока во Поаси, сигурно се чува некоја моќна порака од генијалниот француски инженер, за неговата марка да се води според неа и денес да може да конструира автомобили, што во својата одличност го следат кодот на 2CV и Ami, на DS и CX. Овој C5 Aircross е уште еден Citroen што не се мери во бројки.

Кога некој автомобил вози добро, во медиумите обично ја користиме фразата дека патувањето е целта, дека секое патување се чини кусо, дека човек ќе се пушти и на подолг пат, само за да ужива подолго. Кај Citroen C5 Aircross, има мала, но суштинска разлика. Тука, цел е целта. Тоа секако не значи дека овој СУВ во класата на Karoq, 3008 и Sportage посредува помало уживање во возењето, туку единствено значи дека човек се чувствува посебно, кога со овој Aircross по пристигањето на целта ќе излезе задоволен и ќе си го продолжи денот како што си замислил.

Комфорот е главниот „фолдер“ во којшто се повлекуваат сите заклучоци и впечатоци од најкрупното парче Citroen во моментов. По тестовите на C3, C3 Aircross, на најверодостојниот наследник на низата на големите автомобили на француската марка, C5 X, овој СУВ со своите точно 4.500 милиметри должина, јасно ја прикажува генетската нишка на целата марка, на сите нејзини модели. C5 Aircross е исто толку Citroen, колку што се C3 или C3 Aircross, но е Citroen три класи погоре.

Кај голем број марки, денес е тешко да се најде поврзаност меѓу два нејзини модели, па дури и модели во иста класа. Автомобилите во овие времиња се развиваат со брзо темпо. Тоа го овозможува и го наметнува самиот експлозивен развој на технологијата. Два модели што се претставени на временско растојание од три или четири години, неретко се случува да следат сосем различни концепти. Како да се два модели од две марки. Кај Citroen, целата марка следи една голема и подолгорочна замисла, и токму тоа сега се покажува како голема предност. Citroen денес е повторно моќен, не поради еден или два модели, туку поради тоа што сé што оваа марка произведува и нуди, е Citroen. Ова не е партија шах на почетници, во којашто победува случајност, туку е партија шах, во којашто секој потег е дел од стратегија што вклучува барем уште три потези.

Големиот Aircross е петта година на пазарот и сега доаѓа во освежено издание, коешто зафаќа во неколку подрачја во стилот и добива апдејт во технологијата, главно во „компјутерите“. Најголемото освежување на пазарното присуство на C5 SUV е тоа што овие промени се сосем неважни. Кога човек ќе најде пред маската на автомобилов што досега 1,7 метар во висина или зад воланот, не се бараат промените, па да се донесува суд дали тие се добри, туку едноставно се гледа убава кола, јасно Citroen, и се седнува во кабина што пречекува со добредојде.

Citroen C5 Aircross не изгледа како фејслифтот да му е накалемен, туку сé изгледа природно, како од раѓање

Промените, сепак, не се малку, но се изведени вешто, за да не двојат. Дизајнот на новите светла и новата маска се темели врз две линии. Двете тенки светлечки линии на дневното светло продолжуваат во иста линија со лајсните во маската. Тука има традиција. Лајсните не се едноставни, туку изгледаат како траги што замастени забци на запченик би ги оставиле врз картон. Разликата е што „запчениците“ тука не се замастени, туку се хромирани. Шевронот, којшто е обелележје на марката и знакот го носи секој Citroen што е произведен на планетава, симболизира токму зафат меѓу забци на два запченици.

Оваа промена направи C5 Aircross да изгледа поширок, а заедно со уште неколку промени, се добива повеќе и на претставителност. Рафинираноста во новиот изглед се забележува најдобро токму во новиот изгледот на логото, во двата масивни шеврони, лакирани црно, во сјаен финиш. Убав детал е хромираната рамка околу нив. Многу благородно. Тоа им личи на француските автомобили, тоа и се очекува од нив.

