За Range Rover не е тајна дека светот на богатите е гладен за спортски теренци со многу коњски сили. На неговите модели и досега не им недостигаше сила, но и од многу има повеќе.
Купувачите на Range Rover никогаш не можеле да се пожалат дека им недостигаат коњски сили во нивните возила. И покрај тоа, британската благородна марка ќе ја збогати понудата со уште посилни моделски изведби. Стартот ќе го одбележи Range Rover Evoque RS и тоа уште во оваа година, а подоцна ќе следува верзија RS и од поголемиот модел Range Rover Sport.

За погонот во компактниот теренец врз основа на Land Rover Freelander ќе се грижи дволитарски мотор со турбонатполнење и 300 КС. Актуелниот топ модел вози со истиот мотор, но со 230 КС. За поголемиот Range Rover Sport ќе се користат моторите од моделските изведби R и RS на сестринската марка Jaguar. Кај него ќе работат осумцилиндарци во V со механички компресор и моќност до 550 КС. Со оваа сила, Sport ќе забрзува до темпо 100 за околу 4,5 секунди.
За претстојната премиера на новата генерација на Range Rover Sport на салонот во Франкфурт, врвниот модел ќе се појави со 510 КС. Главен конкурент на Evoque RS е Audi RS Q3 (310 КС), додека Range Rover Sport RS ќе се соочува со Mercedes M 63 AMG (525 КС) и Porsche Cayenne Turbo S (550 КС).