за

Србија субвенционирала купување 1.183 електрични и хибридни возила

Министерството за животна средина на Србија трета година го потпомага купувањето нови возила со електричен или хибриден погон. Како што соппштуваат од министерството на Ирена Вујовиќ, целта е да се поттикне Србите да користат вид на превоз што е прифатлив за животната средина.

Субвенциите се доделуваат врз основа на посебна уредба што ја донесува Владата на Република Србија. Износот на средствата за субвенционирање се одредува посебно секоја година. Потпомагањето на купувањето возила со ниска или нулта емисија на штетни материи е суштински дел од пакетот мерки што имаат за цел да го подобрат квалитетот на воздухот и да ја унапредат животната средина.

Право на субвенција имаат сите граѓани, правни лица и претприемачи, коишто ќе достават барање најдоцна до 31-ви октомоври во тековната година. Висината на средствата се движи од 250 евра за мотоцикли и скутери, до 5.000 евра за возила што користат чисто електричен погон.

Иако Министерството за годинава имаше наменето повеќе средства од кога било досега, интересот на граѓаните далеку ги надмина предвидените 150.000.000 динари (одговара на околу 1,28 милион евра). Поради тоа, ресорното министерство реши да издвои дополнителни средства од буџетот, за да излезе во пресрет на заинтересираните лица за купување електрични и хибридни возила.

Во 2020 година, Србија субвенционираше купување 112 возила со чист издув, лани беа 446 нови автомобили, а вкупниот број на субвенционирани возила годинава достигна 625 возила.

Српското министерство за животна средина најавува дека и в година ќе продолжи со потпомагање на купувањето електрични и хибридни возила, со одвојување значајна сума од буџетот, во насока на смалување на аерозагаденоста што произлегува од сообраќајот.

Овие износи им се исплаќаат на купувачите на електрични возила:

  1. за возила од вид L1 и L2 (мопеди и лесни трицикли), 250 евра;
  2. за возила од вид L3 – L7 (мотоцикли), 500 евра;
  3. за возила од вид М1 и N1 (патнички возила и лесни товарни возила) со чисто електричен погон, 5.000 евра;
  4. за возила од вид М1 и N1 со хибриден погон со приклучок за полнење на батеријата и емисија на СО2 до 50 грами на километар, 3500 евра;
  5. за возила од вид М1 и N1 со хибриден погон, што сами ја полнат батеријата во текот на возењето, со емисија на СО2 до најмногу 100 грами на километар, 2.500 евра. 

Според македонската статистика, во државата лани имало регистрирано 128 патнички автомобили (+59 во однос на 2020), 17 товарни возила (+4 возила), 96 мотоцикли (-20) и 2 работни возила, односно вкупно 243 возила (+45 возила во однос на 2020). Субвенции за електрични и хибридни возила практично не постојат (иако хибридните возила со децении имаа ослободување од акциза), единствено следи ослободување од акцизата што државата ја наплаќа за автомобилите како „луксузна стока“. Акцизата од 1-ви јануари 2020 година е преименувана со Данок за возила.

Во државата во изминативе десет години се случи катастрофално назадување на возниот парк од сите гледишта, особено во поглед на еколошката погодност на возилата. Станиците за полнење електрични возила што ЕВН ги постави пред десет години уште се најголемата инвестиција што е направена во електрификацијата на возниот парк. Секако дека и увозниците вложуваат, како во поставување полначи во кругот на своите објекти, така и во обука на персоналот и во целата логистика, за електричните возила да се најдат во нивната редовна понуда за македонскиот пазар.

Колку државата е во тек со електромобилноста и со историската пресвртница со преоѓањето од фосилни горива на електрична енергија од обновливи извори, сведочи фактот што со години се дозволува во државата да се довлечкуваат стари луксузни возила со енормна емисија на штетни материи, што се практично забранети во најнапредните држави во ЕУ. Двојна штета се причинува со дозволувањето да се возат автомобили под бугарски регистерски ознаки. Единствената причина што по македонските улици секојдневно се забележуваат возила со бугарски и други немакедонски таблици е избегнување да се платат еколошките давачки поради високата штетност од емисијата на издувни гасови од тие возила.

Со електричен Seres 3 од изворот на Треска до Скопје

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Citroen на барање или да си изнајмиш кола месец за месец

Виетнамците ги испратија своите електрични возила до Калифорнија