за

Генерациите се менуваат, благородништвото останува: Пречекан новиот Range Rover Sport

Тој е најпродаваниот модел на Range Rover на македонскиот пазар, а уште еден нај-момент поврзан со нашиот пазар е тоа што Македонија прва во регионот го претстави новиот Range Rover Sport.

Големите најави, силната помпа, честа да се присуствува на настанот, ретко прилегаат на друга марка на автомобилската сцена, како што тоа им успева во Range Rover. Благородното што во себе го носат моделите на британската марка има универзална вредност, без разлика дали „RR меѓу теренците“ возат во кралски двор или се впуштени во авантуристички потфати, тие го прават тоа достоинствено. Таква беше и премиерата на новиот Range Rover Sport во Скопје.

Пред повеќе од половина век, Land Rover го соедини тоа што многумина ценеа дека не може да се спои. Range Rover воспостави сосем нова категорија теренски возила. До 1970 година, робусните возила за терен беа првенствено во функција на работни машини, а по потреба можеше да се користат и како трактор. Единствениот луксуз беа обложени седишта и греење во кабината. Вистинската револуција се случи со Range Rover, којшто внесе комфор и луксуз, без да начне во теренските способности.

Пред 17 години, креативците во британскиот Гајдон повторно внесоа промени во сегментот на луксузните возила со неприкосновени теренски таленти, надградувајќи ги сите претходни вредности и доблести, со динамика, врвни возни својства и супериорни перформанси – во Range Rover Sport. На сцената ѝ се допаѓа тоа што Range Rover го прави со својата понуда од модели, па одговори со голем интерес за новиот модел. Тоа е всушност фантастичен интерес. Повеќе од еден милион примероци се продадени досега.

Сега стартува третата генерација на „спортскиот“, којашто е првенствено Land Rover, исто како и сите генерации пред неа. Испораките штотуку стартуваа, а македонскиот увозник Аутомобили Груп ја искористи својата ценета позиција кај принципалот, па Македонија ја имаше честа прва во регионот да го доживее новиот модел. На настан што веќе рутински достоинствено се организира околу претставувањето на новите модели на Land Rover и Jaguar, македонската сцена го одбележа почетокот на продажбата на новиот Range Rover Sport.

Моќен, најмоќен, динамичен, ексклузивен, Range Rover Sport

„Преубаво е чувството што сте сите тука со нас, да го споделиме овој прекрасен, специјален момент, на лансирањето на најпродаваниот модел од брендот Range Rover на нашиот пазар. Да напоменам, дека успеавме први во регионот да го донесеме овој модел, Range Rover Sport, и вечерва, првпат и ексклузивно, да го видите само вие“, се зборовите на Ана Јаневска, генерална директорка на Аутомобили Груп, со коишто беше одбележан почетокот на премиерата на моделот. „Моќен, најмоќен, динамичен, ексклузивен, Range Rover Sport.

Моќниот музички ритам што пет минути најавуваше дека ќе се случи нешто големо, придружен со филм на два скапи видеобимови, играта на светлината и потонувањето на целата сцена во најразновидни нијанси на црвената боја, прва боја за динамика, се покажаа целосно оправдани кога хостесите на настанот го тргнаа велот од Range Rover Sport.

Некогаш тоа беа прави линии, чисти површини и остри рабови, а денес благородноста на еден Range Rover ја оддава каросеријата што изгледа како да е вајана, со мазни површини и со одвај забележливи преоди меѓу страничниот појас и прозорците. Така всушност уште повеќе се нагласуваат традиционалните обележја на дизајнот на британската марка. Динамиката се забележува најдобро кога RR Sport ќе се погледне чисто отстрана: Куси каросериски превиси напред и назад, долго меѓуоскино растојание и линија на покривот што се спушта кон опашот.

Впечатокот за аеродинамичноста не мами, Range Rover Sport има коефициент 0,29

Мазните површини доаѓаат до израз најмногу поради исклучително тенките зјаеви. Тоа е обележје за врвна изработка, така изгледа и скап накит. Предниот дел се карактеризира со три хоризонтални елементи, а линијата што минува по целата страна на возилото внесува дополнителна динамика. Вовлечените рачки на вратите не ја попречуваат беспрекорно мазната форма на каросеријата. Впечатлив е спојлерот назад, верно на Sport. Одговара и аеродинамичноста, коефициентот изнесува 0,29.

Како секогаш, внатрешноста се одликува со најквалитетни материјали, меѓутоа новиот момент е во тоа што голем удел имаат материјалите од обновливи извори. Тоа е денешното благородништво, покажување грижа за животната средина. Покрај традиционалната кожа со спецификација како за кралски двор, може да се изберат и „вегански“ материјали, коишто на пример се состојат од преработка од пластични шишиња. Во поглед на издржливоста, изгледот, постојаноста и чувството при допир, новите материјали не заостануваат зад традиционалните. Современите материјали овозможуваат и звучниците да бидат „сокриени“ во облогите на вратите. Средишниот дисплеј мери 13 инчи, односно 33 сантиметри.

Секој Range Rover Sport излегува од фабрика со нова и подинамична пневматска суспензија, што првпат функционира со променлив волумен. Врвот следи со поврзувањето на „воздушните балони“ со системот за навигација, за амортизацијата на RR Sport да се подготви за реакција уште пред гумите да нагазат врз нерамнината или несовршеноста во подлогата.

Приспособливиот темпомат кај RR работи и на терен

Приспособливото подвозје Dynamics 2 ја проверува подлогата 500 пати во секунда и постојано испорачува импулси за „амортизерите“ да реагираат најдобро што може да се постигне. При брзо возење, на возачот му асистираат управувањето на сите тркала, заедно со приспособливата распределба на вртежен момент до тркалата (Torque Vectoring by Braking) и електронски контролираната блокада на задниот диференцијал. Задните тркала при паркирање на тесен простор можат да се завртат до 7,3 степени.

Преносот на сила е задача на 8-степен автоматски менувач од ZF, во комбинација со паметен погон на сите тркала iAWD. Погонот постојано надгледува колку тракција се бара во моментот до секое тркало и соодветно ги подготвува системите. За излети по теренот е тука усовршениот систем Terrain Response 2, којшто на возачот му остава задача само да ја избере соодветната програма според подлогата по којашто се вози. Новина е приспособливиот темпомат за возење по терен. Тоа е воедно и премиера за Range Rover, што понатаму веројатно ќе се воведува и во останатите моделски серии. Малкумина возачи на RR Sport наишле на ситуација да совладуваат нагорнина од 45 степени, но производителот ги уверува дека нивното возило е способно и за тоа.

Погонската понуда се менува како што налагаат денешниве времиња. Range Rover Sport е достапен и во изведба со приклучен хибриден погон. Шестцилиндарецот и елеткромоторот произведуваат системски 510 КС, досегот се движи до 88 километри. Постои и „послаба“ варијанта, со 440 КС. Врвот во понудата го одбележува 4,4-литарскиот V8, што е особено популарен меѓу клиентелата. Со своите 530 КС, најсилниот RR Sport спринтува до темпо сто за 4,5 секунди. Палетата од мотори ја заокружуваат бензсинци и дизели со шест цилиндри и благ хибриден погон. За две години, светот веќе ќе доживее и целосно електричен Range Rover Sport.

Како се конфигурира Range Rover што вреди колку куќа на Водно?

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes произведува залихи од делови за случај на рестрикција на гас

Со добра Opel Astra оди и добра понуда од прибор