Нееднакво развиената мрежа од полначи, поскапувањето на суровините и двоумењето на купувачите што размислуваат за електричен автомобил, направи продолжувачите на досег, односно малите бензински мотори што се поврзани со генератор и произведуваат струја, да им станат важни на производителите на автомобили.
„Продолжувачите на досег добиваат на важност, затоа што електрификацијата напредува со различна брзина во одделни региони, во одделни сегменти на возила и во одделни услови на користење на возилата,“ вели Диба Илунга, претседател во Магна Пауертрејн, еден од најголемите добавувачи за автомобилската индустрија.
„Тоа бара од добавувачите од прв ред да развијат флексибилни технологии, што ќе ги поддржат производителите на автомобили во оддолжениот период на транзиција, во којшто електричните автомобили, хибридите и електричните автмобили со продолжувач на досег ќе опстојуваат заедно,“ објаснува Илунга.
Вишиот потпретседател на добавувачот ЗФ Фридрихсхафен за електрифицирана погонска технологија, Отмар Шарер, вели дека мрежата од полначи, сигурноста во снабдувањето со струја, прифатеноста од страна на клиентите, цените на суровините и законите, се разликуваат значително од еден до друг пазар. „Иднината е елеткрична и БЕВ ќе продолжат да растат,“ кажа тој.
Нагло расте побарувачката за продолжувачи на досег, вклучувајќи ги приклучните хибриди со долг досег (ПХЕВ) и електричните возила со продолжувач на досег (РЕЕВ). Овој вид погон ги ослободува купувачите од страв дека досегот ќе им биде недоволен, а во исто време нуди достапна цена и претставува решение за пазари во коишто е недоволно развиена мрежата од полначи.
Производителите на автомобили исто така ценат дека РЕЕВ се важен чекор за исполнување на целите на Европа за електрификација.

Извршниот директор на групацијата Рено, Франсоа Прово, вели дека продолжувачите на досег имаат смисла кај големите возила и дека групацијата планира да ја користи оваа технологија во своите идни модели.
Зикр на 29-ти јули објави дека годинава ќе го воведе во понуда 9 Икс ЕРЕВ, а Фолскваген на салонот во Пекинг годинава го прикажа ИД Ера 9 Икс.
Светскиот пазар за продолжувачи на досег се проценува на 10 милијарди долари до 2034 година, со предвидување за 2,94 милијарди долари во 2026 година.
Постои голема разлика меѓу РЕЕВ и приклучните хибриди, во начинот на којшто се пренесува силата до погонските тркала. Кај РЕЕВ, електромотор секогаш го движи погонските тркала, додека малиот бензинец работи само како генератор, додека кај приклучните хибриди, погонот до тркалата може да го испорачаат и електромоторот и моторот, или двата заедно.
Forthing S7 REEV · Најбензинскиот електричен автомобил на пат од 750 км низ Македонија
Добавувачите Магна и ЗФ развиваат системи за производителите на автомобили
Магна Пауертрејн нуди решенија за модуларен продолжувач на досег, во вид на мотор со внатрешно согорување или како горивна ќелија со погон на водород, што се користат како генератор. Нивниот систем ДХД РЕКС користи единечен електромотор, што го движи возилото при патување на автопат, но главно работи како сопствен генератор во возилото, за да произведува електрична енергија што се испорачува кон батеријата на возилото.

ЗФ, пак, нуди интегриран модуларен продолжувач на досег, вклучувајќи напредна верзија што годинава ќе биде понудена во големиот СУВ-модел Д19 на Липмотор, знаменосец на кинескиот партнер на Стелантис.
Корист и за производителите и за добавувачите
Користа на производителите на автомобили и на добавувачите е во тоа што со РЕЕВ можат да покријат најразлични пазари и барања на купувачите, користејќи ја истата платформа како кај обичните електрични автомобили.
Во нив се користат постоечки компоненти, како интертери, софтвер и механички врски, потоа се скусува времетраењето на развојот и системот е флексибилен за на производителите да им се понуди погон точно според нивните барања.
РЕЕВ и ПХЕВ со долг досег користат помали и поевтини батерии од обичните електрични модели, со што се поевтинува и производството и продажната цена на возилата.
Електричните автомобили со продолжувач на досег им се прифатливи на купувачи што немаат можност да постават сопствен полнач или е неразвиена мрежата од полначи во нивниот регион.
















