за

Панорамски дисплеј во кокпитот на новата Kia Carnival

kia carnival внатрешност
kia carnival внатрешност

Дизајнерите во Kia веруваат дека каросериските видови што останаа запоставени во СУВ-ерата може да заживеат доколку им се даде вистинскиот изглед. Големиот семеен ван Carnival е долго на сцената, но во последно време остана забележлив само за љубителите на овој вид возила. Новата генерација на ванот направи тој да стане интересен и за тие што допрво го „откриваат“ концептот на вановите – или се присетуваат на нивното постоење.

Сега следи првата фотографија којашто прикажува дека целата приказна околу моделот не се сведува на надворешноста, туку има многу новини и внатре, дури се и многу побројни и позначајни. Внатрешноста во четвртата генерација на Carnival го следи концептот на „Spatial Talents“. Нагласокот е на просторноста на кабината, на комфорот и на напредната технологија. Тоа што прави ванот на Kia да се разликува во конкуренцијата е спојот меѓу иновативност, приспособливост и стил.

Kia најавува значителен напредок во квалитетот и дизајнот во споредба со претходникот (на некои пазари го носи името Sedona). Напредната технологија се забележува особено во широката арматурна табла, со високо поставени дисплеи. Тука не е важна само димензијата на дисплеите, туку тие имаат и квалитетна предност, со тоа што реагираат со соодветна вибрација при ракувањето, како потврда дека функцијата е вклучена.

Двата дисплеи од по 12,3 инчи (31 cm) се поставени под заедничко стакло, слично како кај Mercedes. Голем дел од функциите се достапни преку допирање на дисплеите. За контрола на климатизацијата исто така се користи дисплеј што е вграден подолу. За контрола на преносот се користи ротациски контролер, кој понатаму го пренесува изборот до автоматскиот менувач.

На некои пазари Kia Carnival ќе биде достапна и во изведба со 9 или 11 седишта

Меѓуоскиното растојание е зголемено, со подолг каросериски превис назад, а каросеријата воедно е поширока. Тоа дава повеќе простор на сите три – или четири редови. Зависно од пазарот, Kia Carnival може да се нарача и во верзија со 9 или 11 седишта. Во стандардната изведба како седумсед, најбарани места за патниците ќе бидат оние во средниот ред, каде што може да се залегне и рацете да се потпрат комотно, па дури може и да се извлече потпирач за нозете.

Во кабината се предвидени повеќе приклучоци за напојување и USB-полначи, вклучувајќи мрежи за сместување телефон или фиока и масичка назад. При меѓуоскионо растојание од 3.090 милиметри и каросерија широка 1.995 милиметри (+10 mm), вкупната должина на Carnival е зголемена за 40 mm и изнесува 5.155 милиметри.

Kia наскоро ќе објави повеќе детали за новиот Carnival, чијашто продажба на корејскиот пазар започнува во третиот квартал, а набрзо потоа ќе следат и останатите пазари ширум светот.

>>> Kia ги враќа вановите на сцена со новиот Carnival

Kia Carnival
Kia Carnival

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Suzuki Swift се докажува како оригинален модел во класата

Suzuki Swift се докажува како оригинален модел во класата

Возачите на електричен Volkswagen со пристап до 150k полначи

Возачите на електричен Volkswagen со пристап до 150k полначи