На една седмица од почетокот на најголемиот салон годинава Renault ги објави првите фотографии од новата генерација на Espace. Иновацијата е во тоа што ванот стана кросовер.
Тоа што француската марка го најави преку концептниот автомобил на последниот салон во Франкфурт, станува реалност една година подоцна. Renault денес ги објави првите фотографии од моделското име што пред три децении воведе револуција со вановската концепција на каросеријата, со приспособливата кабина и со лесната конструкција на возилото. Исто како и неговите претходници, новиот Espace ќе понуди просторна и добро осветлена кабина за нагласување на просторното чувство, високо ниво на комфор и голема приспособливост на ентериерот. Кросоверот во замена за ванот ќе се нуди во верзии со пет и со седум седишта, со лебдечка средишна конзола, многу иновации во поглед на практичноста и во модуларноста на седиштата. Renault уште не открива детали околу техниката на новиот Espace, но голема е веројатноста дека кросоверот ја користи платформата од новиот X-Trail од партнерот и специјалист за погон на сите тркала Nissan. Купувачите би имале избор на верзија со погон напред или на сите тркала, а зголемениот клиренс е стандард. Останатите детали ќе бидат познати на втори октомври, по премиерата во Париз. Претставувањето на новиот Espace ќе може да се следи директно на www.crossover.renault.com
