Во задачата на дизајнерите, да направат C5 Aircross да изгледа уште поотмено, исто и задните светла се сменети. Тие добија профилирана форма, со начин и шема на светење што сугерираат дека во овој автомобил работи напредна технологија. Дебело хромираниот лак што завршува зад задните прозорци и натаму е највпечатливиот дел во појавата на моделот. Примерокот на тест е во највисокото ниво на опременост Shine и тоа се забележува во бројни детали. Дополнително на тоа, како опција се монтирани тркала од 19 инчи, со дизајн Art – и со цена на опција, 270 евра. Затоа целата марка изгледа убаво кога ќе се забележи модел на Citroen на улица, што очигледно е во високо ниво на опрема, со уште неколку додатоци екстра. Кај моделот на тест, единствена опција што додава на стил е пакетот Color Energic Blue: Мали додатоци во предниот браник, рамката на магленките и страничниот Airbump се лакирани во некоја француска сина боја со металик ефект, што изгледа убаво. За појавата на овој Aircross, секако влијае и металик бојата со бисерен ефект, што Citroen ја цени 900 евра. Сé друго е стандард за C5 Aircross и за топ-нивото Shine.

Нов дисплеј, нова средишна конзола, седишта, материјали, многу нешта се сменија во овој универзален СУВ за секоја пригода

Тоа што го навестува пристојната нота на луксуз во надворешната појава, се потврдува во внатрешноста. Нов е средишниот дисплеј од 10 инчи, со висока резолуција, поставен под квалитетен покривен панел и педантно врамен. Покрај тоа што е поголем, новиот дисплеј донесува и подобрено ракување, што главно се однесува на можноста преку дисплејот директно да се пристапи до командите за климата. Исто и поставеноста е повисоко, што прави дисплејот да биде поблиску до висината на погледот на возачот. Отворите за проветрување сега се под дисплејот, место отстрана.

Со исклучок на основното ниво Live Pack, инструментите се дигитални и се прикажуваат на широк дисплеј од 12,3 инчи. Постојат бројни можности за избор на содржината во дисплејот, а на располагање стојат и три тематски бои, што главно се гледа во средишниот дисплеј. Тој стандардно има 8 инчи, во Shine има екстра два инчи.

Седиштата се вториот сет „амортизери“ во Citroen C5 Aircross. Секако дека тоа не се само седишта, туку според францускиот производител се седишта кои се дел од Citroen Advanced Comfort. Со дополнително полнење со посебен сунѓер со дебелина до 15 милиметри, седиштата познати од C5 X и C4, не само што изгледаат како фотелји, туку и комфорни се како фотелја. Потребната поддршка при возење во свијоци и задржувањето на цврстината и по долги години, се совладана дисциплина за инженерите за седишта на Citroen. За уште повисоко ниво на комоција, седиштата може да понудат и масажа, но за тоа треба да се доплати уште за мека напа кожа и за електрично местење на седиштата, вкупно 1.900 евра.

Тоа што Французите имаат да го раскажат за новите материјали и бои во Aircross личи како извештај од модна недела во Париз, а кусо – внатрешноста е убава

Французите се умешни во изборот и комбинирањето на материјалите, па така и средишниот дел на седиштата во Shine е обложен со фина алкантара. Во останатите нивоа исто така има нови и поквалитетни материјали. Во секое ниво има различни бои на материјалите, различна опшивка на седиштата и специфично изведување на одредени детали. Кај Shine, тоа се однесува на штепот на седиштата во светлосина боја.

Целосно е сменета средишната конзола, односно масивниот гребен меѓу предните седишта. Материјал со изглед на кожа и хромирани детали создаваат премиум атмосфера. Промена во распоредот на командите во споредба со претходникот доаѓа главно од e-Toggle, прекинувач за ракување со менувачот познат од Peugeot и Opel, како и од C5 X.

