за

Tesla Model X распаднат по тестирањето од Mercedes

tesla тестирање дајмлер

Во браншата е вообичаено производителите да ги изнајмуваат моделите на конкурентските куќи заради тестирање. Daimler не е исклучок. Кога тестираниот Tesla Model X бил вратен во рентакар компанијата, возилото било во полураспадната состојба. Отштетата е платена, но сиот овој чин носи непријатна порака до калифорнискиот производител.

Кога се читаат, или уште почесто „цитираат“ американските медиуми, лесно се стекнува впечаток дека големите производители само што не почнале да ги затвораат своите фабрики поради притисокот од Tesla. Секако дека сликата во реалноста е сосем поразлична. Зад кулисите се случува вистинска игра на мачка и глушец. Daimler, на пример, минатово лето имал турнеја со Tesla Model X, со исход што не му оди во прилог на калифорнискиот производител на електрични автомобили.

Германскиот концерн, имено, во јуни изнајмил Tesla Model X на седумнеделно користење. Возилото било во сопственост на мала германска фирма, којашто својот возен парк од три возила од американскиот производител го нудела за натамошно посредување преку рентакар гигантот Sixt.

Ниту сопствениците, ниту Sixt не знаеле дека зад изнајмувањето всушност стои големиот концерн од Штутгарт. Во периодот од седум недели, Daimler комплетно го расклопил и повторно го составил возилото. Тоа било лесно да се утврди откако возилото било вратено во службата за изнајмување. Но, возилото било и комплетно распаднато, со штета во висина од десетици илјади евра.

Што се случувало додека електричниот кросовер на Tesla се наоѓал во рацете на Daimler?

Преку координатите во меморијата на навигацијата, сопствениците утврдиле дека возилото се користело во екстремни услови, на тест-патека во близината на Барселона и на домашната патека на Daimler во Зинделфинген. Tesla Model X меѓу другото била возена во услови на пеколно високи температури, како и по патека што солидно го растресува целото возило и по патека за тестирање на тракцијата. Во договорите за изнајмување на возилата стриктно се забранува расклопување и возење по тест-патека.

По извршеното тестирање, електричното возило било вратено кај сопственикот и од страна на Daimler најуредно била подмирена проценетата штета во висина од неколку десетици илјади евра.

Сознанието дека Daimler буквално го распарчил електричниот автомобил на Tesla сигурно ќе предизвика непријатно чувство во Пало Алто. Повратен удар од Калифорнија сепак би бил премногу наивен чин. Тоа што може да се очекува е дека по неколкугодишно користење на автомобилите на Tesla, сопствениците конечно ќе почнат да зборуваат за своите искуства со марката. Досега не смееја да си го дозволат тоа, зашто со уривањето на угледот на својата марка би го урнале и сопствениот углед. Но, и за тоа постојат граници.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Беби-Бенц Mercedes 190 (W 201)

Се сеќавате на Беби-Бенц?

водород од сончева енергија

Најеколошкото гориво: Водород од сончева енергија