Колку е благороднички овој автомобил, секому е јасно. Дури и без да се знае кој е моделот, очигледно е дека станува збор за скап и луксузен примерок. Направивме една куса авантура низ ценовникот на новиот Range Rover, за да откриеме какви сé опции им се нудат на купувачите на овој автомобил, што увозникот Автомобили Груп веќе го пушти во продажба во новата генерација на македонскиот пазар.
Кај Range Rover е многу едноставно да се опише каков напредок е постигнат во новата генерација на моделот. Петта генерација, патем, почнувајќи од 1970 година, кога светот првпат доживеа врвен теренски автомобил, со луксуз како во англиска лимузина. Новиот Range Rover е најдоброто што Витли умее да го понуди во моментов. Тоа прилично се совпаѓа и со најдоброто што целата бранша има да го понуди.
Без завлегување во техничките и технолошки егзибиции во новиот RR, правиме една прошетка низ ценовникот на моделот, со намера да направиме конфигурација во којашто се вклучени сите опции што ги нуди производителот. Во основа, конфигурацијата се одвива во седум чекори: Избор на моделска изведба, пакет на опрема, мотор, надворешност, внатрешност, опции, прибор. Тоа е исто како кај секоја марка. Но, обемот на ценовникот кажува дека купувачите сепак ги чека многу работа, кога треба да го стокмат својот иден превоз по мера и по желба. Ценовникот содржи 91 страница.
Range Rover нуди три моделски изведби. Покрај стандардната, постои изведба со продолжено меѓуоскино растојание, а од вторава дополнително се нуди и изведба со седум седишта. Понатаму, за секоја моделска изведба посебно се избира ниво на опрема. Основното ниво SE, на пример, не се нуди со продолжена каросерија. Ексклузивното ниво SV, пак, не може да се комбинира со седум седишта. Во нашата конфигурација го избираме нивото Autobiography, коешто се нуди во сите три верзии.
Така изгледа една од најексклузивните конфигурации на Range Rover, во изведбата SV, со ледено бела боја со мат ефект (ca. 12.000 евра), со каросериски додатоци во бронзена боја, со тркала со бронзени детали и со црн покрив
Тоа што Range Rover го цени како основно ниво, светот го гледа како чист луксуз. Само неколку ставки што навестуваат за раскошот, уште во нивото SE: Систем од камери што го прикажуваат целиот простор околу возилото, надворешни ретровизори со заштита од заслепување, ветробран со звучна изолација, стаклен покрив, вовлечени кваки, тркала од 21 инчи, украсни панели од ореово дрво, седишта во виндзорска кожа, меко затворање врати, електрично местење на предните седишта во 20 насоки, електрично спуштање на задната клупа, средишен дисплеј од 13,1 инчи, врвно аудио Meridian со 15 звучници и сабвуфер, пристап без клуч, отворање на задниот поклопец со замавнување со нога.
Следно ниво на опременост е HSE, во коешто доаѓаат уште самостојно паркирање, дигитално управувани диодни светла со проекција на знаци, кабински филтер за PM2.5, поблагородна кожа и вентилација со климатизиран воздух во сите седишта, проекциски дисплеј, уште понапреден аудиосистем Meridian со 3D-ефект, 19 звучници и 800 вати моќност. Доколку се работи за модел со продолжена каросерија, тогаш сончевиот покрив се отвора, а доколку тоа е верзијата со 7 седишта, тогаш задните прозорци имаат ролетни со електромотор, звучно изолирани странични стакла и дополнителна функционалност за третиот ред седишта.
Своевиден заштитен знак е нивото Autobiography. Посебноста на ова ниво се познава уште по натписот на марката. Кога напред на хаубата пишува Range Rover со мат сребрена боја, што во марката ја водат како боја атлас, тоа е Autobiography. Сите каросериски додатоци, од поклопецот на куката за влечење напред до долната лајсна во задниот поклопец, изведени се во оваа боја. Секако дека и натписот во вертикалната ламела во предните врати укажува на нивото на автомобилот. Во опременоста на моделот спаѓа и топлинска изолација за ветробранот, лизхачки сончев покрив, звучно изолирани странични стакла, тркала од 22 инчи со 10 краци, во темно сива боја, потоа 4-зонска автоматска клима, таван обложен со кожа, вметоци во дрвените украсни плочи, осветлени плочки на праговите, греење на воланот, електрични завеси за задните прозорци, специјални патосници и посеопфатно обложување на кабината со кожа.
Импресивни се податоците за аудиосистемот во нивото Autobiography: Вкупно 35 звучници, наменски изработени за Range Rover, засилувач со вкупно 1.600 вати моќност + 80 вати за звучниците во потпирачите за глава. Тоа преку бројка укажува на севкупното ниво на благородност што се почитува во овој автомобил
Нивото First Edition додава уште толку на Autobiography, и меѓу другото располага стандардно со два дисплеи од по 11,4 инчи назад, приклучок за електричен потрошувач назад и со кожена облога на прочуениот дводелен заден поклопец што се претвора во клупа. Кој сака уште поексклузивен нагласок, го има на располагање нивото SV, коешто е надградување на Autobiography и едноставно се препознава однадвор, по тоа што место стилизиран хромиран браник во дното на предниот браник, има пет тенки ламели по целата ширина на браникот. Опција кај SV е рамката на маската, заедно со уште неколку детали, да биде финиширана во боја на бронза.
