VinFast ги испорача своите СУВ-модели со електричен погон за САД. Виетнамската групација Vingroup го најави овој историски чекор пред пет години, кога стартуваше со автомобилскиот огранок VinFast, со цел да произведува електрични автомобили што исполнуваат највисоки стандарди.
Возилата беа натоварени на брод во црвена и бела боја, украсен со обележјата на VinFast, на пристаништето во Хаифонг, град во северниот дел на азиската земја. Деветстотини деведесет и девет електрични автомобили патуваат до Калифорнија. Возилата се очекува да им бидат испорачани на сопствениците кон крајот на декември.
На чинот на отпловување на бродот претходеше свеченост, во присуство на премиерот Фам Мин Чин и на други високи државни службеници, со патриотска музика, настапи на најголемите музички ѕвезди и бројни говори.
Настанот укажа на големото значење што државата во Југоисточна Азија го гледа во овој потфат на Vingroup, да создаде автомобилска марка што цели на светскиот пазар, со модели што исполнуваат највисоки стандарди.
„Овие автомобили ќе ги прикажат аспирациите и гордоста на Виенам пред светот“, порача премиерот Чин.
Компанијата што се впушта во конкурентска борба со најголемите производители на автомобили во светот, во септември најави дека во ноември ќе испорача 5.000 возила за пазарите во САД, Канада и Европа.
Како што објави Блумберг, VinFast планира да ги понуди своите акции на американската берза, што би можело да се се случи веќе во јануари в година.
VinFast во јули објави дека потпишале договори со банките, за подигнување кредити во висина од најмалку 4 милијарди долари. Овие средства се наменети за проширување на присуството на марката во САД, вклучувајќи и изградба на фабрика во Северна Каролина.
Како што соопштуваат од компанијата, VinFast досега има добиено 65.000 нарачки во светски рамки за своите електрични модели VF 8 и VF 9.