за

Новиот кокпит на Volvo: Осум место 40 копчиња за ракување

Швеѓаните направија ракувањето со нивните автомобили да биде исто како со таблет. Место со вообичаените 40 копчиња, со функциите на идниот теренец на Volvo ќе ракува само со осум.

Дизајнот на комби студијата што Volvo ја прикажа на салонот во Женева како да е симнат од каталог на ексклузивен дизајнерски мебел од Скандинавија. Volvo Concept Estate има јасни линии, елегантни премини и материјали од најблагороден вид. Но, намерата на Швеѓаните не беше да одушеват само со изгледот на каросеријата, туку и со новиот начин на ракување со функциите во возилото.

Основа на новиот концепт на ракување на Volvo е мониторот од 25 сантиметри, врамен во црн пијано лак и вметнат во педантно средениот кокпит. Прв автомобил што во серија ќе го примени новиот кокпит ќе биде спортскиот теренец XC90, чијашто премиера се очекува најдоцна во почетокот на 2015 година.

Од четириесетина, бројот на копчиња во кокпитот се сведе на само осум. Со тркалезното копче во средината се мести силината на звукот и се пушта и паузира музиката. Странично од него се наоѓа по еден прекинувач за избор на песна нанапред и наназад, потоа копчиња за греењето на предното и на задното стакло, по уште еден прекинувач за безбедносните трепкачи, за сензорите за паркирање и на крај, средишното копче за „дома“, веднаш под дисплејот.

Ова копче им е добро познато на корисниците на iPhone или iPad. Исто како кај нив, со ова копче се враќа на појдовната позиција. Но, новото „радио“ на Швеѓаните е замислено да биде многу повеќе од обичен таблет. За разлика од старите системи, кои реагираат бавно или реагираат дури по повеќе обиди, овој во Volvo треба да е значително побрз и полесен за ракување.

Постојат три основни прикази. Првиот е „дома“, со апликации од десната страна, за пристап на интернет, а лево се функциите на возилото. До сите одделни функции се пристапува со обично повлекување со прст преку екранот. Во овој приказ се добива и брз пристап до музиката, навигацијата и телефонот, а четвртата икона се програмира по желба. Најдолу се командите за климата, секогаш на иста позиција, без разлика кој приказ е вклучен во моментот. Кај старите системи за ракување преку дисплеј често пати мораше да се влегува во сложеното мени и да се пристапи до функциите на климата. Швеѓаните го решиле тоа многу поинтелигентно.

Новиот систем за ракување поседува и интеграција со iPhone. Заедно со Mercedes и Ferrari, Швеѓаните го најавија скорешното поврзување на Apple Carplay во нивните модели. Откако ќе се избере иконата за Carplay на дисплејот се пристапува до апликациите за iPhone, што Apple моментно ги има одобрено за користење во автомобилите, на пример за телефонирање, за музика или за навигација. Корисничкиот интерфејс го вградува Volvo, а Apple го овозможува неговото користење. Со тоа завршува ерата кога паметните телефони се поврзуваа со возилото преку кабел.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes разви автоматски менувач со 9 степени

Rolls Royce Ghost Series II: Второто лице на духот