за

Suzuki Vitara возвраќа со електромотор во погонот

Suzuki Vitara Hybrid
Suzuki Vitara Hybrid

Во бумот од новодојденци што се фалат со големи дисплеи и скапи светла, Suzuki Vitara останува доследна на класичните вредности: Практичност за сé и секаде, пријатно возење, а сега и малечок електромотор што придонесува потрошувачката да се смали за петина. Увозникот прави СУВ-традиционалецот да има и одлична противвредност.

Околу улогите и заслугите на марките на автомобилската сцена нема двоумење, во поглед на погонот. Mercedes останува доследен на традицијата да ги прави најдобрите дизели, Toyota е неприкосновена во хибридниот погон, Tesla предводи кај автомобилите на батерија и … Suzuki е првата адреса кога станува збор за благиот хибриден погон, за најдостапната форма на електрификација на погонската спрега.

Додека сцената исфрлува нови модели кои единствено се „нашминкани“ како теренци и на купувачите им ветуваат големи дисплеи и скапи светла, од типот на Peugeot 2008 и компанија, Suzuki настапува со нешто многу поконкретно и поинтересно за „свесните“ возачи. Од пролетоска, Vitara, S-Cross и Swift Sport се достапни во изведба со благ хибриден погон. Станува збор за стартер-генератор, во комбинација со мала (и достапна) батерија и интелигентен менаџмент, кој прави нешто слично како виша сила да го поттурнува возилото при секое поаѓање. Тоа е добро за потрошувачката и за животната средина, а како што претходно се покажа на нашите тест-возења на Swift SHVS, прави и возењето да биде порелаксирано.

Suzuki Vitara ќе минуваше добро и како најдостапен СУВ на македонскиот пазар, но уште е подобро покрај фактот што се добива и најдобра противвредност

Новите модели веќе се пристигнати во салонот на македонскиот увозник, објавени се и цените и нивоата на опрема. Најдобрата вест: Со благиот хибриден погон, што ја скусува потрошувачката за дваесетина проценти и по одреден број километри ќе донесе и голема заштеда за возачката или возачот, Suzuki Vitara 1.4 Hybrid со 129 КС, стартува од 19.890 евра со ниво на опрема GL. Уште подобрата вест: Со промоцијата, Vitara почнува од 17.990 евра.

Моторот е 1,4-литарски, со сите четири цилиндри на број, со максимален вртежен момент од 235 њутнметри при 2.000 вртежи. Постојат бројни новитети во споредба со претходната варијанта на моторот: Прскалки за гориво со 7 отвори, за најпрецизно дозирање на горивото, потоа компресија зголемена на 10,9:1, за поголема ефикасност, а на тоа следат уште променлива работа на брегастото вратило за вшмукувачките вентили по електричен пат, како и интеркулер.

New photo by Automedia MK / Google Photos

За разлика од Swift, кадешто благиот хибрид функционира во 12-волтна мрежа, тука се работи за четирипати повисок напон, односно за 48 волти. Системот се состои од стартер-генератор, кој ги заменува класичните стартер и алтернатор, потоа од литиум-јон батерија и трансформаторска секција што 48-волтниот напон го претвора во 12-волтен, за некои од потрошувачите во кабината.

Електромоторот реагира уште од „лер“, долго пред турбината да го произведе работниот притисок на 2000 вртежи – тоа исклучува секаква можност за турбо-дупка

Стартер-генераторот располага со моќност од 10 киловати, односно околу 14 КС, и при поаѓање и забрзување дејствува како електромотор, растоварувајќи го бензинецот. На тој начин се постигнува тоа што во инженерските кругови се води како „Torque Fill“, односно зголемување на вртежниот момент, што се случува при најниски вртежи. Тоа значи дека погонот реагира без какво било доцнење по притискањето на педалата за гас. Како еден вид електро-турбо.

Асистенцијата од стартер-генераторот, односно во основа електромоторот, му помага на моторот за полесно и побрзо да достигне 2.000 вртежи, кога турбокомпресорот го прозведува полниот притисок. Забрзувањето е порамномерно и попријатно, потрошувачката опаѓа, исто како и загадувањето на животната средина.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Според фабричките податоци, Vitara и S-Cross со 1,4-литарскиот Boosterjet и 48-волтен благ хибрид, трошат во просек 4,6 литри во варијанта со преден погон. Емисијата на СО2 изнесува 104 g/km.

