Tesla завршува со „доживотно“ бесплатната струја

Новите купувачи на Tesla ќе мора да ја плаќаат струјата за полнење на батериите во своите електрични автомобили. Користењето на глобалната мрежа од брзи полначи на калифорниската фирма досега беше бесплатно за сите сопственици на Tesla. Тоа се менува. Возачите на скапите лимузини на струја предолго ја злоупотребуваа мрежата.

Стратегијата на Tesla е беспрекорна. Специјалистот за електричен погон им понуди на своите купувачи бесплатно да ја користат струјата од мрежата полначи. Вечно. Тоа беше привлечна понуда, кој уште би одолеал некој цел живот да ги плаќа трошоците за возење. Трошоците за струја, во конкретниов случај.

Сопствената мрежа од брзи полначи за струја во меѓувреме се протега глобално, со над 4.500 полначи низ САД, Европа, Јапонија и неколку региони во Кина. Замислата беше корисниците на електромобилот со досег меѓу четиристотини и шестотини километри да можат да патуваат непречено и да ги користат полначите на Tesla за дополнување на батериите при возење на подолги релации.

На новите сопственици бесплатно им следуваат само 400 киловатчасови годишно

Доживотното бесплатно користење на полначите за струја на Tesla завршува, барем за идните купувачи. Сите нови сопственици на автомобил од Tesla од следната година ќе добиваат бесплатно само по 400 киловатчасови струја годишно, што според производителот е доволно за 1.000 милји, односно 1.600 километри возење. Над тоа ќе се плаќа за секое користење на полначите, но според производителот, трошоците за возење и натаму ќе бидат пониски отколку за автомобил со обичен погон.

Како причина за овој чекор, Tesla ги наведува инвестициите во натамошно проширување на мрежата, пред стартот на испораката на новиот Model 3, кој е двапати поевтин од постоечките модели. Но, вистинските причини се други. Tesla уште во минатата година предупреди да не се преоптоварува мрежата. Некои сопственици ги злоупотребуваат полначите и батериите на своите електромобили ги освежуваат исклучиво на мрежата на Tesla, место во домот, на работа или на останатите јавно достапни полначи. Замислата сепак беше овие полначи да се користат по потреба, на подолги патувања.

Претходна објаваНе мора секогаш да биде кабриолет: 50 спортски мотоцикли во музејот на Audi
Следна објаваRange Rover со 155 километри на час по патека за скијачки спуст

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here