Лексус ЛС пред 35 години првпат ја затресе сцената

Лексус ЛС 400 од 1994 година на релито Заксен Класик 2024

Кога Лексус пред три и пол децении првпат ја прикажа луксузната лимузина ЛС, намерата не беше да се докаже дека Тојота може да ги достигне германските премиум марки, туку и да биде пред нив. Со комфорот и технологијата, ЛС 400 навистина беше недостижен. Во меѓувреме ЛС вози во петта генерација.

Тоа беше најголемата премиера на салонот во Детроит пред 35 години. Лексус, луксузната марка на Тојота, го претстави својот ЛС 400. Претседателот на Тојота, Еиџи Тојода, со овој автомобил имаше намера да покаже дека неговата компанија може да се мери со најдобрите производители на автомобили во светот.

Премиум лимузината ги постави темелите за марката Лексус и брзо прерасна во мерило во поглед на култивираноста на погонот и тивкото возење. Тоа ги водеше инженерите и при развојот на петтата генерација на знаменосецот на Лексус. ЛС и денес поставува највисоки стандарди во возниот комфор и напредната технологија.

Примерок од ЛС 400 од 1994 година учествуваше на Заксен Класик, рели на олдтајмери во Саксонија, Германија што се вози секоја година. На овој настан што сцената го познава како „најдолгиот автомобилски музеј во Саксонија“ учествуваа околу 160 олд- и јангтајмери. Германската рели-дама Изолде Холдерид, во тим со Холгер Кинер, директор на Лексус за Германија и Австрија, го освои второто место во 5-та класа, за возила произведени од 1994 до 2003 година.

1989: Старт со првиот Лексус ЛС

Првата генерација на Lexus LS од 1989 година

Како предизвик за докажаните европски лимузини од луксузниот сегмент, првиот модел на Лексус што почна да се продава веднаш по светската премиера во почетокот на 1989 година, беше побрз од нив, со крајната брзина од 250 километри на час, а пак беше поштедлив од нив.

За тоа да се постигне, ЛС 400 користеше посебен пристап во конструирањето и беше резултат на обемни тестирања во аеро-тунел. Првиот Лексус постигна рекордно низок отпор на воздух, само 0,28. Цврстата каросерија гарантираше врвна пасивна безбедност.

Моторот Ве-8 од четири литри и 245 КС, освен со моќноста и штедливоста, убедуваше и со квалитетот на изработка и долговечноста. Меѓу техничките одлики спаѓаа цилиндерски кошулки од сив лив, по две брегасти вратила на секоја страна, 32 вентили, тивок ремен, варијабилна вшмукувачка гранка и целосно нов електронски систем за впрскување и палење. Електронска врска меѓу менувачот и моторот обезбедуваше неосетна работа на 4-степениот автоматик.

За две години, Лексус стана најпродавана луксузна марка од увоз во САД. Лимузината трипати во низа беше прва на листата на задоволство на клиентите, според Џеј Ди Пауер. Во 1993 година постигна најдобар резултат во историјата на таа ранг листа.

1994: Доаѓа втората генерација

Фејслифтот на ЛС 400 од 1-та и моделот од 2-та генерација

Во есента 1994, Лексус ја претстави втората генерација на ЛС 400. Наследничката имаше поостри и повпечатливи контури. Од тежината беа одземени 90 килограми, отпорот на воздух спадна на 0,27. Рекорд во сегментот.

Моделското освежување во 1998 година донесе нови ксенонски светла и поостри контури на маската. Моторот доби ВВТ-и, засили на 282 КС и 398 њутнметри. Заедно со нов 5-степен автоматик, спринтот се скуси на 6,9 секунди.

2000: Ознаката се менува во ЛС 430

Во почетокот на милениумот, ЛС 400 со преку 600.000 продадени примероци се вбројува меѓу најпродаваните луксузни лимузини на сите времиња. Наследничката доаѓа во форма на ЛС 430, од сосем нова генерација, со повеќе простор и комфор. Моторот од 4,3 литри располага со 282 КС и 417 њутнметри.

Каросеријата има уште поаеродинамична форма, што заедно со новите производствени техники обезбедува коефициент 0,25. Звуците од струењето на воздухот се сведени на минимум. Многу се внимава на материјалите и изработката. Новини се климатизирани седишта и отвори за воздух што автоматски го менуваат правецот на дување. Светот дотогаш нема видено такво нешто.

Во меѓувреме, Џеј Ди Пауер почна да води статистика за задоволството на купувачите и на германскиот пазар, кај Ауди, Мерцедес и БМВ. Нормално, Лексус ги победи сите.

Во рамките на моделското освежување, ЛС 430 доби нов нос, нови тркала и шестстепен автоматик со секвенцијално менување на степените, како главна новина.

2006: Бината е подготвена за четвртата генерација

Лексус вторпат во историјата на моделската серија излегува со целосно нова генерација, со ЛС 460. Моделот поставува нови мерила во безбедноста, возната динамика и комфорот. Моторот ослободува 381 КС и 493 њутнметри. ЛС 460 е прв сериски автомобил со 8-степен автоматски менувач.

Една година подоцна доаѓа врвната изведба, ЛС 600х со хибрид и погон на сите тркала. Лимузината може да се добие и во продолжена изведба, како ЛС 600хЛ. Тоа е воедно автомобилот од венчавката на Принц Алберт Втори од Монако со Шарлен Висток во 2011 година.

2016: Деби на 5-та генерација во Детроит, од каде што почна целата приказна

Во Lexus би се навредиле ако LS се нарече „јапонски S-Class“

Тековната генерација имаше премиера во јануари 2017 година, на салонот во Детроит. Лимузината ЛС 500х соединува напреден дизајн и силуета во стил на купе, со вообичаено просторна кабина и напредна техника.

Неповторливото чувство во возењето го посредува новата платформа ГА-Л, наменета за врвните модели на Тојота. Таа постигнува совршен спој меѓу возна динамика и комфор. Каросеријата на ЛС е поотпорна на свивање од кој било друг модел на марката. Во конструкцијата се користени алуминиум и специјални видови челик со висока отпорност. Тежината повторно се намали за 90 килограми.

ЛС 500х располага со повеќелиниски хибриден погон: Бензинец од 3,5 литри, два електромотори и литиум-јон батерија ја сочинуваат погонската спрега со системска моќност од 359 КС. Погон на струја е можен до 140 км/ч.

Во моделското освежување во 2020, батеријата е усовршена и електромоторот е пуштен да работи во пошироко подрачје, за ЛС да забрзува помеко и порамномерно.

Како изгледаат 100 километри во Скопје со електричен погон, во еден потег

Претходна објаваКинеската доминација на салонот во Женева ги опамети, европските марки не го пропуштаат Париз
Следна објаваДонгфенг почнува со продажба на достапни ЕВ на два големи европски пазари

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here