за

Уште колку спојувања преостануваат меѓу автомобилските производители

спојувања автомобилски производители

Францускиот PSA го презеде Opel, конкурентот Renault долги години е во алијанса со Nissan, на којашто ѝ се приклучија Mitsubishi и Avtovaz, а последно, VW почнува нова соработка со Ford. Целта е да се постигне заштеда, која потоа ќе се инвестира во новите технологии, главно во електромобилноста. Но, некои од врските не траат вечно

Поранешниот шеф на Fiat, Серџо Маркијоне, умееше многу јасно да ги објасни работите. Според него, производител на автомобили може да се одржи во конкурентската борба само доколку продава најмалку пет милиони автомобили годишно. Тоа е едно од основните правила во трговијата. Кога купуваш повеќе примероци од еден производ, добиваш попуст. Колку повеќе примероци, толку поголем попуст. Производителите на автомобили постигнуваат заштеда на тој начин, кога набавуваат компоненти за своите возила од добавувачите, и оошто, при секаков вид набавки.

Во мај 1998 година, во Лондон беше потпишан „бракот“ меѓу Daimler и Chrysler, кој не успеа; Денес Daimler AG настапува мошне резервирано во поглед на соработките

Спојувањето на повеќе производители, со цел да се зголеми продажбата, не успева секогаш. Еден од бројните такви примери беше таканаречената „рајска венчавка“ меѓу Daimler и Chrysler. По пропаднатата врска со американскиот концерн, Daimler е мошне претпазлив и верува единствено во Renault.

Потпишување на договорот за спојување меѓу Daimler и Chrysler во Лондон, на 7-ми мај 1998 година: Претседателот на Daimler, Јирген Шремп (лево) и претседателот на Chrysler, Роберт Итон (десно)

New photo by Automedia MK / Google Photos

BMW доживеа слично фијаско, по спојувањето со англискиот Rover. Баварците моментно одржуваат само најосновна форма на соработка со Toyota, којашто меѓу другото се сведува на заеднички развој на модели од споредните сегменти, како што се BMW Z4 и Toyota Supra. Постојат гласини дека Минхен преговара со Hyundai, за соработка околу автономното возење. Не е првпат Баварците да водат преговори со Сеул. Пред неколку години беше во игра соработка за мотори.

Така изгледаше понудата од модели на Англичаните, кога BMW го презеде Rover во 1994 година

New photo by Automedia MK / Google Photos

Електромобилноста е најчеста причина за новите соработки и спојувања меѓу автомобилските гиганти. Преоѓањето на погонот на струја бара баснословни суми. За колкав износ на инвестиции станува збор, доволно сведочи примерот со Volkswagen, кој до 2023 година ќе инвестира 44 милијарди евра во електричниот погон и во новите форми на мобилност. Поради тоа, производителите бараат партнер за соработка на сите можни полиња, за да се постигне заштеда каде било и истата да се инвестира во погонот на струја.

Соработките и партнерствата станаа неопходност во автомобилската индустрија, затоа што ниту големите концерни не можат секогаш да ги обезбедат самостојно инвестициите за новите технологии

Volkswagen и Ford неодамна потпишаа соработка и се надеваат дека таа ќе им помогне да се одржат во живот сегментите што станаа нерентабилни, како на пример класичните лимузински модели. „Купувањето на големо“ е добро и во сегментот на доставните возила. Прашањето е, зошто денес би успеало тоа што своевремено заврши неславно за Daimler и BMW?

Volkswagen и Ford веќе имаат неколку соработки, вклучувајќи ги вановите Sharan и Galaxy

New photo by Automedia MK / Google Photos

Volkswagen пред неполна деценија имаше лоша авантура во Индија, кога требаше да се воспостави соработка со Suzuki, кој доминира на тамошниот пазар. Денес е јасно дека германските менаџери настапувале премногу доминантно пред јапонскиот партнер, наложувајќи ги сопствените принципи на делување. Експертите ценат дека од истите причини пропадна и бракот меѓу Daimler и Chrysler.

