Славче Таневски за Аутомедиа: „Убавината да се работи за Мерцедес-Бенц е играта со различни изведби, влегувањето во различни светови“

„Токму тоа е убавината да се работи за бренд како Мерцедес-Бенц. Може да си играте со различни изведби, различна техника, да влегувате во световите на секоја целна група. Сето тоа е задоволство, возбуда, но и одговорност,“ кажува Славче Таневски во интервјуто.

Славче Таневски е препознатливо име за македонската јавност, многу пошироко од границите на автомобилизмот, речиси поп-ѕвезда. Во новото интервју за Аутомедиа, дизајнерот на Мерцедес-Бенц, го објаснува волшепството да се работи за марка, што во 2026 одбележува 140 години, откако на светот му го даде првиот автомобил.

Во големата моделска офанзива на Мерцедес-Бенц по тој повод, еден од најважните нови модели е токму Ц-Класата. Со македонскиот дизајнер што работи на едно од најценетите места во браншата, разговараме за создавањето на изгледот на сега електричната Ц-Класа, којашто внесе радикални промени во изгледот на германската премиум марка, а сцената во неа пак ги препозна традиционалните модели од Штутгарт.

Аутомедиа: Дизајниравте спортско купе што носи големо историско наследство (наследник на низата од 300 СЛ од 1954 година), луксузен родстер (СЛ), претходно ЦЛА, електричен СУВ, купе изведба од најпродаваната моделска серија ГЛЦ, а сега следи веројатно најважниот модел на Мерцедес-Бенц во моментов, електричната Ц-Класа. Како е да се работи на дизајнот на толку различни моделски серии?

Славче Таневски: Токму тоа е убавината да се работи за бренд како Мерцедес. Може да си играте со различни изведби, различна техника, да влегувате во световите на секоја целна група. Сето тоа е задоволство, возбуда, но и одговорност. Кога ќе прошетате низ Мерцедес музејот во Штутгарт, ќе се инспирирате, но и ќе се замислите. Дали вашиот дизајн е достоен да стои таму за некоја декада, дали сте ги пренеле вредностите на марката и дали сте додале нови? Да се пренесе тоа наследство е императив, но секогаш во контекст со времето и со актуелната технологија. Секој модел си има свои карактеристики и цаки. Кај еден СЛ важни се перформансите, изгледот, аероакустиката со отворен кров, WOW факторот…, не толку големината на багажникот, на пример. Додека кај една Ц-класа, приоритет е комфорот, секојдневната практичност, досегот на батеријата… На секој нов проект посветуваме исто внимание и време, без разлика дали е А или С класа.

Сцената мошне брзо се навикна на новиот дизајн на Ц-Класата, веројатно на целата сцена не постои споредлив модел со толкава дизајнерска пресвртница во поново време, што бил прифатен толку брзо.

СТ: Тајната е во складниот дизајн. Кај новата Ц класа го имаме препознатливиот преден дел, со вертикално ориентирана маска, долга хауба, силуета која е лесна на око и динамична. Завршуваме со заден дел кој потсеќа на 4-вратниот ГТ. Елементи кои се внимателно вклопени и не иритираат.

Носот со новата маска изгледа дека е издаден понапред и личи како кај тркачки болид во Формула 1 од 1950-те години. Што всушност гледаме во оваа каросерија?

СТ: Волуменот на хаубата почнува да се развива од маската и се издолжува во V-формација према ветробранското стакло. Типична игра на пропорции за Мерцедес која ја потенциравме овојпат. Исто така долга хауба, необично за една целосно електрична лимузина. Кабината се потпира на задниот дел, визуелното тежиште на возилото е на задната оска. Ова е исто типично за сите наши лимузини кои во минатото имале заден погон.

Иако се чини дека сé е сменето и во друг стил, се забележува изобилство детали што се својствени за историски модели на Мерцедес-Бенц, покрај маската, како надолжните вдлабнувања во хаубата и јасно изразениот средишен раб.

СТ: Зависно од приликите и барањата на техниката некогаш одиме со попрогресивен пристап, некогаш со потрадиционален. Динамичните класи како ЦЛА, А-класа, ГЛА имаат поголема прогресија затоа што се наменети за помлада целна група, додека една Е или С класа, како столб на марката, треба да изгледаат потрадиционално, според мое мислење.

Силуетата е сосем друга приказна. Дури и третиот прозорец во задните столбови е несвојствен за лимузина на Мерцедес-Бенц. Зошто мораше да се направи толкава отстапка од лимузинската форма? Дали во електричната ера ќе исчезне класичната триделна форма?

