
Кинеската автомобилска групација Донгфенг е во напредни преговори со италијанската влада, за изградба на фабрика за автомобили во Италија. Информацијата доаѓа од лица во земјата, кои се запознаени со случувањата.
Преговорите се дел од напорите на владата на Џорџа Мелони да се привлече уште еден голем производител на автомобили во земјата. Во моментов, Стелантис е единствениот голем производител на автомобили во Италија, концерн што е создаден од соединувањето на Фиат и Пежо, и од италијанските марки ги вклучува Фиат, Ланча, Алфа Ромео и Масерати.
Владата во Рим може да му се придружи на Донгфенг со малцински удел во вложувањата. Фабриката треба да претставува производствен центар за цела Европа, посочуваат изворите. Според нив, потенцијалната зделка може да опфати уште неколку клучни инвеститори, вклучувајќи и италијански компании од добавувачката бранша.
Владата на премиерката Џорџа Мелони има намера да ја зголеми домашната продукција на автомобили на 1,3 милион возила годишно, наспроти помалку од 800.000 возила што беа произведени во земјата лани.
Рим во исто време води преговори со Стелантис, за производството на концернот во фабриките во Италија да се зголеми на еден милион возила до завршетокот на десетлетието. Концернот на Фиат и Пежо последен пат постигна милионска продукција во Италија во 2017 година.
Италија води преговори и со останати големи производители, меѓу кои кинескиот Чери Ауто, за можни вложувања во земјата.
Неколку од марките на Донфгенг веќе одамна се познати на македонската сцена: ДФСК (Донгфенг Сокон), Фортинг, Фенгон, Серес, како и најновата марка Еолус.















