
Ти 7 се придружува на растечкиот сегмент на СУВ со средна и полна големина, понудувајќи му го на пазарот изгледот што го популаризираше Ленд Ровер Дефендер, но по подостапна цена. Ценовникот во Обединетото Кралство почнува од 47.995 фунти, што е за околу 10.700 фунти под цената на основната моделска изведба Ленд Ровер Дифендер 90.
Кинескиот производител го позиционира петметарскиот Ти 7 како богато опремена алтернатива на постоечките модели со приклучен хибриден погон, посебно на Хјундаи Санта Фе или Шкода Кодијак.
Со доаѓањето на Ти 7 се засилува и присуството на Кинезите во овој сегмент, во којшто модели од марките БИД, Чери, Шаопенг и Липмотор заедно имаат постигнато една четвртина од вкупната продажба на возила во првите пет месеци од годинава.
Продажбата на модели со приклучен хибрид во овој сегмент постигна раст од 59 проценти и учествува со 23 проценти во истиот.
Седумседот Ти 7 располага со новиот приклучен хибриден погон Дуал Моуд Перформанс на БИД, за којшто производителот тврди дека нуди „забрзување како на спортски автомобил.“
Бензинецот од 1,5 литар работи во комбинација со два електромотори, испорачувајќи моќност од 408 КС. Забрзувањето до темпо сто трае 4,8 секунди. За споредба, Санта Фе со приклучен хибрид спринтува за осум секунди.
Батеријата од 36 кВч испорачува енергија за 119 километри, со што Ти 7 е во предност пред Санта Фе, со скромни 55 километри, но и пред Кодијак, којшто вози 113 километри на струја.

Ти 7 чини околу 5.000 фунти помалку од Санта Фе ПХЕВ. Шкода Кодијак, пак, подостапна е 5.000 фунти од БИД, но не се нуди во верзија со седум седишта во погонската изведба со приклучен хибрид, затоа што техниката го зазема тој простор.
Можен иден соперник е Фолксваген ИД Ера 9 Икс, но тој засега се продава само во Кина. Фолксваген сепак размислува, моделите што ги има развиено за Кина, да го понуди во Европа. ИД Ера 9 Икс ќе биде добра замена за Туарег, што повеќе не се произведува.

Во Кина, моделот се продава под премиум марката Фанг Ченг Бао. Компанијата сепак реши да не го води Ти 7 под својата премиум марка Денза во Европа, како што е случај со останатите модели на Фанг Ченг Бао, на пример, Денза Б5. За разлика од Ти 7, Б5 повеќе е наменет за теренско возење, со класична носечка рамка.
За пазарот во Обединетото Кралство, Ти 7 доаѓа со стаклен покрив, ветробран и предни стакла со звучна изолација и кожен ентериер. Средишниот екран е со големина од 15,6 инчи. Предните и седиштата во средниот ред имаат загревање и вентилација. Средните седишта исто така се местат во четири насоки.

Со зафатени 7 седишта, багажникот нуди 126 литри, но кога третиот ред е соборен, остануваат 970 литри, односно максимални 1.830 литри, кога се зафатени само предните седишта.
Ти 7 е вториот седумседен СУВ на БИД во Европа, по целосно електричниот Танг, којшто се нуди на неколку најважни пазари, како Германија.
Продажбата во континентална Европа ќе стартува в година, БИД не наведе датуми.