Што се однесува до батеријата, таа се полни при секое забавување и при секое отпуштање на педалата за гас. Електромоторот во тој случај дејствува како генератор, односно ја претвора кинетичката енергија, во електрична енергија што се акумулира во батеријата. Станува збор за мала батерија, така што испорачувањето на нејзината енергија до електромоторот трае релативно покусо време во споредба со полниот хибрид на Toyota, но затоа и уделот на батеријата речиси и не се чувствува во цената на возилото. Ефектот на штедење, пак се постигнува.

Автоматска клима, радарски темпомат, диодни предни светла, сето тоа како „основна опрема“ – кај Suzuki излегува дека купувачите треба да му го вратат вишокот опрема на дилерот, место да доплаќаат за да добијат ставки од опрема

Suzuki во новото моделско годиште на Vitara вградува и нови диодни светла, но бидејќи оваа марка не продава „козметика“ туку и конкретни вредности, се вградува и Suzuki Safety Support. Тоа е пакет од неколку системи за асистенција, што следуваат како стандард уште во нивото GL. Покрај самостојно запирање при опасност од судир, со препознавање пешак, пакетот содржи уште предупредување при напуштање лента и камера за знаци.

Стандардната опрема во нивото GL, од позначајните ставки, вклучува автоматски клима уред со филтер за полен, радарски темпомат, диодни педни и задни светла, магленки, сензор за дожд и кровни носачи за багаж. Тоа е мошне импресивно, особено во споредба со некои од конкурентските модели, што со споредлива опрема и мотор чинат далеку над 20.000 евра.

Suzuki Vitara Katana во стилот на мото-легендата на марката, со задача да ја поттикне тјунинг-сцената
New photo by Automedia MK / Google Photos

Во второто ниво на опрема GL Plus, за разлика во цена од 1.600 евра, следат уште неколку системи за асистенција (возило во мртов агол, предупредување за возило при излегување од паркинг наназад и др), радио со дисплеј од 7 инчи, камера за рикверц, грејачи во предни седишта и на ретровизорите, кожа на волан, алу-бандажи од 17 инчи, хромирани каросериски детали и потпирач за рака напред.

Тоа што кај конкуренцијата го нема ниту „за сите пари“, е погонот на сите тркала. Вообичаено за Suzuki и мошне чесно, погонот 4х4 не е врзан со највисокото ниво на опрема, туку е достапен уште во средното ниво GL Plus. Оваа опција чини 2.400 евра.

Врвот во понудата е нивото GLX, кадешто за 2.410 евра над нивото GL Plus, Vitara доаѓа опремена уште со паркинг сензори напред и назад, пристап и старт без клуч, навигација, полирани алу-бандажи, собирање на ретровизорите и седишта во комбинација од вештачка кожа и велур.

Споредба на новата хибридна изведба и претходната изведба на Suzuki Vitara 1.4 BoosterJet

(Варијанта со погон на сите тркала)

1.4 Hybrid

1.4

МОТОР

K14D

K14C

Цилиндри

4

4

Вентили

16

16

Зафатнина ccm

1373

1373

Пречник х Од [mm]

73 х 82

73 х 82

Компресија

10,9:1

9,9:1

Моќност kW (КС) / min

95 (129) / 5500

103 (140) / 5500

Вртежен момент [Nm / min]

235 / 2000–3000

220 / 1500-4000

ЕЛЕКТРОМОТОР

Моќност [kW]

10

Работен напон [V]

48

ПОГОН И ПРЕНОС

Менувач

Мануелен, 6 степени

Мануелен, 6 степени

Погон

На сите тркала

На сите тркала

ТЕЖИНА [kg]

Празно возило

1320

1270

Дозволена тежина

1770

1730

Приколка

1200

1200

ПЕРФОРМАНСИ

Крајна брзина [km/]

190

200

Потрошувачка [L/100 km]

– град

5,5

7,2

– пат

4,6

5,4

– просек

4,9

6,1

Просек [Нова норма WLTP]

6,4

Емисија СО2 [g/km]

104

138

Сер Стирлинг Мос во 1968 зад воланот на Suzuki

Сер Стирлинг Мос во 1968 зад воланот на Suzuki Fronte SS

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volkswagen Atlas

Volkswagen на 17-ти мај продолжува со производството во САД

Станици на OMV во Романија користат струја од сонце

Станици на OMV во Романија користат струја од сонце