СТ: Колата првично порасна во висина за 11 сантиметри. Толку е висока батеријата. Ние успеавме да ја направиме само 6 сантиметри повисока од бензинската варијанта со неколку трикови. Тоа беше првиот дел од задачата, физички да ги спакуваме елементите. Вториот дел беше како визуелно да ја продолжиме лимузината. Тоа го направивме со третиот страничен прозор, кој подолго го задржува окото во хоризонтален правец.

Задниот дел раскрстува со сите традиции и тука веројатно ќе биде потребно многу подолго време додека сцената се привикне. 

СТ: На задниот дел имаме округол завршеток, волуменот е како на ГТ. Тоа го потенцираме со графиката на задните светла која е едноставна и ја прави колата визуелно широка. За прв пат во една лимузина ја имаме регистарската табличка во браникот, карактеристика на нашите купе возила. Со ова имаме послеани и полни површини.

Кај бројни марки и модели честопати се стекнува впечаток како регистерските таблици да се заборавени при дизајнирањето.

СТ: Да, тоа е проблем. Никаде кај нашите автомобили нема да најдете агол од 90 степени, ниту целосно рамна површина. А имате четириаголна плоча дефинирана со закон која мора да ја интегрирате. И тоа во 6-7 различни величини (Европа, САД, Јапонија, Кореја, Кина, Швајцарија…). Притоа треба да биде осветлена и така поставена да не ви летне при перење на автоматска перална. Секако дека се посветува големо внимание при интеграцијата.

Покрај враќањето на традиционалните обележја во дизајнот, се чини дека се враќа и белата боја, некогаш прва боја на 123-ката, на 115/116, па и на старите С-Класи?

СТ: За жал статистиките за продажба кажуваат дека најголемиот дел од продадените коли се со ахроматска боја, бела, сива или црна. Интересен податок, на пример, 90% од продадените С-класи се црни. При лансирањето обично користиме бои кои отстапуваат од оваа шема, но нема голема спремност кај клиентите. Со нашата Мануфактур програма, кај најскапите возила може да одберете буквално која нијанса ја сакате.

Заборавивме дека Ц-Класата денес е електрична. Што се менува кај електричните автомобили, во поглед на просторот и слободата за креативност на дизајнерите?

СТ: Во првиот бран на некоја нова технологија, сакате да покажете дека се издвојувате, дека го имате најновото. Полека трендот оди на унифицирање на формите и пораката која автомобилот ја праќа за себе, така што електро возилата не се издвојуваат со изгледот од бензинските.

Како локација за светската премиера на Ц-Класа беше избран Сеул. Зошто беше избран токму јужнокорејскиот град?

СТ: Јужна Кореја е еден од најважните пазари, посебно за лимузини. Таму С-класата е многу добро етаблирана. Затоа беше одбрана таа локација за електричната Ц.

Вие долги години живеете и работите во Германија, што е тоа што најмногу Ве одушевува и исполнува кога ќе дојдете во Македонија?

СТ: Во Македонија сум многу често. Тука ми се блиските. Тоа е време кога можам да се исклучам (до некаде) од работните обврски и да здивнам. Ги посетувам местата кои ми значат, пробувам по некој наш традиционален рецепт, по некој муабет…

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Slavche Tanevski (@slavchet)

Имате дизајнирано многу модели на Мерцедес-Бенц. Како реагирате кога ќе видите автомобил што го имате дизајнирано на улица, дали секогаш се свртувате да погледнете?

СТ: Интересно е како секој автомобил изгледа различно во различно опкружување. Во Скопје можеби поексклузивно отколку во Штутгарт. Тука секако има значење архитектурата која се отсликува во површините на автомобилот, но и небото, интензитетот на светлина. Исто така и различните бои ѝ даваат различен карактер на колата. Тоа е нешто што се фатив дека несвесно го приметувам, професионална деформација. А, по секој СЛ и ГТ се вртам, да. 😉

Кои се следните модели на коишто работите?

СТ: Тие кои што ќе бидат на пазарот на почетокот од наредната декада.

Колку често Ве контактираат дизајнерски таленти и надежи од Македонија и регионот? Вие сте мошне активни и на друштените мрежи, дали луѓе Ви испраќаат скици и дизајни да ги погледнете и да ги упатите во вистинската насока?

СТ: Многу ретко, скоро никогаш. Слободно може секој да ме исконтактира, ќе ми биде мило да запознаам млади со истата пасија како мојата и колку можам ќе ги насочам и ќе им помогнам. Инаку друштвените мрежи ги користам и за промоција на Македонија, да се навратам на претходното прашање, со моето хоби фотографија пробувам да ги исценирам моите дела во Македонска атмосфера. Така сликата и искуството се комплетни.

Претходна објаваКиа Спортаж во моделска 2027-ма со повеќе опрема и пониска цена
Следна објаваСтелантис вложува милијарда во фабриката на Пежо во Милуз

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here