за

Стелантис најави можно производство на бензинска изведба на Фиат 500 во Италија

Се очекува концернот на Фиат и Пежо да го објави планот, во Италија да се произведува изведба со бензински мотор од Фиат 500е, што во моментов е достапен само во целосно електрична изведба.

Шефот на Стелантис, Карлос Тавареш, треба в понеделник да одржи средба со работничките синдикати во Торино. Доколку биде решено, на градското мини со целосно електричен погон Фиат 500е, да му се придружи изведба со бензински мотор, тоа ќе биде пресвртница за фабриката Мирафиори.

Извршниот директор на Стелантис, Карлос Тавареш, уште в понеделник може да објави дека Фиат 500е со батериски електричен погон ќе добие втора погонска изведба, врз истата платформа. Според информаците од добавувачите на делови, тоа ќе биде бензинска изведба со благ хибриден погон.

Со овој чекор значително ќе се задвижи производството во фабриката Мирафиори, во Торино.

Тековниот Фиат 500 со бензински мотор, што својата премиера ја имаше во 2007 година, се произведува во Полска, каде што неговото производство веќе е запрено. Фиат 500е е незначително поголем и констуриран е врз различна платформа. Таа платформа првично е развиена за целосно електричен погон. Намера истата платформа да се користи за модел со благ хибриден погон, првично не постоеше.

Според информации од добавувачите, тие добиле налог од италијанскиот огранок на Стелантис, за двојно да ја зголемат продукцијата на деловите за Фиат 500, за две погонски изведби и за вкупна продукција од 200.000 возила годишно.

Во март, Стелантис испрати налог до добавувачите, за да се добие повратна информација дали тие ќе можат да одговорат со зголемување на продукцијата на Фиат 500е во Мирафиори на 175.000 возила годишно, од 77.260 возила произведени лани.

Веста за можната бензинска изведба на Фиат 500е прва ја објави италијанскиот дневник Ил Кориере дела Сера. Истата потоа ја потврдија и добавувачите.

Во новата цел за производство од 200.000 возила годишно се вклучени и 125.000 примероци од моделот со бензински мотор, исто така потврдуваат добавувачите.

Пресвртница околу третото поколение на Фиат 500, што требаше да вози само електрично. Можно е Торино да го понуди култниот модел и како бензинец.

Од јануари до април, Фиат продаде во ЕУ, ОК и ЕФТА вкупно 12.288 примероци од 500е. За споредба, во истиот период лани беа продадени 17.363 возила. Продажбата на бензинскиот 500 исто така опадна од 40.750 на 32.504 примероци.

Тавареш треба в понеделник да одржи средба со претставници на италијанскиот работнички синдикат во Торино и се очекува тој потоа да го објави проектот, за изведба со благ хибриден погон да ѝ се придружи на електирчната 500е.

Претставник од Стелантис потврди дека компанијата размислувала за проектот, но уште не е донесено конечно решение.

Во браншата е крајно необично, модел што е развиен за целосно електричен погон, да се приспособи за вградување мотор со внатрешно согорување.

Главната причина поради којашто Фиат е присилен на овој потег е тоа што досега произведуваната изведба од 500 со благ хибриден погон (Абарт исто така) повеќе не може да се продава во Европа. Градското мини не е хомологирано за да ги исполни новите барања на ЕУ за безбедност и сигурност од хакерски напади, за новите возила што ќе се продаваат во Унијата по 7-ми јули.

Тековниот Фиат 500 ќе се продава во Северна Америка

Продажбата во Европа ќе запре, но тековниот 500 ќе продолжи да опстојува. Монтажните ленти ќе бидат префрлени во фабриката на Стелантис во Тафрауи-Орано, во Алжир. Фиат ќе продолжи да го продава моделот во Африка и на Средниот Исток.

Додавањето бензинска изведба од 500е во Мирафиори ќе ги скуси стравувањата на синдикатот околу смалувањето на производството на 500е. Со тоа воедно ќе се излезе во пресрет и на барањата на италијанската влада, за во земјата да се врати продукција од најмалку еден милион возила годишно. Стелантис е единствен големоволуменски производител на автомобили во Италија.

Фиат Панда останува во понудата, Торино кај неа ги изврши сите преправки што се неопходни за моделот да продолжи да се продава во ЕУ. Повеќе модели, меѓу кои Порше Макан и 718, мораа од истите причини да си заминат од производство

Фиат одговори на забавената продажба на 500е од почетокот на годинава, преку скусување на една од двете работни смени во Мирафиори, што се случи во средината на февруари. Во март, април и мај, работниците беа испраќани на привремен одмор.

Фиат лани продаде преку 104.000 примероци од бензинскиот 500 глобално, односно 62.000 примероци само во Европа.

Еднолитарски мотор во комбинација со стартер-генератор

Производството на изведбата со благ хибриден погон, со 1.,0-литарски мотор Фајерфлај со 70 КС, би отпочнало кон завршетокот на 2025 или рано во 2026 година.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Дачиа пред Голф: 25-те најпродавани модели во Европа годинава

Фолксваген вели спасот на ЕУ од кинескиот увоз е во пониски трошоци, а не царини