Специјалистот за погон на струја забележа мала загуба во вториот квартал, но го задржува оптимизмот. Причина за тоа е растечката продажба и претстојниот старт на европскиот пазар.
Американскиот производител специјализиран за автомобили на струја, Tesla Motors, во првиот квартал забележа профит за прв пат во десетгодишното работење, но веќе во вториот квартал повторно следува загуба од 30 милиони долари. Тоа не го нарушува оптимизмот во фирмата. Продажбата на моделот S во САД ги надмина очекувањата, а во следните неколку недели ќе стартува продажбата на возилата од марката и на европскиот пазар. Потоа се на ред Кина и Јапонија.
Во вториот квартал, од новиот модел Tesla S, чија што основна цена изнесува 69.900 долари – не вклучувајќи ја државната субвенција од 7.500 долари – се продадоа 5.150, наспроти планираните 4.500 примероци. Шефот Илон Маск очекува неговата фирма во калифорнискиот Пало Алто да продаде 21.000 возила до крајот на годината, доколку се задржи сегашната динамика на продажба.
На европскиот пазар Tesla S ќе се продава за околу 70.000 евра. Првите примероци веќе се испорачани во Норвешка и Холандија, земји со афинитет кон чистиот погон на струја, но и со големи повластици при купувањето и користењето на електричните возила. Догодина, Tesla ќе ја прошири понудата на модели со поевтини возила од пониските класи, со што продажбата ќе се зголеми на 40.000 возила годишно.