
Кинескиот производител на автомобили Донгфенг отпочна со продажба на возила од својата марка Нами на два големи европски пазари, во Норвешка и Швајцарија.
Швајцарскиот увонбик за Донгфенг, дилерската група Нојо, го рекламира Нами Бокс со цена од 21.990 швајцарски франци, што одговара на околу 23.000 евра.
Со должината од 4,02 метри и со цената, Нами Бокс се натпреварува за купувачи во истиот пазарен сегмент со Ситроен е-Ц3 и со идната Фиат Гранде Панда, од Крагуевац.
За разлика од Нами Бокс, што се произведува исклучиво како ЕВ, двата директни конкуренти се произведуваат и во бензинска и во батериска електрична изведба.
Донгфенг во јануари започна со продажба на Нами Бокс во Кина, каде што моделот се води како Нами 01. За погон служи електромотор од 70 киловати, вграден напред.
Може да се избира меѓу две големини на батерија, што користи хемија ЛФП. Подостапната изведба е со големина од 31,5 кВч и досег од 330 километри, според кинескиот циклус што е помалку строг од ВЛТП, додека поскапата изведба располага со батерија од 42,3 кВч и досег до 430 километри.
На швајцарската вебстраница на Нојо, се наведува податок за досег од 310 километри, според нормата ВЛТП, за поголемата батерија. Не се наведува дали во Европа ќе се продава и моделот со помалата батерија.
Нами Бокс треба да се појави во продажба и на норвешниот пазар, каде што моделот ќе се води како Донгфенг Бокс, со цена од 189.000 круни (околу 16.000 евра).
Со почетокот на продажбата на Нами во Швајцарија и Норвешка, Донгфенг цели точно на пазарите на коишто веќе е присутен со својата премиум марка Воја.
Според статистиката на Датафорс, во првото полугодие во Европа се продадени 234 примероци од големиот електричен кросовер Воја Фри.
Донгфенг е во преговори со италијанската влада за производство на автомобили во Италија, јави Ројтерс.
Со плановите да произведува во Европа, Донгфенг им се придружува на останатите производители од Кина, како БИД, САИЦ и Чери.
Со производството во Европа, кинеските компании ќе ги избегнат дополнителните царини што ЕУ ги воведе за електричните автомобили од фабриките во Кина.
Чери планира наесен да отпочне со монтажа на електричниот кросовер Омода Е5 од полуготови модули, во поранешната фабрика на Нисан во близина на Барцелона.
БИД гради фабрика во Унгарија, а уште една е на повидок во Турција.
Липмотор, партнер на Стелантис, веќе почна да го произведува електричниот малечок автомобил Т03 во Тихи, Полска, во фабриката од којашто излегуваат модели на Џип, Фиат и Алфа Ромео.
Донгфенг со години е присутен на македонската сцена, преку увозникот АБЦ Брадер, преку марките ДФСК, Серес, Фенгон, Фортинг, и најновата, Еолус. Лимузината Еолус Шајн неодамна беше на тест возење во Аутомедиа и предизвика големо внимание, не само поради цената од 16.000 евра.















