за

Volkswagen повторно ќе произведува електричен Golf

Новиот шеф Блуме ги преиспитува плановите од претходникот Дис. Volkswagen го одложува стартот на престижниот електричен крстосувач, времето повеќе одговара за електричен Golf.

volkswagen-e-golf-300km

Volkswagen е можно да лансира сосем нова електрична изведба од актуелниот Golf 8 или од СУВ-моделот Tiguan, со цел понудата од електрични модели да се одржува свежа, доколку знаменосецот што се развива под името Trinity биде одложен за 2030 година.

Електричниот Golf, односно Tiguan, ќе користат приспособена изведба од платформата за електрични модели MEB. Наследникот на e-Golf ќе се произведува во матичната фабрика во Волфсбург, од каде што излегува и актуелниот Golf 8 во верзиите со мотори со внатрешно согорување. Информацијата ја објави германскиот економски дневник „Ханделсблат“, повикувајќи се на внатрешни извори.

Продажбата на новиот електричен Golf ќе стартува најдоцна до 2026 година. Тоа ќе овозможи фабриката во Волфсбург да се користи како дополнителен капацитет, во услови кога масивно расте побарувачката за електрични автомобили на пазарот, на сметка на автомобилите со бензински или дизел мотор.

Извршниот директор на концернот VW, Оливер Блуме, го преиспитува планот за изградба на фабрика вредна 2 милијарди евра во близина на фабриката во Волфсбург, во којашто ќе се произведуваат електрични автомобили со продолжен досег и со напредна способност за самостојно управување. Во случај тој план да се отфрли, новиот знаменосец што се развива во рамките на проектот Trinity, би се произведувал во постоечката фабрика во Волфсбург.

Престижниот електричен автомобил ќе ја користи новата платформа SSP на концернот, чијашто архитектура се раководи според софтверот, односно тоа ќе биде автомобил што е во состојба целосно да го замени возачот. Избрадбата на фабриката е планирано да започне в година, а првите модели од проектот Trinity би почнале да излегуваат од производствената линија во 2026 година.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Jason Cammisa (@jasoncammisa)

Блуме планира да го помести проектот Trinity кон завршетокот на деценијата, затоа што наводно софтверот уште не е подготвен. Тоа го наведуваат германските медиуми.

Поранешниот извршен директор на концернот VW, Херберт Дис, даде највисок приоритет за изградбата на новата фабрика, којашто ќе работи со значително скусено времетраење на производството на возилата. Во фабриката требаше да се постигне исто толку кусо време на производство, како во фабриката на Tesla во Берлин. Американскиот производител го скусува времето драстично, со тоа што каросеријата на неговите модели се состои од колку е можно поголеми одделни панели, и генерално со скусување на бројот на компоненти што се вградуваат во едно возило.

Блуме во септември дојде на местото на Дис, како извршен директор на концернот VW, и на своите вработени им испрати интерно писмо, во коешто тие се информираат дека компанијата ги преиспитува плановите за софтверот и за платформите за идните модели.

Volkswagen понуди чисто електрична изведба од Golf 7 во 2014 година. Моделот се произведуваше до 2020 година, откако VW стартуваше со продажба на елеткричниот компакт ID.3, врз наменската платформа MEB.

Глобалната неизвесност и тесното грло во снабдувањето со микрочипови доведоа до тоа Golf во првите девет месеци од 2022 година да постигне 132.989 продажби бо Европа, наспроти 177.963 возила во истито период лани. Исто и кај Tiguan има пад во пртодажбата, од 140.052 возила лани, на 102.272 возила годинава.

Volkswagen ID.3 ја тестира електромобилноста во Македонија

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Тест · Citroen C5 Aircross SUV · Кога го асфалтирале патот?

Секој трет ресторан покрај германскиот аутобан има полначи за е-автомобили