Дури и автомобилите од кралската класа мора одвреме навреме да подлегнат на фејслифт. Токму тоа му се случи на Rolls Royce Ghost, кој отсега ќе се води како Series II.
По точно пет години од премиерата, Британците му направија фејслифт на „Духот“. Секако дека кај автомобил што чини повеќе од четвртина милион евра и поседува безвременска елеганција не може да мине фејслифт како кај обичните четиритркалци, па измените одвај се забележуваат. Во спротивно би можело да се вознемири благородната клиентела, а тоа е најмалку што може да посака суперпрестижната британска марка.
Новата генерација на моделот која што се води како Series II однадвор се разпознава по новите предни светла, со светлечки диоди како дневно светло по целата должина. Со тоа одат неколку дополнителни линии по должината на хаубата, кои што треба да потсеќаат на кондензациска лента на авион и кои Британците еуфорично ги водат како „Wake Line“. Дискретните промени во надворешноста ги комплетираат модифицираниот преден браник со тркалезни отвори за воздух со хромирани прстени и подзатегнатите линии по страницата на каросеријата.
Повеќе промени има во внатрешноста и во техниката. Од фирмата мајка BMW потекнува новото поле за ракување со допир на кое што може со прст да се испишуваат букви и бројки. Исто како кај моделот Wraith, осумстепениот автоматик се повикува на податоци од сателитската навигација, за точно да предвиди кога и како да го промени степенот на пренос. За попријатно седење на господата на предните седишта, истите добија поголемо странично држење и дотерување на должината на седечката површина преку електромотори. Повеќе комфор има и на задните седишта. Часовникот и инструментите добија нови метални круни, а купувачите имаат за избирање две нови апликации на дрво.
Моторот не се менува. Баварскиот дванаесетцилиндарец во V со 580 КС и 780 њутнметри му обезбедува доволно моќ на луксузниот крстосувач од 2,3 тони. За возењето да се одвива уште покомфорно, инженерите го преработеа и подвозјето. Ако купувачот нарача и пакет за „динамично возење“, во него следува и управување со преносен однос што се менува во зависност од брзината на возење.






















