Сериската верзија на Lexus NX ќе има премиера во Пекинг

Во кратко соопштение од три реченици Јапонците објавија дека новиот кросовер на база на студијата LF-NX ќе доживее светска премиера на 20-ти април, на салонот во Пекинг. Неколку детали сепак се знаат.

Престижната марка на Toyota отсекогаш отстапувала од воспоставените стандарди во браншата во поглед на погонот и иновативните технологии. Хибридниот погон и генијалните системи од типот на клима уред со специјален јонизатор се речиси синоним за Lexus – на страна од издржливоста и квалитетот на изработка. Недостигаше само уште изглед што верно ќе го прикаже таквиот имиџ на марката. Прв сериски модел со новиот дизајн на Lexus беше IS, а сега во истата насока ќе продолжи и кросоверот од средната класа NF, чија светска премиера е закажана на 20-ти април, на салонот во Пекинг.

Конкурентот на Mercedes GLK и BMW X3 ќе стартува со продажба наесен, со впечатливиот дизајн што Lexus го најави уште со прикажувањето на студискиот автомобил на салонот во Франкфурт минатата есен. Големата маска ќе го следи стилот на студијата LF-NX, но светлата нема изгледаат толку агресивно, исто како и линиите проширувањата на крилата.

Меѓуоскиното растојание на серискиот NX ќе биде поголемо во споредба со студијата, заради повеќе простор за патниците. Внатрешноста ќе го следи стилот на IS и ќе оддава поубедлив впечаток за квалитет. Средишното ракување преку џојстик останува и во спортскиот теренец, во комбинација со поле за ракување со климатизацијата што реагира на допир и со инструменти со течни кристали.

Во поглед на погонот, Lexus NX ќе ги нуди вообичаените бензински мотори и за марката задолжителниот хибриден систем. Продажбата ќе стартува со хибридниот NX 300h, со 2,5-литарски бензинец познат од IS 300h и со системска моќност од околу 180 КС. За разлика од лимузината IS, која што во хибридната изведба има погон назад, новиот теренец ќе го користи електромоторот за задните тркала, додека бензинскиот мотор ќе биде задолжен за погон на предната оска.

Подоцна ќе следува и спортската изведба NX 200t, со нов дволитарски бензинец со турбонатполнење и 240 КС, како прв турбобензинец на Lexus и воедно замена за стариот шестцилиндарец со зафатнина од 2,5 литри и моќност од 205 КС. Директното впрскување D-4S и варијабилното управување со брегастите вратила VVT-iw го комплетираат техничкиот арсенал. Новиот мотор со намалена потрошувачка и почист издув подоцна ќе се вградува и во лимузината IS.

Претходна објаваRolls Royce Ghost Series II: Второто лице на духот
Следна објаваBMW ќе продаде преку 2 милиона возила во 2014

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here