„Работата“ на конфигурирањето Range Rover допрва почнува. Прво бојата. Покрај универзалната бела боја, се нудат девет металик бои и четири премиум металик бои. Тоа се или нијанси на благородни метали или класични автомобислки бои. Според германскиот ценовник, премиум металик бојата се наплаќа 2.335 евра. Палетата вистински се отвора доколку станува збор за Range Rover SV, значи за модел по нарачка, што е изработен во SVO, односно Special Vehicle Operations. Тука се добива петрол сина боја, портокалова, бакарна, златна, турмалин, секаква боја. Овие т.н. ултра металик бои, секако дека чинат соодветно: 5.508 евра, според германскиот ценовник, достапни само за SV. Повеќето од овие бои се нудат и во мат изведба, а во тој случај цената е 8.976 евра. Сите наведени цени се од германскиот ценовник. По желба, SVO ќе го лакира Range Rover и во боја на банана.
Заради прегледност, опциите ќе ги разгледуваме само за нивото Autobiography. Купувачот прво може да избере, каросериските додатоци да бидат во боја на никел, место во атлас, односно во мат сребрена боја. Тоа е без доплата. Третата опција е овие додатоци да бидат во графитна боја, зависно и од бојата на каросеријата. Тоа чини 900 евра. Следна опција се дополнително затемнети задни прозорци (536 евра).
Вкупно 12 дизајни на тркала стојат на располагање за Autobiography, заедно со стандардниот дизајн под број 1073, што значи пречник од 22 инчи, 10 двојни краци и темно сива боја, со дијамантска обработка. Овие тркала како опција за SE чинат 3.000 евра. Опција за Autobiography се тркала од 23 инчи, исто така со 10 двојни краци, со цена од 2.400 евра. Може да се изберат и црни бандажи, нормално и тие во две изведби.
За покривот да биде лакиран во црна боја, Range Rover наплаќа 1.050 евра. Варијантите на кожата на седиштата и комбинацијата со украсните панели во кокпитот се безбројни, но главното е тоа што во Autobiography се сведува на избор, значи без доплата. Седиштата може да бидат обложени со црна анилин кожа со врвен квалитет, во кафена или во беж боја. За уште поблагородна изработка на анилин кожа од понудата на SV, се доплаќа 1.600 евра. Интересна комбинација е беж арматурна табла и црна кожа на седиштата. Третата варијанта е вештачка кожа во комбинација со платно. Три варијанти има и за таванот: Беж, беж вклучувајќи ги и облогите на кровните столбови и целосно црн. Поглавјето за боите и материјалите се заокружува со изборот од четири изведби на украсните дрвени панели: Орев со вметоци, чисто орев, црна бреза или сјајна црна боја.
Единствено може да се доплати за комфорни бизнис-седишта во вториот ред. Тоа според германскиот ценовник чини 2.400 евра и опфаќа: Масажа со врел камен на сите седишта и грејачи во потпирачите за рака, отвор за долги предмети меѓу задните седишта, едноставно соборување на седиштата, држачи за чаша и 2 приклучоци USB C. Како и сите нешта што ги куќата од Витли, има и второ ниво на комфорни бизнис седишта, коишто чинат 3.700 евра. Главното е тоа што се добива и потпирач за листовите, како и огледало за шминкање за дамите.
Одделението за специјални нарачки изработува и специјален волан, во комбинација со дрво и со грејач, којшто чини 744 евра. Изведбата на предната преграда во средишната конзола како ладилник чини 766 евра. Греење и ладење во место, со програмирано вклучување пред да се влезе во возилото, чини 1.592 евра. За долната половина од задниот поклопец да се користи како клупа во природа, задоволството чини 500 евра, односно 1.200 евра за поклопецот да биде обложен со кожа. По цена од 3.300 евра се добива и мултимедиски центар назад, со два дисплеи од по 11,3 инчи. Бидејќи во светот на богатите, секогаш има и нешто дополнително да се прикачи зад возилото, остануваат уште две опции: Кука со електрично собирање за 1.488 евра, плус асистенција за олеснување на паркирањето по цена од 420 евра.
Заради илустрација, во објавата ги користевме цените за германскиот пазар. Новиот Range Rover мошне рано по премиерата стартува со продажба во Македонија и понудата во гамата на моделот почнува од 187.000 евра. Како што ни посочи директорот на брендот Љупчо Георгиевски, само во првите неколку денови по македонската премиера, веќе има направено три нарачки. Примерокот што го сликавме во салонот е Autobiography, со убедлива надградба со дополнителна опрема, и соодветно со цена од околу четвртина милион евра.