Новиот СУВ на Џип во моментов е на 15-то место во продажбата во својот сегмент. Оперативниот директор за Европа, Ерик Лафорџ, вели дека Џип би сакал Авенџер наскоро да ѝ се придружи на Тојота Јарис Крос „на подиумот“.
Џип има големи очекувања за својот Авенџер.
Откако изведбата со погон на сите тркала в година ќе се придружи во понудата од модели во Европа, марката на Стелантис очекува Авенџер да притисне врз водачот во сегментот на малечките СУВ-модели, Тојота Јарис Крос.
„Ќе ми претставува голема радост да им се придружиме на подиумот на малечките СУВ,“ изјави оперативниот директор на Џип за Европа, Ерик Лафорџ, на автомобилскиот конгрес на 12-ти јуни.
Тој кажа дека откако е почната продажбата на Авенџер во февруари 2023 година, Џип има добиено 95.000 нарачки за моделот. Од нив, 25 проценти се за изведбата со целосно електричен погон, останатиот удел им припаѓа на изведбите со бензински и благ хибриден погон.
Пробивот меѓу 3-те најпродавани модели ќе биде голем скок, имајќи предвид дека Џип со 25.820 продадени возила до април беше 15-ти најпродаван модел во сегментот. За споредба, Јарис Крос постигна 66.174 продажби.
Авенџер се проби во Топ 15 со раст во продажбата од 754 проценти во споредба со првите четири мееци лани.
Лафорџ признава дека продажбата на Авенџер ќе мируваше, доколку производителот останеше на првичната намера да ја продава само целосно електричната изведба од малечкиот СУВ. Изборот моделот во почетокот да се нуди само во ЕВ-изведба беше направен неколку години пред почетокот на продажбата и тоа се засноваше врз предвидувањата за продажбата на ЕВ, што не се остварија.
⇒ До тестот на Џип Авенџер со 1,2-литарски мотор и 6-степен мануелен менувач

Откако се откажа од таа намера, Џип во Италија, Шпанија и Полска ја понуди само бензинската изведба. Таа потоа почна да се нуди насекаде низ Европа. Годинава во понудата се придружи изведбата со благ хибриден погон.
Ова искуство со Авенџер беше повод за Џип да настапува многу потрезвено.
Шефот на Џип за светскиот пазар, Антонио Филоса, кажа дека идните нови модели ќе стартуваат со продажба прво во целосно електричната изведба, за по кусо време да се придружат изведбите со мотори со внатршено согорување, на пазарите каде што постои висока побарувачка за нив.
Со речиси завршено освежување на понудата од модели, Џип очекува Авенџер да одигра главна улога во намерата на марката да го зголеми својот удел на пазарот во Европа на 2 проценти.
Лафорџ кажа дека нема причина за марката од САД да не постигнува продажба во Европа исто како во Италија, каде што марката до мај постигна пазарен удел од 4,5 проценти.
Меѓу останатите модели за коишто Лафорџ очекува да придонесат за зголемувањето на уделот на Џип се новиот Компас, што ќе биде пуштен во продажба в година, како и европската изведба на гоелмиот СУВ-модел Вагонер С, што ќе пристигне во Европа во 2026 година.
За европските пазари, Компас ќе се произведува во Мелфи, во јужна Италија. Европа е еден од четирите континенти на коишто Џип ќе го произведува овој модел, кажа Лафорџ. Компас ќе се продава во Европа и со електричен и со хибриден поогон, но без чисто бензински, и секако не со дизел мотор.
Вагонер С беше прикажан во САД кон завршетокот на мај. Во Европа во почетокот ќе се нуди само целосно електричната изведба, најавува Лафорџ.
















