Во годинава што изминува се обистинија поголемиот дел од експертските предвидувања околу Tesla. Проблеми со зголемената продукција, слаб квалитет, неисполнети планови. В година мора да се случи вистинско чудо за калифорнискиот производител да го врати некогашниот имиџ.
Годината 2017-та требаше да биде победничка за Илон Маск. Но, шефот на Tesla не ги исполни големите ветувања. Притисокот врз милијардерот е огромен, тој мора да направи многу во 2018 година, за неговата компанија за електрични автомобили да го врати имиџот на револуционер во браншата.
Како рокерска ѕвезда од Силиконската Долина, Маск неодамна се појави и на насловната страна на „Ролинг Стоун“. Во интервјуто за култниот магазин што е поблиску до поп-сцената отколку до бизнисмените, 46-годишниот менаџер покажува дека настаните годинава не го оставиле рамнодушен: „Во овие неколку недели доживеав најдлабока емотивна болка.“ Прославата за стартот на испораките на Model 3 била вистински удар за него. „Само силна волја ми помогна да го издржам настанот, а притоа да не изгледам како најдепресивниот човек таму.“
Маск уште при премиерата на Tesla Model 3 знаеше дека тоа е преголем залак за неговата компанија
Лимузината од средната класа е од голема важност за Tesla. Со цената од 35.000 долари, Model 3 чини половина од луксузните Model S и Model X. Стотици илјади клиенти го чекаат електричниот автомобил. Еуфоријата ја поттикна самиот Маск, најавувајќи годишна продукција од еден милион автомобили до крајот на деценијава. Годинава се произведоа нешто повеќе од сто илјади автомобили. Од основањето во 2003 година, досега се произведени околу четвртина милион електрични возила.
Докажаните фирми во браншата уште од почетокот се сомневаа дека Tesla ќе успее за толку кусо време да ги совлада предизвиците на големосериското производство. Но, Илон Маск продолжи со големите ветувања. Фановите на Tesla веруваа во ветувањата, но веруваа и инвеститорите. Во еден момент, берзанската вредност на калифорнискиот производител ги надмина џиновските концерни General Motors и Ford, кои произведуваат неспоредливо повеќе возила. Покрај тоа, фирмата на Илон Маск долги години бележи само загуби.
Незадоволни работници, проблеми во производството, непрофитабилност
Вистината се покажа есеноска, кога беа произведени само 260 примероци од Model 3 за период од три месеци. Тогаш шефот се реши на вообичаената тактика: Кога е најгусто, излези со најава на сензационални проекти. Маск го претстави камионот со погон на струја и најави нова генерација на Roadster, наследник на спортскиот автомобил од когошто почна целата приказна.
Тоа само го одвлече вниманието, проблемот со продукцијата на Model 3 остана нерешен. Од суштинска важност е овој автомобил да ја достигне планираната продукција, затоа што Tesla конечно треба да почне да носи профит. Инвеститорите нема вечно да трпат некој да им ги троши парите.
Најголемиот проблем за Tesla е во тоа што конкуренцијата повеќе не спие. „Тешкашите“ во браншата веќе ги подготвуваат своите електрични автомобили за старт. Volkswagen, Daimler, BMW, General Motors, Ford, Volvo, Jaguar, тие полека ја преземаат топката. Jaguar I-Type и Audi e-tron quattro стартуваат веќе в година.
















