за

Електро-субвенции : Од 2.300 евра во Холандија до 11.500 евра во Романија

Volkswagen електрични возила САД

Многу држави, иста цел. Владите во голем број земји ја поттикнуваат продажбата на електрични автомобили преку субвенции, но и преку повластувања во возачкото секојдневие. На тој начин, цената на возилата со батерија се изедначува со обичните автомобили.

Во секоја земја, различни правила. Тоа важи и за изборот на начинот за поттикнување на продажбата на електричните автомобили, а тоа секогаш значи намалување на крајната цена за купувачот. Постојоат три видови субвенции: Регулаторни, даночни и финансиски, како и различни комбинации од нив.

Посебно се забележува тоа што најголемите европски пазари на автомобили дополнително ја поттикнуваат и продажбата на службени електрични автомобили, не само преку субвенции, туку и преку даночни олеснувања.

Во продолжение се придобивките што ги нудат некои од најнапредните пазари за електрични автомобили во светот. Како и секогаш, постојат изненадувања.

КИНА

Кина е најголем пазар за електрични автомобили во светот. Само во првото тромесечие, пазарот порасна за 117 проценти. Тоа е заслуга на достапните цени на возилата и на широката понуда, но и на владините мерки. За електричните возила не постојат забрани за сообраќај, како што е случај со обичните возила во кинеските мегалополиси.

електрични автомобили продажба

Најмногу влијание сепак имаат субвенциите, иако тие се скусуваат годинава. За возила со досег над 400 километри се одбиваат 3.300 евра (претходно 7.300 евра), додека за досег меѓу 250 и 400 километри, важи субвенција од 2.400 евра. Лани во земјата беа регистрирани повеќе од 750.000 чисто електрични автомобили.

САД

Електричните автомобили се ослободени од сите сојузни даноци што се поврзани со потрошувачката на гориво. Покрај тоа, следи субвенција во висина до 7.500 долари. Откако одреден производител ќе продаде повеќе од 200.000 електрични возила, државата повеќе не ги субвенционира неговите автомобили. Така беше случај со Tesla и General Motors.

НОРВЕШКА

Норвешка е светски шампион во електромобилноста. Едно од три нови возила што биле продадени лани во богатата скандинавска држава, возат на струја. Во првите три месеци од 2019 година, нивниот удел се зголеми на половина.

Автомобилите на струја се ослободени од царина, исто како и од 25% ДДВ. На тој начин, на Норвежаните им се овозможува да купат електричен автомобил практично по цена на автомобил со обичен погон. Возилата можат да ја користат лентата за јавен превоз, ослободени се од патарина, плаќање паркинг и превоз со траект.

ГЕРМАНИЈА

Од средината на 2016 година важи еко-бонус од 4.000 евра, при што една половина оди на сметка на државата, а другата половина ја плаќаат производителите на автомобили. Друга повластица е ослободувањето од данок на возило во период од десет години. Фирмите што користат службени автомобили на струја исто така плаќаат повластен данок.

ФРАНЦИЈА

Во Франција се применува систем бонус-малус, односно поголеми повластици за автомобилите со почиста емисија и поголеми давачки за автомобилите што имаат послаб квалитет на издув. Во исклучителен случај, давачките за возила со висока емисија на СО2 може да надминат 10.000 евра.

Наспроти тоа, за електричните возила се одобрува еко-бонус од 6.000 евра. Ако на тоа се додаде цената на откупот на старо возило, која што може да достигне до 2.500 евра, тогаш вкупното ценовно олеснување изнесува до 8.500 евра.

ХОЛАНДИЈА

Електричните автомобили се ослободени од данок при регистрација, чијашто висина зависи од емисијата на СО2. За бензинец со емисија на СО2 над 100 g/km, овој данок изнесува 2.355 евра. Покрај тоа, електро и хибридните возила се ослободени од данок на возило до 2020 година. Постои и повластување за возачите на службен автомобил на струја, кои истиот го користат и приватно, односно даночната основа изнесува само 4% место 22 проценти.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА

За електрични автомобили се одобрува субвенција до 3.500 фунти. Најголемата предност е во градовите, особено во Лондон. Возилата со погон на струја имаат бесплатен пристап во центарот на градот. За останатите возила се наплаќа 11,50 фунти дневно. Дополнителна придобивка претставува и бесплатниот пристап во лондонската зона со ниска емисија, што за обичните автомобили чини уште 12,50 фунти дневно.

ШВЕДСКА

Од минатото лето се одбиваат 60.000 шведски круни (5.700 евра) од цената на електричните автомобили. Овој бонус се плаќа по шест месеци од купувањето, за возилото да не се отуѓува во меѓувреме. Бонусот се намалува за 833 круни, за секој грам СО2, но само за возила со емисија на СО2 до 60 g/km.

ИТАЛИЈА

Италија воведе нов систем бонус-малус во март годинава. Субвенцијата може да достигне 6.000 евра, вклучувајќи 2.000 евра за откуп на старо возило со норма Еуро 1 до Еуро 4.

РОМАНИЈА

Романија е најголемото изненадување во поглед на субвенционирањето: 10.000 евра државна помош за купување електричен автомобил и 1.500 евра за откуп на возило постаро од осум години. Лани се продала повеќе од 600 електрични автомобили, а во првите три месеци од годинава во семјата се регситрирани 213 продажби на електромобили.

Skoda доби електро-подмарка iV и два модели: Хибриден Superb и Citigo на струја

Германија планира зголемување на субвенциите за електрични автомобили

Opel Corsa стартува со електричната изведба, дизели и бензинци малку подоцна

Со електричен автомобил најдобро одговара „соларна“ гаража

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

BMW nova serija 1

Нова серија 1 на BMW: Со сета сила напред

Toyota Corolla 12T test automedia

Топ 25 модели во април: Toyota Corolla со +25% во продажбата