Големите производители од ковот на БМВ, Ауди и Фолксваген го пропуштија претходното издание на парискиот салон во 2022 година. Тие се враќаат годинава, заедно со Форд и Киа.
Најголемиот производител на електрични автомобили во светот БИД, ќе го предводи смалениот контингент од кинески производители на салонот во Париз во октомври. Европските марки одеднаш пројавуваат интерес за настанот што некогаш им користеше како главна бина за своите новитети да ги прикажат пред светот.
На БИД ќе му се придружат помалите кинески марки, вклучувајќи ги Фортинг и Серес (марки на групацијата Донгфенг, присутни на македонскиот пазар), Експенг, ГАЦ, Скајворт, Хончи и Максус.
Марката МГ, што е дел од САИЦ и во Европа продава повеќе од која било друга марка од Кина, нема да присуствува на салонот, иако во почетокот од годината изложуваше на салонот во Женева, заедно со БИД.
Грејт Вол Моторс, познат тука по марката Хавал и изложувач на францускиот салон во 2022 година, исто така ќе го прескокне годинешниов салон во Париз.
Германските производители во меѓувреме решија да се вратат под полна спрема на парискиот салон. Од марките на концернот Фолксваген, штандови во Париз ќе постават матичната Фолксваген, Ауди и Шкода. Салонот се одржува од 14-ти до 20-ти октомври. БМВ и Мини исто така ќе учествуваат.
Од домашните производители, потврдено е учеството на Рено, Дачиа и Алпин, марки на групацијата Рено, додека Стелантис резервираше место на салонот за своите марки Пежо и Ситроен.
Организаторите го потврдија и учеството на Киа, Алфа Ромео и Кадилак, како и Форд.
Меѓу помалите марки што го потврдија учеството се швајцарскиот специјалист за ЕВ, Микролино, Моук од ОК и францускуите прозиводители на микро-автомобили Лижје, Eксам и Еон Моторс.
Од останатите француски компании што имаат своја специјалност во автомобилската бранша, на салонот во Париз ќе присуствуваат производителот на електрични теренски возила Кило и производителите на спортски автомобили Девалие, Панторе и ПГО.
Јапонскиот добавувач ТХК доаѓа во Париз со својот прототип на електрично возило ЛСР-05, преку коешто го прикажува широкиот обем на иновации на компанијата. Меѓу нив спаѓаат електромотор во тркало и напреден механизам за лизгање на седиштата.

Присуството на компании од најразновидни гранки означува враќање на браншата на големите салони на автомобили. Овој традиционален начин на допирање до публиката беше напуштен по избувнувањето на ковид-пандемијата.
Салонот во Париз беше откажан во 2020 година, додека на следното издание присуствуваа главно француските производители. Покрај нив, на салонот учествуваа уште Мерцедес-Бенц, виетнамскиот Винфаст и концернот Стелантис преку својата марка Џип, како и неколку производители од Кина.
Париското автомобилско шоу се одржува на секои две години, со тоа што во непарните години се заменува со германскиот ИАА, сега во Минхен, место како порано во Франкфурт.
Следниот собир на браншата на ИАА во Минхен ќе се одржи во 2025 година.
Организаторите на салонот во Женева во мај потврдија дека настанот се откажува за одредено време, откако во февруари годинава не успеа да привлече доволен број изложувачи.
Женевскиот салон се одржа првпат по 2019 година. Организаторите одеднаш го откажаа настанот за 2020 година, само неколку денови пред закажаниот почеток на 28-ми февруари, поради ковид.
Глобална пандемија беше прогласена на 11-ти март 2020 година.

Носечки марки
Кинеските марки, предводени од БИД и САИЦ станаа главни марки на европските салони на автомобили, откако голем број од традиционалните производители престанаа да ги подржуваат салоните во Париз, Минхен и Женева.
Силниот пробив на Кина во Европа сепак беше попречен, откако Европската Унија во јули потврди дека ќе ги воведе дополнителните привремени царини за електрични возила, со веројатност по ноември тие да останат трајни.
За БИД, дополнителните царински оптоварувања изнесуваат 17,4 проценти, покрај досегашните 10 проценти.
Царините имаат за цел да поништат ценовната предност што кинеските производители на автомобили ја постигнуваат преку силната финансиска помош од Пекинг. Производителите што не соработуваа во истрагата на ЕУ, сега се изложени на царини во вкупна висина до 48 проценти.
Француската влада во меѓувреме ги смени условите за добивање субвенции во земјата. За купувачите да добијат помош од држават при купување нов автомобил, сега се зема предвид вкупната емисија на ЦО2 што се испушта во целиот век на едно возило, што го вклучува и производството. Поради тоа што производителите во Кина користат главно енергија од јаглен, вкупната емисија на ЦО2 по возило е мошне висока и со тоа речиси сите ЕВ произведени во Азија, што значи во Кина, Јапонија и Јужна Кореја, отпаѓаат од субвенционирањето.
БИД одговори на тој начин што ќе произведува возила во Европа, почнувајќи со фабриката во Унгарија, којашто се очекува да почне со работа во 2026 година.
Најовите СУВ-модели во понудата на концернот Фолксваген
Меѓу моделите што се закажани како премиера на салонот спаѓаат Фолксваген Тајрон, СУВ-модел со седум седишта, што е базиран врз кинескиот модел со истото име. Овој модел го заменува Тигуан Олспејс.
Организаторите очекуваат дека Ауди ќе ги изложи своите нови Ку 6 Е-трон и А6 Е-трон, а веројатно ќе го прикаже и фејслифтот на ГТ.

БИД не открива кои модели ќе ги прикаже на салонот.
Марките што потврдија дека нема да присуствуваат на салонот се Купра и Сеат, Мерцедес-Бенц, Хјундаи, Џип, Мицубиши, Нисан, Сузуки и марките на Џили – Волво, Полстар и Зикр.
















