Липмотор Интернационал има намера од 2025 година да почне да произведува втор модел на Липмотор во Тихи.
Заедничката компанија меѓу концернот Стелантис и Липмотор започна со производство на автомобилите на кинескиот производител во фабриката на Стелантис во Тихи, Полска. Веста ја објавија аналитичарите на Џеферис, повикувајќи се на изјави од управата на Липмотор.
Првите примероци од Липмотор Т03, електричен автомобил со слична големина како Дачиа Спринг, се симнале од производствените ленти во фабриката уште во текот на минатата седмица, стои во извештајот на Џеферис. Фабриката има поставено цел, сериското производство на Т03 да отпочне во септември.
Стелантис ја одбра фабриката во Тихи како прва база за производство на автомобилите на Липмотор во Европа. Намерата е првенствено да се скусат трошоците, соопшти Ројтерс во март, цитирајќи две лица што се упатени во состојбите.
Заедничката компанија планира во Тихи да произведува и втор модел. СУВ-моделот А12 е закажан за отпочнување со производство во првото тромесечје во 2025 година, наведуваат од Џеферис.
Липмотор исто така започна да го подготвува локалното производство на делови за своите возила, додаваат аналитичарите.
Трошоците за производство во фабриката во Полска се слични со трошопците во фабриката на Липмотор во Кина. Тие изнесуваат меѓу 400 и 500 евра по автомобил. За споредба, истиот автомобил да се произиведува во Италија, тоа би чинело околу 1.000 евра, дознаваат во Џеферис од управата на компанијата.
Намерата на Липмотор е СУВ-моделот Ц10 да го произведува во Кина и да го извезува во Европа, барем во првичниот период, затоа што станува збор за модел што се продава по повисока цена.

Европската Комисија во минатата седмица објави дека ќе воведе дополнителни царини за увезените кинески електрични автомобили, почнувајќи од јули. Екстра царините во случајот на Липмотор ќе изнесуваат 21 проценти, покрај основните 10 проценти.
Стелантис и Липмотор создадоа заедничка компанија, којашто ја предводи Стелантис со удел од 51 проценти. Тоа му даде исклучиво право на концернот, да произведува, извезува и продава модели на Липмотор надвор од Кина. Тоа е прв случај традициски производител да стекне такви права за кинеска марка.
Заедничката компанија, именувана Липмотор Интернационал, дел е од пошироката соработка меѓу двете групации, во чијшто рамки Стелантис ќе откупи 21 проценти удел во Липмотор, во вредност од 1,6 милијарда долари.
















