за

Suzuki Swift со шампионски сооднос цена-потрошувачка

Suzuki Swift е двоен шампион: Прво е шампион со најниската емисија на СО2 во конкуренција, а тоа значи и најниска потрошувачка. Второ е шампион затоа што не постои модел со подостапна цена што постигнува пониска потрошувачка.

suzuki swift hibrid скопје салон

Suzuki Swift веќе со генерации важи како докажан модел и тука нема неизвесности. Богатата опрема, фамозната издржливост, живиот темперамент, сето тоа е стандард кај овој модел. Штедливоста добива нова дефиниција со моделското освежување. Swift пристига во Македонија – патем, еден е од ретките што вистински пристига од Јапонија – само во изведба со благ хибриден погон. Моментно не постои модел што по таа цена нуди поголема штедливост.

Два нови модели пристигнаа точно со есента во македонскиот салон на Suzuki. Едниот е Ignis, за чиешто пристигање веќе објавивме, а вториот модел е Swift. Двата носечки модели на јапонската марка добија неколку освежувања, точно во подрачјата во кои и претходно настапуваа убедливо.

За кусо потсетување. Suzuki Swift во актуелната генерација се појави во 2017 година, кога и се пласираше меѓу Топ 3 модели во градската класа во изборот за светски автомобил за 2018 година. До крајот на минатата година, во 120 држави ширум светот се продадоа 745.000 примероци од харизматичниот градски модел. Моделското освежување му донесе неколку нови детали во изгледот, направи возењето да биде уште попријатно, а има и нови системи за асистенција.

Најкрупната промена во изгледот ќе ја препознаат само познавачите. Маската е комплетно нова, поточно нова е решетката во маската, со поголем длабински ефект и со хромирана лајсна што внесува благородна нота. Има и неколку нови дизајни на тркалата, вклучувајќи и полирани изведби. Достапни се нови двобојни комбинации за каросеријата и може да се добијат елегантни колор-пакети во кабината.

Во комбинација со црн покрив, освен црвена бисерна металик и спиди-сина металик, отсега може да се нарача и новата портокалова боја. Промените во внатрешноста се однесуваат на украсните детали во сребрен финиш, кои се достапни во повисоките нивоа на опрема.

Емисијата на шампионскиот Swift е 88 грами СО2 на километар; Најблиску до таа вредност во класата е Ford Fiesta со мотор 1.0 EcoBoost со 125 КС, но цената ѝ е најмалку 5.000 евра над Suzuki

Најделотворната промена е под хаубата. Таму работи нова верзија на 1,2-литарскиот мотор, сега со ознака K12D, кој стандардно работи во комбинација со стартер-генератор и компактна литиум-јон батерија, односно работи како благ хибрид. Промените не го сменија темпераментот, туку направија потрошувачката да биде уште пониска.

Сменет е двојниот систем за впрскување на гориво, додека брегастото вратило за вшмукувачките вентили го менува аголот (VVT) со помош на електромотор. Заштеда во гориво постигнува и приспособливата пумпа за масло, како и електронски контролираните прскалки за масло за ладење на клиповите.

Клучната улога за зголемената штедливост ја има новата литиум-јон батерија, со повеќе од тројно зголемен капацитет, од 3 Ah на сегашните 10 Ah. Тоа значи дека при забрзувањето и при поаѓањето, стартер-генераторот може подолго да му асистира на моторот и да помага да се постигне динамично возење, без тоа да предизвика зголемена потрошувачка.

Suzuki Swift се докажува како оригинален модел во класата

Принципот на работа на благиот хибрид е наједноставен. Тој ја претвора кинетичката енергија што се ослободува при запирањето во електрична енергија, којашто се акумулира во литиум-јон батеријата. Оваа енергија ја користи стартер-генераторот при поаѓање и забрзување, затоа што во тие ситуации тој работи како електромотор и му помага на моторот, заштедувајќи гориво.

Следната придобивка што веднаш ќе ја почувствуваат возачките и возачите на кои им е ново возењето во Swift Hybrid е мекото стартување на моторот. Тоа се должи на фактот што стартер-генераторот е поврзан со коленастото вратило на моторот со ремен. Впечатливо мекото и нечујно стартување на моторот, се забележува и по секое поаѓање од семафор, откако ќе се активира системот старт-стоп.

Тоа што му донесе плуд бодови на Swift во битката за автомобил на годината при неговата премиера беа системите за асистенција. Јапонците повторно додадоа неколку од овие корисни системи, како за безбедноста, така и за релаксираноста во возењето.

Покрај самостојно запирање при опасност од судир, систем за задржување во лента и автоматско долго светло, освежениот Swift во топ-нивоата поседува уште камера за сообраќајни знаци, систем за следење лента и асистенција при престројување.

Последниов систем се состои од два радарски сензори во опашот, што предупредуваат при обид за престројување, доколку во мртвите агли назад има возило. Во тој случај светнува сигнал во надеврешниот ретровизор од соодветната страна.

Кај системот за следење лента, моно-камерата ги снима лентите на патот, при брзини меѓу 60 и 160 km/h. Доколку возилото почне да се приближува кон една од лентите, електронското сервоуправување соодветно врши корекција, за возилото да се врати во лента.

Понудата на нашиот пазар започнува со Suzuki Swift 1.2 DualJet Hybrid со ниво на опрема GL и цена од акциски 12.980 евра (редовно 13.990 евра). Со менувач CVT, кој нуди комоција на автоматски менувач, оваа изведба на Swift чини 13.960 евра. Стандардната опрема опфаќа приспособлив темпомат, кожа на волан, радио со команди на волан, клима уред, грејачи на ретровизори, диодни предни и задни светла.

Во средното ниво GL Plus, јапонската марка дополнително ги вградува спомнатите камера за знаци и систем за задржување во лента, предупредувањето при возило во мртов агол, алу-тркала од 16 инчи со гуми 185/55, дополнително затемнети задни стакла, предни магленки, средишен дисплеј од 7 инчи и камера за рикверц, поврзување со паметен телефон, грејачи во предни седишта, паркинг сензори и автоматско долго светло. Сите овие плус ставки заедно чинат помалку од 1.000 евра, односно Swift со ова ниво чини 13.960 евра.

Топ-нивото GLX во сериската опрема вклучува уште пристап и старт на мотор без клуч, автоматика за клима уредот, навигација, уште два звучници, електрика и за задните прозорци, трепкачи во ретровизорите, алу-тркала од 16 инчи со полиран финиш, собирање на ретровозорите, украсни лајсни во сребрена боја и осветлени регистерски таблици. Дури и во највисокото ниво на опрема, Suzuki Swift ја задржува фамозната противвредност – цената во овој случај изнесува 15.780 евра.

Опција останува единствено металик лак (18.540 денари) или двобојна каросерија (24.720 денари, 4 комбинации).

Варијантата со погон на сите тркала не е наведена во ценовникот. Гаранцијата е стандардно 5 години или 100.000 километри.

https://www.instagram.com/p/CFfFD6OK9s3/

>>> Зошто Suzuki Ignis не е само „малечок“ автомобил?

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Новиот шеф на Ford комплетно го смени раководството

FORD_TRANSIT_5T

Ford Transit од 5 тони, класичарот во тешка категорија