Новите мотори на Тојота, Мазда, Субару, ќе работат на биогориво, е-бензин, водород

Претседателот на Тојота, Акио Тојода, на 24-часовната трка во издржливост на Фуџи Спидвеј во Јапонија вози тркачка ГР Корола, со мотор што користи водород како погонско гориво.

Тојота и сојузниците развиваат ново семејство мотори со смалена работна зафатнина, што ќе бидат моќни и чисти, и најважното, тие ќе можат да користат најразлични видови горива со нулта емисија на ЦО2. За моторите секако дека се предвидува и користење во хибридна комбинација.

Тојота развива ново семејство мотори што се чисти, моќни, со смалена работна зафатнина, што можат да користат најразлични видови горива, што се неутрални во поглед на емисијата на ЦО2, и исто така може да се користат во хибриден погон.

Тоа е последното оружје на јапонскиот производител, во борбата против емисијата и воедно во борбата да се сочуваат работните места во времето на електричните возила.

Новите мотори се помали и со пониска работна зафатнина од постоечките мотори. Тоа ќе ѝ овозможи на Тојота да ги вградува во сосем различно осмислени каросерии, какви што се својствени за идната генерација електрични возила.

Дел од идејата е да се конструираат футуристички возила што ќе го применуваат стилот на електричните возила, што Тојота и Лексус ги прикажаа на ланскиот Јапан Мобилити Шоу.

Оваа технолошка пресвртница ќе води кон нова ера на модели на Тојота со напредна конструкција, со ниска хауба, просторна кабина и големи прозорци.

„Блиску сме да го постгигнеме овој вид на дизајн, со овој вид мотор,“ кажа шефот за технологија на Тојота, Хироки Накаџима, при кусото прикажување на новата погонска технологија во Токио, непосредно пред да биде пуштено официјалното соопштение. „Моторите целосно ќе се разликуваат од денешните.“

Тојота соопшти дека моторите ќе се појават во блиска иднина, но не наведе точен датум.

Светскиот производител број 1 ги опиша прототипите на новите погонски единици на заедничката конференција за печат со сојузниците Мазда и Субару.

Трите јапонски производители на автомобили го удвојуваат влогот во следната генерација мотори со внатрешно согорување, којашто ја сметаат како клучна технбологија за намалување на емисијата на ЦО2, иако браншата се врти сé повеќе кон електромобилноста. Со развој на почисти и помали погонски единици, што ќе можат да работат со горива што се неутрални во поглед на ЦО2 и со нивно комбинирање со хибридни системи, Тим Тојота сака да внесе нов живот во технологијата што е постара од еден век.

„Тоа е својствен јапонски начин, да се искачи планината што се нарекува карбонска неутралност,“ кажа извршниот директор на Тојота, Коџи Сато, при сооштувањето на плановите на компанијата, на заедничка конференција за печат со своите соперници Мазда и Субару, што ретко се случува. Настанот се одржа под мотото „Повторно раѓање на моторот.“

ЕВ се еден од патиштата за смалување на емисијата на ЦО2, кажа Сато. Но, тој и неговите јапонски колеги-шефови, настапија во обединет фронт против критиката дека тие заостануваат во преоѓањето на целосно електрични возила. Постојат и други авении, кажаа шефовите.

„Моторите исто така се неопходна технологија со повеќе приоди,“ вели Сато.

Карбонот е непријателот

Помалите јапонски играчи, каде што Тојота поседува малцински удел, развиваат свои планови за на различни начини да постигнат карбонска неутралност.

Мазда ќе работи на усовршување на својата специјалност, ванкел моторите, што ќе бидат способни да користат разни видови карбон-неутрални горива. Извршниот директор Масахиро Мото годинава состави наменски тим од инженери, да развиваат еколошки ванкел мотор, што ќе произведува електрична енергија за хибридната погонска спрега, работејќи на биогориво или водород.

Мазда укажа на оваа технологија преку концептот Иконик СП на ланскиот Јапан Мобилити Шоу.

Мазда развива два малечки ванкел мотори, што можат да работат на карбон-неутрални горива и да бидат дел од хибриден погон, кажа шефот за технологија Ичиро Хиросе.
Едниот ванкел мотор користи еден ротирачки клип, вториот два ротирачки клипа.

Субару ќе го унапреди својот боксер мотор за да работи во хибриден систем. Извршниот директор Ацуши Осаки веќе планира да вгради хибриден погон од нова генерација во своите кросовери Крострек и Форестер, како премостување на периодот додека изгради семејство од осум електрични модели до завршетокот на 2028 година.

„Нашиот заеднички став е дека карбонот е непријателот,“ кажа Хиросе, од Мазда. „Преоѓањето на ЕВ ќе биде постепено. Тоа нема да се случи многу брзо. За тоа време, потребен ни е мотор со внатрешно согорување што ќе придонесе за карбонска неутралност.“

Заедничката акција ги отсликува напорите на јапонските производители да постигнат т.н. мулти-пат пристап кон намалување на емисијата на ЦО2. Идејата потекна од претседателот на Тојота, Акио Тојода, кој инсистира на тоа дека батериските електрични автомобили се само еден од многуте алати. Во тој поглед, Тојота цени дека и моторите што согоруваат почисто гориво исто така имаат улога, заедно со унапредените хибридни системи.

„Уште сме во преодната фаза во којашто ни се потребни мотори како дел од решението,“ кажа Накаџима. „Тоа може да биде решение што ќе ја смени играта. Има многу простор за работа на овој нов мотор.“

Следната генерација мотори може да придонесе, односно да постигне карбонска неутралност со користење синтетско гориво, биогориво, па и водород што согорува чисто. Тојота веќе неколку години развива мотори во коишто согорува водород.

Претседателот Тојота го мина викендот возејќи тркачка ГР Корола со мотор што работи на водород, на 24-часовна трка во издржливост во Јапонија.

„Моторот со внатрешно согорување можеме да го претвориме во клучна компетентност на јапонската автомобилска индустрија во ерата на електрификацијата и да ја зголемиме нашата конкурентност,“ кажа Моро, шефот на Мазда. „Ние ќе ја смениме иднината на моторите во ерата на електрификацијата.“

Препород на моторите

Тојота кажа дека новите верзии на старата технологија ќе помогнат да се добие војната против карбонската емисија, додека во исто време се сочувуваат работни места и се зачувува мирисот, звукот и чувството што им е најважно на закоравените фанови.

Претходна објаваИнженер од Порше е новиот шеф на Бентли
Следна објаваФолксваген за светското првенство: Специјална серија Гол

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here