Концернот Фолксваген објави дека самостојно ќе ги развива и произведува електричните модели со цена под 20.000 евра, откако не успеаја преговорите со Рено.
Волфсбург објави дека батериските електрични модели со цена под 20.000 евра ќе ги произведува во Европа, без помош од партнер, откако не успеаја преговорите за заеднички развој на малечки електрични автомобили со Рено.
Фолксваген соопшти дека за основните БЕВ-модели во голем дел ќе се потпира на делови што се произведени во Европа. Со тоа ќе се скусат патиштата на транспортот и воедно ќе се намали и емисијата.
Шефот на марката Фолксваген, Томас Шефер, кажа дека и покрај ниската цена, основните модели ќе поставуваат нови мерила во поглед на технологијата, дизајнот и квалитетот. Тој додаде и дека предизвикот е уште поголем, откако пораснаа трошоците за енергија, суровини и работна рака.
„Иднината е електрична. За електромобилноста да стане масовна, неопходни се привлечни возила, посебно на пазарот на основните модели,“ кажа Шефер во објавата во вторникот.
Фолксваген се откажа од партнерство со Рено, којшто во 2026 година ќе почне со продажба на нова генерација на Твинго со електричен погон, со цена под 20.000 евра.
Двата проекти отпочнаа откако кинеските соперници, како БИД и САИЦ (МГ) ги шират своите понуди од модели со електричен погон во Европа.
„Сé е околу основното ниво на елеткричната мобилност во Европа од Европа,“ кажа извршниот директор на концернот Фолксваген, Оливер Блуме. „На тој начин, ние ги соединуваме јасната посветеност на Европа како индустриска локација, на европската политика за индустријата, и најважното, работиме во корист на европските клиенти.“
Во првичните чекори во насока на подостапни ЕВ, Фолксваген развива модели што ги води како „семејство на електрични урбани автомобили“ со слична големина со ФВ Поло.
Производителот напомена дека на завршетокот на 2025 година планира да претстави четири БЕВ од тоа семејство, со цена под 25.000 евра.

Планирани се две нови електрични комбилимузини, едната од марката ФВ, со ознака ИД.2, другата од Купра, како и два мали СУВ, од кои едниот ќе биде од марката Шкода, а другиот ФВ. Сите четири модели ќе се произведуваат во Шпанија.
Најдостапниот ЕВ во понудата на Фолксваген во моментов е компактот ИД.3, што почнува од околу 40.000 евра.
„Со проектот за целосно електрична основна мобилност за 20.000 евра, групацијата Фолксваген го прави следниот чекор во таа насока,“ соопшти Фолксваген.
Основната комбилимузина на марката Фолксваген ќе се води како ИД.1 и ќе биде наследничка на е-Ап, што повеќе не се произведува.
Европските производители се под притисок да ги обноват своите модели, во време кога е забавен економскиот раст и прекинати се субвенциите за ЕВ, што влијае врз побарувачката. Во меѓувреме, кинеските марки се шират во регионот со поевтини модели. БИД планира да ја понуди комбилимузината Сигал уште в година, со цена под 20.000 евра.
Стелантис во почетокот на месецот соопшти дека во септември ќе отпочне со продажба на автомобили во Европа, што се развиени заеднички со кинескиот партнер Липмотор, со намера да го спушти ценовниот праг на својата понуда од ЕВ.
Фолксваген во минатата седмица посочи дека европската индустрија има две до три години да се подготви за нападот од конкуренцијата, предупредувајќи дека во спротивно ќе се доведе во опасност опстојувањето на браншата.
















