Тест · Џили Кулреј · Постојат кинески автомобили, и Џили

Прва е цената. Триесет илјади евра. Со попуст, илјада евра помалку. За исто толку пари, човек ќе се удостои со неколку години стара С-Класа. Така барем ќе поверува човек што последен пат ги има погледнато цените на старо пред корона, во претходната ера. Во стварноста, за тој износ може да се купи, на пример, шест години стара А-Класа – во господски салон за користени, не во авто-кокошарник.

Многу нешта може да се постигнат со толку пари. Може да се купи Киа Спортаж, најпродаваниот модел на македонскиот пазар во минатата година. Од салон на Тојота, со толку ќе се излезе со Јарис Крос, најпродаваниот модел во најголемиот пазарен сегмент во Европа, Б-СУВ сегментот. Тојота, нормално, ќе спакува и хибриден погон во Крос.

Зарем Џили Кулреј навистина може да понуди толку многу, штом со цената не отстапува од главната струја и се поставува покрај модели што за повеќето купувачи би претставувале прв избор?

Тоа прашање ќе си го постават купувачите што сепак ќе бидат со нешто привлечени кај Џили и кај Кулреј. Џили не сака овој автомобил да биде поевтин од останатите, туку подобар. Овој кинески кросовер отскокнува од предрасудите и се разликува од традиционалната претстава за „кинески автомобил“, исто колку што вистински познавач на автомобилите се разликува од инста-познавач, што ги оценува автомобилите по спринтот, по сончевиот покрив, по багажникот, а веројатно и по бојата.

Разликата кај Џили Кулреј не е во моќноста, опременоста, димензиите, туку е единствено во чувството во возење. Кога човек ќе седне да ја вози Кулреј, тоа е пријатно доживување. Можеби тоа е по нешто различно од возењето во марка што човек верува дека ја познава, но и кога тоа е различно, доживувањето пак е во позитивна насока.

Џили ќе се покаже како добар избор кај возачки и возачи, што до одлуката за купување не доаѓаат со штиклирање на списокот на опрема, што тие ценат дека треба да ја поседува нивниот иден автомобил. Тука решава само чувството кога ќе се извозат првите километри од пробното возење, а многу веројатно и чувството кога ќе се извозат првите километри од сопствениот Кулреј.

Џили убедува како автомобил, не само како „слика“

Работата на подвозјето, во секој поглед, од комфор до динамични возни својства, заслужува висока оцена. Истото важи и за моторот, било да се оценува способноста за Кулреј да се искачи на Стража со 1.800 вртежи и во 6-от степен (од седум степени на менувачот со двојна спојка), било да се оценува моќното повлекување и лесното вртење до преку 5.000 вртежи.

Сопирачките се пресудни. Тоа е подрачје што многумина не го забележуваат, меѓутоа кај голем број модели, токму доброто проектирање и искусното нагодување на системот за сопирање, решавачко е за човек да се почувстува како удостоен возач зад воланот. Тука нема сунѓер-чувство кога ќе се притисне врз сопирачките, туку сé е линеарно. Прегревање на сопирачите, како што обично им се случува на опасните тркачи на спуштање од планински превој, ќе беше разочарување да се случи кај кинескиов автомобил – кај овој кинески автомобил. Сето тоа всушност говори за зрелоста на Кулреј, како конструкција.

За потрошувачката, нема да биде реткост да се отчита вредност од 6,5 литри кога се прави опуштачка тура во некој божествен крај низ нашата најубава Македонија. Во град, вредности од околу девет литри, а многу веројатно и осум литри, не се премногу. За тоа сепак решава и 7-степениот менувач со двојна спојка, што многу побудно се грижи за менувачот да биде во највисокиот можен степен, отколку што кој било возач би го извел тоа со рачно менување.

Доцнењето на менувачот при поаѓање на семафор е својствено за овој вид менувачи, и тоа може да биде една не толку козметичка забелешка. Но, и кај други производители се чувствуваат тие неколку десетинки доцнење, додека возилото појде. Додавање стартер-генератор и изведување благ хибриден погон би било убав потег од Џили.

Час и половина видео од тестот на Џили Кулреј, сепак зборува многу за впечатоците што ги остави овој „историски“ модел. Секако за целосно да ги дознаете искуствата од тестот, препорака е да се погледне видеото.

Што е следно, Џили? Сите сме љубопитни.

До видеото од тестот на Џили Кулреј

Џили Кулреј во нашиот онлајн-каталог АВТОСАЛОН.МК · Технички податоци, опременост, цени, можност за споредба на сите нови модели на автомобили што се во понуда на македонскиот пазар

Geely Coolray 1.5 TD GF+

 

 

Претходна објаваКинески Липмотор веќе произведува електрични автомобили во Полска
Следна објаваГерманија е најголем производител на е-автомобили во ЕУ, но без субвенциите продажбата 30% удолу

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here