Шведска во иднина ќе го субвенционира приспособувањето на возилата со бензински и дизел мотор, коешто ќе овозможи тие да користат биогорива. Така реши владата во скандинавската држава, планот почнува да се реализира веќе в година.
Сопствениците на возила ќе можат да поднесат барање за субвенција веќе од следната година, а исплатата ќе следи во 2022 година. Планот е државата да преземе половина од трошоците за преправка на возилата. Максимално се предвидуваат 480 евра, за бензинците да се префрлат да работат на етанол (алкохол) и 2.400 евра за дизелите да се префрлат на биогас.
Стокхолм пристапува на сосем различен начин во заштитата на животната средина. Додека Европа масовно се префрлува на електрични и хибридни возила, Шведска се обидува да ја смали емисијата на штетни материи од постојните возила во земјата. Старите возила со мотор со внатрешно согорување ќе продолжат да се користат, но ќе согоруваат горива што се подобри за животната средина.
Од вкупниот возен парк од 4,9 милиони автомобили во земјата, повеќе од половината може да се префрлат на горива што не се од фосилно потекло. Владата уште во 2019 година наложи спроведување студии што ги истражуваа можностите за приспособување на постоечките возила.
Досега се обезбедени само 1,92 милион евра, што ќе биде доволно за најмногу 4.000 автомобили да се префрлат на горива од обновливи извори. Фондот ќе расте, зависно од интересот што шведските возачки и возачи ќе го покажат за премијата за преоѓање на еко-горива.
Возачите на постари дизели нема да бидат особено заинтересирани да платат 2.400 евра за преоѓање на биогас
Целна група се возачите чијшто автомобили можат да се модифицираат со едноставен зафат и кои сакаат да возат со чиста свест. Шведските власти целат на возачите што не можат да си дозволат електричен автомобил, но со модификацијата ќе се вклучат во тековната трансформација во сообраќајниот сектор.
Идејата е добра, но реалноста ќе покаже дали сопствениците на постари возила ќе бидат во можност да издвојат 2.400 евра, што ќе мораат сами да ги инвестираат за автомобилот да го префрлат да користи биогас.
Во случај на бензинците, за чиешто префрлување на етанол сопствениците ќе платат најмногу 500 евра, проблем е тоа што не се знае како во иднина ќе се движат цените на етанолот. По укинувањето на даночните повластици, горивото E85 што е мешавина од етанол и мала количина бензин, во Шведска е пет до седум центи поевтин од литар бензин, кој моментно чини 1,30 евро.
Завршено е поглавјето на етанолот како погонско гориво
Во случај ЕУ да го отфрли барањето на Шведска да се задржат даночните олеснувања за етанолот, цената за литар Е85 би пораснала на близу две евра. Уште еден недостаток на идејата е тоа што етанолот содржи околу 30 проценти помалку енергија од бензинот. Тоа значи дека возачите ќе мораат да очекуваат значително зголемена потрошувачка на гориво.
Друг проблем е тоа што етанолот е бесмислено да се користи како погонско гориво. Како суровини се користат палмино масло, соја и маслодајна репка. За добивање палмино масло и соја, во југоисточна Азија се уништуваат прашуми, што влијае негативно врз климата и со тоа се губи целата смисла на Е85.
Сепак постои начин да се подобри еколошкиот биланс на етанолот. Во Норкопинг работи најголемата рафинерија за биогас во Скандинавија, којашто произведува 200.000 метри кубни етанол на годишно ниво, користејќи житарки, нуспродукти од прехранбената индустрија и целулоза. Во тој случај, емисијата на СО2 се смалува за 80% во споредба со гориво добиено од нафта.
Етанолот до пред неколку години беше мошне популарен во Шведска, но предводниците на оваа технологија, вклучувајќи го и Volvo, со неговите модели FlexiFuel, веќе одамна се збогуваа со идејата. Исто беше случај и со Saab, кој за жал исчезна од автомобилската сцена. Volkswagen последниот модел што беше присопособен за E85 престана да го произведува во 2018 година. Производителите се откажаа и од метанот, моментно само VW и Fiat нудат такви модели.