Фолксваген вели спасот на ЕУ од кинескиот увоз е во пониски трошоци, а не царини

Според концернот Фолксваген, воведувањето повисоки увозни царини во ЕУ, за електричните автомобили што се произведени во Кина, би имало само кус ефект. За да се постигне конкурентност во подолго временско растојание, неопходно е да се скусат трошоците.

Директорот за финансии на германскиот концерн, Арно Антлиц, посочува дека кинеските производители се на пат да почнат со производство на автомобили во Европа. Поради тоа, намерата на ЕУ да воведе дополнителни трговски пречки би повлекло соодветна реакција и од кинеска страна.

Во минатата среда, Кина даде знак дека е подготвена да воведе царини во висина до 25 проценти, за увезените автомобили со големи мотори, во услови додека се вжештуваат трговските односи со САД и ЕУ.

„Мораме следните две до три години да ги искористиме за да станеме уште поконкурентни во поглед на трошоците,“ објави Антлиц на Линкд Ин. „Прашање е дали тековните преговори околу царините водат во правилна насока.“

Производителите на автомобили повторно се најдоа на крстосница, во време кога се менуваат местата на светските трговски сили. Производители од ковот на Мерцедес-Бенц, Фолксваген и БМВ посебно се изложени на опасност, Кина да воведе одбранбени мерки за нивниот увоз. Кина е најголемиот пазар на сите три производители. Мерцедес ги увезува сите примероци од луксузните С-Класа и Мајбах што ги продава во Кина.

ЕУ во почетокот на јуни ќе им ги соопшти на кинеските извозници резултатите од истрагата за субвенциите за електрични автомобили, што кинеските производители ги добиваат од Пекинг. Дополнителните царини, покрај сегашните 10 проценти, може да се очекуваат еден месец подоцна.

Затегнатоста во трговските односи меѓу ЕУ и Кина порасна откако Унијата лани отпочна со истрага за електричните возила. Ниту посетата на Европа на претседателот Си Џинпинг месецов не помогна да попушти затегнатоста.

Електричните автомобили што ги произведуваат кинеските марки како МГ или БИД, лани учествуваа со 9 проценти во продажбата на чисто електрични возила на пазарот во ЕУ. Се проценува дека уделот ќе се зголеми на дваесетина проценти до 2027 година.

БИД има намера да изгради две фабрики во Европа. Во почетокот на следната година, на европскиот пазар треба да почне продажбата на комбилимузината Сигал со цена под 20.000 долари. Тоа е под нивото на цени што можат да го постигнат Фолксваген, Стелантис и Рено, во време кога индустријата веќе се бори против забавувањето на продажбата на ЕВ.

„Следните неколку години претставуваат важна можност да се зголеми нашата предност во трошоците,“ кажа директорот за финансии Антлиц. Тоа ќе помогне „да се зголеми достапноста на нашите ЕВ, додека се осигуруваат маржите што ни се потребни за да ја финансираме трансформацијата што ни претстои.“

Претходна објаваСтелантис најави можно производство на бензинска изведба на Фиат 500 во Италија
Следна објаваКиа одржа натпревар за најдобар сервисер во светот

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here