При премиерата во 2018 година, Citroen го претстави C5 Aircross како свој прв модел со Progressive Hydraulic Cussions, односно со посебен систем што прави во возењето да се стекне впечаток како автомобилот да лебди над патот. Станува збор за амортизери со мошне промислена конструкција, коишто во повеќе модели на Citroen се докажуваат дека се делотворни. Овие амортизери, несомнено одиграа голема улога за Citroen да си ја поврати славата на иноватор. Тоа имаше многу поголемо влијание врз имиџот на француската марка, отколку што во некоја друга марка би имало ефект ангажирањето нов дизајнер.

Приспособливоста и просторноста во вториот ред, како и практичноста во багажникот, сето тоа е наследство од времето на Picasso & Co

Од потпирачите за глава на предните седишта, па наназад, СУВ-моделите на Citroen не се друго освен Picasso. Тоа значи дека во поглед на пристапот, просторноста, практичноста, приспособливоста, сé е веќе еднаш изменаџирано. Задната клупа ја сочинуваат три одделни седишта, што посебно се соборуваат, лизгаат нанапред или се залегнуваат повеќе. Кога средното седиште ќе се собори, се добива еден вид масичка. Во понудата од прибор е мошне веројатно дека постојат ставки со коишто може уште попрактично да се искористи таа можност.

Багажникот е шампионски, со зафатнина меѓу 580 литри (720 л. ако клупата се повлече нанапред), со сите можни куки, прегради, со практични пружини во подната облога и уште многу неоткриени таленти. Дури е предвиден и простор за одлагање на дводелната полица што го покрива багажникот, под подната облога. За нежни мускули, може да се доплати 550 евра, за електромотор да го спушта и подигнува поклопецот. Тоа е чесен потег, купувачите да може сами да решаваат дали им е потребен „електричен погон“ за задниот поклопец и да доплатат, место тоа да биде вклучено во цената на возилото.

Во поглед на перформансите и возната динамика, тестираниот Citroen C5 Aircross со 1,5-литарски дизел со 130 КС и 8-степен класичен автоматик, го нуди тоа што денес претставува златна средина во браншата и во класата. За поголема динамика, денес се подразбира посегање по погонска единица што впрегнува и електромотор, а Citroen го нуди и тоа, во форма на приклучен хибриден погон со 224 КС. Во сменетиот начин на којшто Европа денес ја живее мобилноста, првенствено со свесност за влијанието врз животната средина, повеќе динамика од оваа што ја нуди 1.5 Blue HDi, со 10,6 секунди до темпо сто и крајна брзина од 189 километри на час, претставува само луксуз.

Со строгите лимит на ЕУ, денес одвај дека е умесно да се зборува дали некој мотор е повеќе или помалку штедлив од мотор на некоја друга марка; Барем кај Citroen се знае, HDi и точка

Тестот на C5 Aircross ни донесе уште еден заклучок. Денес одвај дека може да се прави разлика, дека некој дизел мотор е поштедлив или е помалку ефикасен од дизел мотор од друга марка или друг модел. Строгите лимити што ги постави ЕУ направија целата бранша да постигне едно унифицирано ниво на потрошувачка на гориво. За овој Citroen со своите 1,6 тон на празно, тоа значи вредност на потрошувачка на гориво од седум литри, како крајна вредност, што е далеку од возење во реални услови, и вредност од шест литри, како потрошувачка на којашто може да се смета при малку поумерено темпо. Значи, сосем во рамките на класата.

