Фабриката Мирафиори во Торино, повеќе од двојно ќе го зголеми производството на новиот Фиат 500, со воведувањето на изведба со бензински мотор и благ хибриден погон, покрај изведбата со целосно електричен погон.
Производството на новиот 500 со бензински мотор ќе отпочне во првото тромесечје во 2026 година. Концернот Стелантис ја објави веста откако шефот Карлос Тавареш одржа средба во Торино со претставници од работничкиот синдикат. Тие долго бараа компанијата да ја зголеми продукцијата во историскиот дом на Фиат, со подостапна изведба на новиот Фиат 500, што ќе има поширок круг на купувачи.
Во фабриката Мирафиори во моментов се произведува моделот 500е, во Италија познат и како Нуова 500. Забавувањето во продажбата на електрични возила, што беше предизвикано главно со укинувањето на масивните субвенции на неколку големи пазари во Европа – а се шпекулира дека тоа е последица од финансирањето на случувањата во Украина – доведе до тоа Стелантис да го скуси производството на електричниот Фиат 500, вклучувајќи и често испраќање на работниците на привремен одмор.
„Карлос Тавареш потсети на важноста да се понудат достапни автомобили со висок квалитет за италијанските купувачи,“ стои во соопштението од Стелантис.
Во веста објавена на Аутомедиа во понеделникот, беше наведено дека производството на двете погонски изведби на Фиат 500, електричната и бензинската, ќе надмине 200.000 примероци на годишно ниво. Од нив, 125.000 ќе бидат бензинци, додека остатокот ќе бидат елелктричните изведби. Лани во Мирафиори беа произведени помалку од 80.000 примероци од електричниот модел.
Производителот наведе дека развојот на достапни возила исто така зависел од надворешни влијанија, како што се овозможување пониски цени на електричната енергија, развој на мрежа од полначи за електрични возила и долгорочно субвенционирање на купувањето автомобил.
Овој чекор може да придонесе во подобрувањето на односите меѓу концернот и италијанската влада, којашто често испраќаше критики кон Стелантис, поради намалувањето на производството во Италија, меѓу другото и со селење на производството на некои модели на Фиат и Алфа Ромео во други земји.
Стелантис и владата во Рим водат преговори за продукцијата на концернот во Италија повторно да се зголеми на преку 1 милион примероци до завршетокот на десетлетието, наспроти 750.000 возила произведени лани.
„За заедничката амбиција со италијанската влада да се достигне продукција од еден милион возила во Италија до 2030 година, потребна е средина што ќе го подржува бизнисот, а што во моментов е погодена од неизвесноста на електрификацијата и од силната конуренција од нови марки на пазарот,“ наведуваат од концернот.
Од јануари до април, Фиат продаде 12.288 примероци од 500e во ЕУ, ОК и ЕФТА, во споредба со 17.363 примероци во истиот период лани. Продажбата на моделот со бензински мотор се намали од 32.504 на 40.750 примероци.

Производителот исто така соопшти дека во фабриката Мелфи, на југот на Италија, ќе произведува хибридна изведба од компактниот СУВ-модел Џип Компас.
Тоа ќе биде трета погонска изведба за идната генерација на Компас, најавена за 2026 година, што освен во целосно електрична изведба, ќе се произведува и во изведба со приклучен хибриден погон.
Новиот Компас ќе се произведува во Мелфи и ќе ја користи новата платформа СТЛА Медиум на Стелантис. Истата платформа ќе ја користат уште четири модели со електричен погон – два на премиум марката ДС, еден на Опел и еден на Ланчиа – што исто така ќе излегуваат од монтажните ленти во Мелфи.
Стелантис напомена дека постои можност да продолжи и производството на хибридната Фиат Панда, во фабриката во Помиљиано, во близина на Неапол. Тоа би можело да значи производство до 2029 година, зависно од законите на ЕУ.
