Купувачите се тие што го имаат конечниот збор, дали некоја соработка ќе успее или не; Renault и Nissan долги години беа пример за успешна соработка, но потоа се вмеша политиката

Шефовите на големите концерни денес функционираат во глобални размери и имаат повисока свест за културните разлики, па соодветно на тоа, настапуваат повнимателно. Сепак постојат примери дека уште се применува принципот на секира. Таков е случајот со строгото владеење на шефот на PSA, Карлос Таварес, во Opel. Германската марка мораше да се откаже од круцијални вредности, меѓу другото и од сопствените мотори. Времето ќе покаже дали Opel ќе го задржи идентитетот пред купувачите, кои секогаш го имаат крајниот збор.

Од спојувањата некогаш произлегуваат спектакуларни модели: Chrysler 300C

New photo by Automedia MK / Google Photos

Уште еден актуелен пример за чувствителноста на соработките и сојузите се Renault и Nissan. Шефот Карлос Гон повеќе не управува со алијансата, и иако пред повеќе од две децении, како тогашен шеф на Renault, тој го спаси Nissan од финансиската руина, Јапонците сé погласно бараат да се раскине соработката со францускиот производител. Тоа би претставувало сериозен удар за сите партнери во алијансата.

Неколку позначајни удели на автомобилските компании:

  • Daimler AG поседува удел од 10.0% во KAMAZ.
  • Daimler AG поседува удел од 89.29% во Mitsubishi Fuso.
  • Daimler AG поседува 3.1% од алијансата Renault-Nissan.
  • Daimler AG поседува удел од 12% во Beijing Automotive Group.
  • Dongfeng Motor поседува 12.23% удел и 19.94% извршно право на глас во групацијата PSA.
  • FCA поседува удел од 10% во Ferrari.
  • FCA поседува удел од 67% во Fiat Automobili Srbija.
  • FCA поседува 37.8% од Tofaş, исто колку што поседува и Koç Holding.
  • Fiat Automobili Srbija поседува удел од 54% во Zastava Trucks.
  • Geely Automobile поседува удел од 23% во The London Taxi Company.
  • Geely Automobile поседува удел од 49.9% во PROTON Holdings и 51% удел во Lotus Cars.
  • Geely Holding Group поседува удел од 9.69% во Daimler AG.
  • Geely Holding Group поседува 8.3% удел и 15.9% извршно право на глас во Volvo.
  • General Motors поседува удел од 94% во GM Korea, а SAIC Group поседува 6% удел.
  • Mahindra & Mahindra поседува удел од 70% во SsangYong Motor
  • MAN SE поседува 17.01% од Scania.
  • Mitsubishi Group поседува 20% од Mitsubishi Motors.
  • Nissan поседува 34% од Mitsubishi Motors.
  • Porsche Automobil Holding SE поседува удел од 50.74% во Volkswagen Group. Автомобилскиот бизнис на Porsche е во целосна сопственост на Volkswagen Group.
  • Renault поседува 43.4% од акциите на Nissan, додека низан поседува Nissan 15% од акциите на Renault (без право на глас).
  • Renault-Nissan Alliance поседува 3.1% од Daimler AG.
  • Renault поседува 25% од AvtoVAZ
  • Renault поседува 80.1% од Renault Samsung.
  • Toyota поседува 100% од Daihatsu.
  • Toyota поседува 50.1% од Hino.
  • Toyota поседува 16.7% од акциите на Subaru Corporation, компанијата во којашто спаѓа автомобилската марка Subaru.
  • Toyota поседува 5.9% од Isuzu.
  • Toyota псоедува 5.05% од Mazda, додека Mazda поседува 0.25% од Toyota.
  • Volkswagen Group поседува 99.55% од Audi Group.
  • Volkswagen Group поседува 37.73% од Scania (68.6% право на глас), 53.7% удел во MAN SE (55.9% право на глас).

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

проверка ниво моторно масло зиме

Го проверувате нивото на моторно масло зиме?

Mercedes Daimler Дитер Цече

На шефот на Daimler му следува пензија од 4250 евра – дневно