за

Инженер од Порше е новиот шеф на Бентли

На луксузната марка на Фолксваген ѝ беше потребен наследник, откако Адријан Холмарк замина во Астон Мартин. Франк-Штефен Вализер работеше на развојот на Порше 911.

Франк-Штефен Вализер меѓу другото има работено на развојот на тековната генерација на Порше 911.

Бентли најде наследник за Адријан Холмарк. Франк-Штефен Вализер, инженер на Порше, станува нов извршен директор на Бентли, соопшти британската луксузна марка. Вализер ги презема новите должности на 1-ви јули.

Адријан Холмарк во март ја напушти британската марка по шест години, за да го преземе местото на извршен директор во Астон Мартин.

Вализер (54) целата своја кариера ја има минато во Порше. Тој почнал да работи за спорската марка од Штутгарт во 1995 година, по завршувањето на студиите по машинско инженерство, со тежиште на мотори со внатрешно согорување и управување со технологии.

Вализер досега раководеше со одделението за платформи за возила

Вализер донесува претприемничко и инженерско искуство во Бентли, кажа Гернот Делнер, извршен директор на Ауди, мајчинската марка на Бентли, стои во соопштението за медиуми. Бентли е дел од групата прогресивни марки на концернот Фолксваген, заедно со Ламборгини, Ауди и Дукати.

Вализер, роден во Штутгарт, во моментов раководи со развојот на платформите за возилата и со возните својства во Порше. Од 2014 до 2019 година, тој беше директор за мотоспорт во Порше. Потоа, инженерот презеде одговорност за развој на моделските серии 911 и 718. На денешното место, Вализер беше назначен во 2022 година.

Вализер мора да управува со префрлувањето на Бентли на електричен погон

Вализер ќе презеде надлежност за Бентли да се префрли од мотори со внатрешно согорување на електрифициран погон, почнувајќи со приклучни хибриди. Бентли го одложи почетокот на продажбата на својот прв целосно електричен автомобил за 2027 година. Причина за тоа е забавената продажба на електрични автомобили.

Досегашниот шеф Холмарк, ја врати Бентли на патот на рентабилноста. Последниот деловен биланс сепак покажа дека високите маржи се смалиле.

Оперативната добивка на Бентли во првото тромесечје опадна за 45 проценти, на 120 милиони евра, стои во најновиот извештај од Ауди. Маржата на добивка се намали од 24 проценти на 17 проценти. Ауди го оправдува намалениот финансиски успех на Бентли со „предизвикувачки услови на пазарот.“

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Фолксваген самостојно ќе оди со ЕВ под 20.000 евра, без соработка со Рено

Новите мотори на Тојота, Мазда, Субару, ќе работат на биогориво, е-бензин, водород