Гамата на C5 Aircross почнува со бензинец од 1,2 литар, со 131 КС и цена од 31.400 евра, во основното ниво Live Pack. Од ставките што се подразбираат како стандардна опременост во автомобил во 2022 година, основниот Aircross нуди камера за знаци, систем за задржување во лента, самостојно запирање при опасност од судир, електрична паркирна сопирачка, кожа на волан, потпирач за раце напред, клима уред, средишен контролен дисплеј, тоа е прилично добра опременост. Citroen во повисоките нивоа на опрема го комбинира 1.2 Puretech само со 8-степен автоматски менувач, па затоа кој сака повеќе опрема, треба да смета и на цената за автоматикот. Така, C5 Aircross со 1.2 PureTech, со автоматик и со ниво Feel, чини 35.790 евра, или 4.390 евра повеќе од Life Pack. Освен менувачот, за цената се добиваат и задни паркинг сензори, дигитални инструменти од 12,3 инчи, друг штоф на седиштата, автоматика за климата, и алу-тркала од 18 инчи, место од 17 инчи во основното ниво.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Feel Pack е третото ниво на опременост, во коешто се добиваат уште задна камера и предни паркинг сензори, приспособлив темпомат, автоматски долги светла, диодни светла, магленки, затемнети задни стакла, за уште една класа поквалитетен штоф, собирање на ретровизори, пристап без клуч и друг дизајн за тркалата.

Во врвното ниво Shine, фабриката стандардно вградува уште средишен дисплеј од 10 место од осум инчи, навигација, ветробран и странични стакла со дополнителна звучна изолација, најквалитетен штоф и надолжни кровни носачи. Од тоа што останува како опција, да се вгради по желба, се издвојуваат контрола на тракција со повеќе степени на работа (350 евра), безжичен полнач за телефон (130 евра), камера во внатрешниот ретровизор (250 евра), грејачи во седиштата (520 евра), стаклен покрив (1.100 евра), комплетен пакет од системи за асистенција (320 евра).

C5 Aircross е четврти најпродаван модел на Citroen на европскиот пазар годинава, со близу 32.000 примероци до септември, наспроти околу 110.000 примероци од C3 и по повеќе од 50.000 примероци од C4 и C3 Aircross. Компактиот СУВ годинава ќе надмине продукција од вкупно 300.000 примероци од стартот на моделот. Тоа се убави бројки да се слушнат, а Citroen посебно се радува на тоа што една третина од нарачките годинава се однесуваат на изведбата со приклучен хибриден погон. Таков Citroen тестиравме во минатиот месец, тоа е уште една посебна приказна.

C5 Aircross SUV или возењето Citroen е господска работа

Citroen си ја врати физиономијата на марката, каква што сцената сиве години очекуваше да види. Големите модели на Citroen, C5 X и C5 Aircross SUV повторно возат достоинствено, како што им доликува, и со тоа всушност се заокружи марката, таа доби физиономија. Крупни експерименти се случуваа до пред две деценија или повеќе, со трансформирачки C3 Pluriel што искористи само малку пред сегментот на малечки кабриолети да згасне, со луксузен Picasso во време кога сцената нагло престана да се интересира за семејни и способни ванови и се префрлуваше на СУВ, со C4 што повеќе беше Golf од Golf, со C5 со мотор V6 и хидропневматика, во храбра битка против германското трио C-Class/A4/Серија 3. Тоа беа скапи експерименти за касата на француската марка. Но, потоа се случиja „госпоѓа Џексон“, C4 Cactus, C3. За Citroen да стане повторно Citroen, не беа потребни радикални чекори, туку само „мали“ зафати: Тоа се амортизерите што се суштина на Progressive Hydraulic Cussions, тоа се седиштата со екстра полнење, тоа е актуелниот дизајн на марката. Сцената повторно е свесна дека возењето Citroen е господска работа.

Линк до техничките податоци и опременоста на тестираниот модел во нашиот онлајн-каталог АВТОСАЛОН.МК

Citroen C5 Aircross 1.5 BlueHDi 130 Shine Automatic

Тест · Citroen C5 X Hybrid 225 · Премиумот одеднаш станува неважен поим

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Го гледате лавот на сликата?

Peugeot со четири модели во Топ 50 на магазинот Diesel Car

volkswagen-e-golf-300km

Volkswagen повторно ќе произведува електричен Golf