Канадскиот Walmart ја зголеми нарачката за електрични влекачи од Tesla на 130 возила. Тоа е дел од планот на компанијата за 20% од возниот парк да отпаѓа на електрични камиони до крајот на 2022 година. Следниот чекор ќе биде целосно преоѓање на погон на струја до 2028 година. Со оваа нарачка, синџирот на Walmart во Канада ќе има еден од најголемите електрични возни паркови во земјата.
Трговскиот синџир на Walmart во Канада воведува електрични камиони во својот возен парк, како дел од глобалниот план на компанијата да ја сведе емисијата на СО2 на нула до 2040 година. За таа цел, канадскиот Walmart ќе вложи 3,5 милијарди долари во следните пет години.
Електричните камиони на Tesla располагаат и со други предности, меѓу кои автоматско запирање при опасност, следење лента и предупредување при преоѓање во соседна лента. Тоа значи дека електричниот возен парк, покрај тоа што ќе донесе придобивки за животната средина, во исто време ќе го зголеми и нивото на безбедност при транспортот. Секако дека примената на електрични камиони ќе донесе заштеда и во оперативните трошоци, имајќи ги предвид и пониските трошоци за сервисирање.
Потрошувачката на енергија на Tesla Semi е под 2 киловатчасови по милја, под полна натовареност и при возење со нормална брзина по автопат. Забрзувањето до 60 милји на час (96 km/h) трае 20 секунди, исто така под полна натовареност. Тоа е забрзување приближно колку Volkswagen Beetle од 1950-те. Електричниот влекач може да искачи нагорнина од 5 проценти под константна брзина од 65 милји на час (105 km/h). За споредба, камион со дизел мотор може да ја совлада истата нагорнина со брзина од 45 милји на час (72 km/h). Досегот изнесува 500 милји, односно над 800 километри.
















