Suzuki Swift доаѓа во новото моделско годиште со сменета маска и поспортски изглед, но и со преработен 1,2-литарски благ хибрид и нови системи за асистенција. Тоа му овозможува на ова култно моделско име да го задржи посебното место во градската класа.
Со освежен надворешен изглед, штедлив погон и збогатена безбедносна опрема, Suzuki Swift летово пристига во продажните салони. Промените во изгледот го нагласуваат препознатливиот стил на моделот, а во чекор со нив доаѓаат и неколку вредни зафати во техниката.
Suzuki се најде практично во предводничка улога, кога актуелниот модел го претстави во 2017 година, со вообичаениот спој меѓу згоден изглед и динамични возни својства, но и со благ хибриден погон и со низа системи за асистенција. Пред три години, тоа беше реткост во класата. Swift успеа да ја искористи таа предност и во тековната генерација, до крајот на 2019 година, постигна продажба од 745.000 примероци на 119 пазари ширум светот.
Препознатливиот изглед, со доминантни „раменици“, со покрив што личи како да виси над каросеријата и со вертикални диодни светла, сега добива повеќе нагласок на стилот и на спортската црта. Новото моделско годиште се препознава по формата на маската, со хоризонтална хромирана лајсна. Нов дизајн имаат и алу-бандажите од 16 инчи.
https://photos.app.goo.gl/XWkAr8MYktG4youa6
Спортскиот стил во кокпитот се темели на инструментите што личат како да се поставени во цилиндар и по конзолата што е завртена кон возачот. Спортскиот волан е зарамнет долу. Почнувајќи од средното ниво на опрема, сребрени украси во кабината внесуваат впечаток за солиден квалитет и модерен амбиент.
Благ хибриден погон со 83 КС доаѓа како стандард
Моторот 1,2 DualJet доживеа неколку важни зафати. Со можност од 83 КС, тој сега реагира подиректно, а во исто време, благиот хибрид се грижи потрошувачката да остане под конкуренцијата. Варијабилната работа на брегастото вратило во издувниот тракт сега работи со помош на електрика. Покрај тоа, пумпата за масло сега работи зависно од моментното оптоварување на моторот, придонесувајќи на тој дополнително намалување на потрошувачката на гориво.
Благиот хибрид и натаму се состои од стартер-генератор, кој работи како генератор при запирање и забавување, полнејќи ја малата батерија, за потоа да се префрли на работа како електромотор и да му асистира на моторот при поаѓање или при забрзување. По пример на неодамнешото освежување на Ignis, литиум-јон батеријата има зголемен капацитет од три на 10 амперчасови, што е заслужно за натамошното намалување на потрошувачката на гориво. Уште една посебност на стартер-генераторот е тоа што го стартува моторот меко и нечујно, по секое активирање на старт-стоп системот.
https://photos.app.goo.gl/P9WQFKsmMzyBMLGG6
Како алтернатива на мануелниот менувач може да се избере безстепен менувач CVT, кој ја нуди сета комоција на автоматски менувач. Уште една посебност на Swift е можноста за комбинирање со погон на сите тркала Allgrip, со вискозна спојка.
Безбедносната опрема е збогатена. Покрај самостојното запирање при опасност од судир и автоматското долго светло, почнувајќи од средното ниво на опрема се вградуваат уште предупредување при возило во мртов агол, со помош на диодна светилка во ретровизорите, како и камера за знаци. Третиот нов систем е активното следење лента со зафат во управувањето, кој помага возилото при брзина меѓу 60 и 160 km/h да се врати самостојно во лентата, кога системот ќе утврди дека возачот не внимава на патот во моментот.
Наскоро моделот ќе пристигне на македонскиот пазар. Тогаш ќе имаме и информација за нивата на опрема, како и за цените за новиот модел.
















