Пред три децении, Renault Espace предизвика вистинска револуција. Французите во меѓувреме се подготвени за следната: Ванот стана кросовер. Но, новитетите не се само во формата на каросеријата.
Во Renault е традиција да се преземаат храбри чекори. Моделското име што е синоним за цела сорта на практични возила за семејството и за бизнисот ја напушти каросериската форма на ван и премина во кросовер. Renault Espace отсега е кросовер, спој на најдобрите елементи на ван и на теренско возило. Со должина од 4,85 метри и ширина од 1,87 метар, новиот Espace ќе има впечатлива појава на улиците.
Пропорциите се променија целосно. Со висина од 1,68 метар, новиот Espace е за 63 mm понизок од ванот, а тесните прозорци и високиот појас под нив внесуваат динамика во изгледот на кросоверот. Возилото изгледа како дива мачка што се подготвува за скок, со меѓуоскиното растојание од 2,88 метри, 16 сантиметри повеќе од досегашниот Grand Espace. Секако дека овие дополнителни сантиметри ќе бидат добредојдени за просторната понуда во кабината. И коефициентот на отпор на воздух е примерен: cw 0,30.
Со престижот и софистицираноста, Espace е новиот знаменосец на Renault
Деталите ја откриваат намерата на Renault, новиот кросовер да се позиционира како алтернатива на класичните лимузини од вишата класа. Лентата од диодни светилки за дневните светла што ја формира латичната буква C во предните светла во иднина ќе се користи како знак на препознавање и на следните нови модели на куќата. Диодните светилки за сите функции на осветлување на предните светла се стандард во сите верзии на моделот.
Колку што се масивни промените во каросерискиот концепт, толку се поинтензивни и промените во самата внатрешност на Espace. Верзиите со менувач со двојна спојка имаат лебдечка средишна конзола со едноставна форма и прегледни контроли. Во конзолата се сместени централниот ротациски контролер, копчињата за брз пристап до Multi-Sense, копчето за паркирната сопирачка и прекинувачот за темпоматот. На рабовите на конзолата се наоѓаат светлечки ленти, а во врвот на конзолата вертикално е поставен дисплејот од 22 сантиметри на стандардниот мултимедиски систем R-Link 2.
Целосна дигитализација на кокпитот: Таблет во средишната конзола
Во ваква иновативна средина уште однапред може да се претпостави дека зад воланот свети дигитална табла со инструменти. Возачот сам ги избира информациите што се прикажуваат – дополнително на тековната брзина, навигацијата, предупредувањата при пречекорување на брзината и информациите од системите за асистенција што се прикажуваат на проекцискиот дисплеј во боја под ветробранот. Во зависност од избраната програма за возење, кабината се осветлува во зелена, жолта, зелена, црвена или виолетова боја.
Просторноста на кабината и натаму е неразделна од концептот на Espace. При пет седишта во кабината, патниците на задната клупа имаат на располагање простор за колена од 308 mm, што е меѓу најдобрите вредности во класата. Некои детали се преземени од актуелните модели. Од Captur, на пример, потекнува фиоката пред совозачот, во замена за обичната касета, со зафатнина од 12 литри. Разликата кај престижниот Espace е во тоа што фиоката се отвора со електромотор. Под предниот потпирач за рака се наоѓа преграда со зафатнина од 7,4 литри, лево под воланот е уште една преграда од 0,3 литар, десно од рачката на менувачот е затворена преграда од 0,5 литар, додека под конзолата има простор за два држача за чаша. За комоцијата за патниците на задната клупа служи фиоката од 2,5 литри во средишната конзола, како и простор за две шишиња од 0,85 литар во џебовите во вратите. Во предните џебови собира две шишиња од по 2,5 литри.
Соборување на задните седишта од местото на возачот
Импресивна е големината и на багажникот – 660 литри. По пример на Ford Kuga, задниот капак се отвора со замавнување со стопалото под браникот. Задните седишта се преклопуваат во подот или може целосно да се отстранат, со што се добива товарен простор со зафатнина од 2.040 литри. Верно на традицијата, Espace секогаш мора да понуди иновации во приспособливоста и практичноста на кабината. Овојпат тоа е можноста преку копче од местото на возачот да се соборат трите седишта во средниот ред – без разлика на положбата на потпирачите за глава. Соборувањето може да се изврши и од багажникот, со посебно копче за секое седиште. Притоа седиштата исчезнуваат едноподруго, како домино ефект, под дејство на гравитацијата.

Големиот таблет на системот R-Link 2 во средишната конзола го сочинува делот од практичноста за возачот. Поставен вертикално, со него се ракува како со секој друг таблет, со зумирање со два прста или скролување. Освен со вообичаените функции, преку таблетот се ракува и со подвозјето 4Control, со приспособливата амортизација, системите за асистенција, осветлувањето и озвучувањето, па дури и со функциите на предните седишта, како и со соборувањето на задните седишта.
Четири програми на работа на моторот, подвозјето и кокпитот
Изненадувањата не престануваат. Преку централизираниот систем Multi-Sense се ракува со сите технологии вградени во Espace, почнувајќи од управувањето на четири тркала, електронската контрола на амортизерите, управувањето, моторот, автоматскиот менувач, инструментите, до звукот на моторот и осветлувањето во кабината. Постојат четири програми: Еко, Комфор, Неутрал и Спорт. Дополнително постои и можност за меморирање на личните местења на возачот во програмата Персо. Секоја програма има различни местења за реакцијата на моторот, калибрацијата на автоматскиот менувач, управувањето на сите тркала, амортизацијата и серво-поддршката за управувањето.
Најинтересно е секако управувањето. Задните тркала во подвозјето 4Control се завртуваат во степен зависно од брзината, односно овозможуваат поголема стабилност и прецизност при повисока брзина и полесно маневрирање во град. Благодарение на последново, кругот на вртење на Espace е меѓу најмалите во класата. Очигледно е дека задоволството на возачот била една од примарните цели во развојот. Тоа станува уште појасно со следниве факти: Новиот Espace е до 250 килограми полесен од претходникот. Кросоверот прв ја користи платформата CMF и комбинира алуминиум за вратите и хаубата, пластика за предните крила и термопластика за задниот капак.
„Даунсајзинг“ мотори од 1,6 литар во дијапазон од 130 до 200 КС
Renault нуди три мотори за Espace, еден бензинец и два дизели, сите со работна зафатнина од 1,6 литар и турбонатполнење. Според француските техничари, потрошувачката е намалена до 20 проценти. Дизелите имаат 130 и 160 КС, со вртежен момент од 320, односно 380 Nm. Послабата верзија вози со шестстепен мануелен менувач, посилната со шестстепен менувач со двојна спојка. Бензинскиот TCe 200 потекнува од Clio R.S. и исто така оди стандардно во комбинација со менувач со двојна спојка, но со седум степени на пренос.
Цените за првите пазари на коишто ќе започне продажбата на новиот Espace, како и нивоата на опремата и точните перформанси ќе бидат познати по премиерата на моделот на салонот во Париз.
















